Погледнете кои системи руските „ракеташи“ ги добиваат наредната година

Wikipedia
Се работи за систем од нова генерација кој е специјализиран за борба против широк спектар аеродинамични и балистички цели, во услови на масивен воздушен напад. Покрај него, ќе продолжи и испораката на проверените системи со мал и голем дострел - „Панцир-С1“ и С-400 „Триумф“.

Воздушно-космичките сили (ВКС) наредната година првпат ќе ги добијат најновите ракетни системи за ПВО С-350 „Витјаз“. Исто така, наредната 2019 година ВКС ќе бидат пополнети со 10 комплети противвоздушни ракетни системи „Панцир-С1“ и С-400 „Триумф“. Ова денес го истакнаа од информативната служба на Министерството за одбрана на Руската Федерација, пренесува српскиот интернет сајт Бог-рата.

Во Министерството за одбрана на РФ се осврнаа и на годината која изминува. Имено, единиците за ПВО кои се наоѓаат на Крим, во Хабаровскиот крај, Лениградската и Калининградската област, како и на Арктикот, се пополнети со комплекси С-400 и „Панцир-С“. „Што се однесува до борбената обука во 2018 година, изведовме повеќе од 200 воени вежби на различно ниво, од кои 20 беа со боево гаѓање“, истакнуваат од руското Министерство за одбрана. Според нив, во тие вежби се потрошени повеќе од 500 ракети со различен дострел. Во 2018 година се обучени повеќе од 2000 војници-ракеташи, кои усвоија специјални знаења кога е во прашање употребата на современите системи за ПВО:

Што се однесува до усвојувањето на новото средство за ПВО како што е С-350 „Витјаз“, за тоа зборуваше и лично министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Тој неодамна истакна дека руската армија во 2019 година ќе го добие ова средство.

С-350 „Витјаз“ претставува ракетен систем со среден дострел, кој спаѓа и во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витјаз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со краток и среден дострел. Треба да се напомене дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

Еден дивизион на ракетниот систем С-350 „Витјаз“ се состои од:

  • Команден пункт 50К6 ЗРС С-350 „Витјаз“ – 1 парче

  • Повеќенаменска радарска станица РЛС 50Н6 ЗРС С-350 „Витјаз“ – 2 парчиња

  • Самоодни лансирни единици 50П6 ЗРС С-350 „Витјаз“ – 8-12 единици со 96-144 ракети

Противвоздушниот хибриден ракетно-топовски систем со краток дострел „Панцир С1” е наменет за заштита на цивилни и воени објекти од напади со сите современи и перспективни средства за  воздушен напад, во сите метео услови без оглед на добата на денот (ден/ноќ), при масовна употреба на противнички средства за противелектронска борба. Со ракетите може да гаѓа цели на далечина до 20 км/ висина 15 км, додека со топовите покрива растојание до 5 км. Топовите дејствуваат со брзина од околу 4800 гранати во минута. Благодарение на својата универзалност системот може да се употреби и против копнени и надводни цели.

С-400 „Триумф“ претставува систем со голем дострел кој е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во висина дејствува и до 35 км. Во рамките на еден дивизион најчесто се наоѓаат 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 воздушни цели на непријателот, во оперативен борбен радиус до 400 км.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња