Три руски борбени системи кои немаат аналог во светот

С-400

С-400

Сергеј Малгавко /TASS
Воениот новинар Николај Литовкин за Russia Beyond-Македонија издвои три борбени системи со кои Русија технолошки ги надмина Соединетите Американски Држави и другите најблиски конкуренти.

Руската Федерација и Соединетите Американски Држави остануваат технолошки лидери на полето на вооружувањето во 2019 година. И двете држави имаат скриени карти во ракавите. Во оваа статија ќе зборуваме за трите руски оружја на кои би требало да се обрне внимание.

Новата нуклеарна ракета на Путин

Кон крајот на 2018 година рускиот претседател Владимир Путин лично го следеше текот на балистичкото тестирање на новата интерконтинентална ракета од типот „Авангард“ која од оваа година ги штити руските граници.

Интерконтиненталната балистичка ракета „Авангард“ е последен збор на руската ракетна наука. За разлика од своите претходници и од „конкурентите“ од странство таа може да се искачи десетина километри во височина и да лета до својата цел низ густите слоеви атмосфера, маневрирајќи и заобиколувајќи ги антиракетните „чадори“ со хиперсонични брзини. Вакви можности не поседува ниту една друга ракета денес.

Тоа значи дека ракетата со разорна сила 130 пати поголема од онаа што беше ослободена во Хирошима може да лета до својата цел со брзина од 20 маха (околу 24.000 километри на час).

„Во моментов во странство не постојат хиперсонични технологии кои со нуклеарниот потенцијал на другите земји би им овозможиле да го достигнат нивото на 'Авангард'. Затоа со развојот на оваа нова ракета, Русија обезбеди сигурност на своите граници во децениите што доаѓаат“, изјави Дмитриј Сафонов, поранешен воен аналитичар на весникот „Известија“.

Но, „Авангард“ е дел од руската нуклеарна тријада на која цел не ѝ директно да учествува во непријателства, или да „уништува други земји“, ами да го одврати потенцијалниот агресор од напад на Руската Федерација. Затоа не мора да се плашите дека ќе го видите ова нуклеарно чудовиште во акција.

Системите за ПВО од типот С-400 „Триумф“

Уште еден руски систем кој го „обиколи целиот свет“ е системот за противвоздушна одбрана од типот С-400 „Триумф“ (или како што го нарекува НАТО „Growler“).

Тој може да ги пронајде своите воздушни цели околу себе во радиус од 600 километри и да ги собори веќе на оддалеченост од 400 километри од себе. Не е важно дали станува збор за крстосувачки ракети со големи маневарски можности или за интерконтинентална балистичка нуклеарна ракета која кон Земјата лета низ космосот од другиот крај на светот, системот ќе „види сè“, ќе ја „заклучи“ целта и ќе ја собори од сигурно растојание.

Неговата главна разлика во однос на својот директен конкурент олицетворен во американскиот систем MIM-104 „Патриот“ е токму таа способност да „види“ и да собори цели во целосен круг околу себе. „Американецот“ може да работи и да „гледа“ само во однапред определена насока, со агол од 180 степени.

Освен тоа, разместувањето на лансирниот систем „Патриот“ и неговата подготовка за борбено дејство трае дури половина час! За тоа време ракетата ќе има време да ги погоди своите цели, а битката ќе биде изгубена.

Конечно, „Американецот“ ја погодува целта на половина помало растојание – 180 километри, наспрема 400 на рускиот систем. Ова има важна улога не само во борбата против ракетите, ами и против ловците и бомбардерите – овие чудовишта немаат шанса да се ослободат од своите боеви глави кога ќе се соочат со С-400.

Горенаведените фактори се причини поради кои дури и членките на НАТО преферираат да купуваат руска опрема и покрај заканите за економски санкции против нив.

Тенкот од новата генерација Т-14 „Армата“

Техниката на платформата „Армата“, а пред сè тенкот Т-14, е нова во светот и воопшто во изградбата на тешки оклопни возила во 21 век.

Тенкот Т-14 стана првиот тенк од третата генерација во светот. Опремен со топ 2А82 со калибар од 125 милиметри (со помош на монтирање на топот 2А83 со калибар од 152 милиметри), со целосно дигитализирано далечинско управување. Едноставно кажано, ова е единствен тенк на светот со „беспосадна“ купола зашто целиот екипаж се наоѓа во изолирана капсула со силен фронтален оклоп, од каде се управува со возилото. Ова технолошко решение му овозможува на екипажот да преживее дури и во случај на директен погодок и експлозија на муниција во возилото.

Притоа оклопот на овој тенк може да издржи погодоци од поголемиот број современи противоклопни гранати и ракети во светот.

Кога сме веќе кај заштитата, Т-14 поседува нов систем за активна заштита од типот „Авганит“ кој може физички да уништува цели и да ги онеспособува. Составен е од четири фазирани решетки-антени кои „фаќаат“ противнички проектили што му приоѓаат на возилото за да го онеспособат со помош на ласер, на радар или на завеса од чад.

Во случај проектилот да се „пробие“ низ радарите и ласерите, на сцената настапува динамичката заштита од типот „Малахит“, која ги запира ракетите.

„Најблискиот американски ривал на Армата е тенкот Абрамс. Ова возило е 'преслечено' со добра динамичка заштита, но не поседува оклопна капсула за екипажот. Затоа во случај на директно погодување со противоклопна муниција, шансите за спасување на екипажот се помали“, забележува Сафонов.

Според него, важна разлика помеѓу овие два тенка се и неговите топови, како и каденцата на дејствието, односно бројот испукани проектили во минута.

„Тенкот Т-14 може да постигне каденца од десет проектили во минута, со способност за погодување на целта на оддалеченост до седум километри. Од друга страна, каденцата на американскиот Абрамс е само три гранати во минута, со максимален дострел од 4.600 метри. Овие два километри разлика можат да имаат решавачка улога во борбите со милитантите на Блискиот Исток“, заклучува аналитичарот.

Прочитајте исто така: Специјал: На што ќе потроши 1.3 билиони рубли Министерството за одбрана во 2019 година?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња