Специјал: На што ќе потроши 1.3 билиони рубли Министерството за одбрана во 2019 година?

Слободан Ѓукиќ
Руското Министерство за одбрана планира и во 2019 година да продолжи со крупните проекти за набавка на современа и модернизирана воена техника за потребите на руската армија. За таа цел, според податоците што ги соопшти медиумската куќа РИА Новости, издвоена е сума од околу 1.3 билиони рубли. Во следниот текст ќе се обидеме да ги издвоиме најважните нешта на кои ќе биде потрошена оваа сума пари.

Ракетни нуклеарни сили

На прво место треба секако да се истакне дека сериозното „бустерирање“ на Ракетната војска за стратешки намени, која во 2019 година ќе добие нови ракети на кои ќе бидат имплементирани хиперсоничниот систем „Авангард“. Тој официјално веќе се наоѓа во вооружувањето на руската армија, а до крајот на годината се планира со овие ракети да се опреми една од ракетните дивизии во Оренбуршката област. 

Покрај системите „Авангард“ Ракетната војска за стратешка намена ќе продолжи планирано превооружување со силните ракети „Јарс“, и тоа во силосно-стационарна и во мобилна варијанта. Во следните неколку години се очекува и замена на тешките интерконтинентални балистички ракети „Воевода“ со нивниот наследник „Сармат“.

Конкретно, оваа година ќе започнат неговите летно-технички тестирања, а ако сè биде во најдобар ред, првите „Сармат“ во оперативна употреба можеме да ги очекуваме во 2020 година. Претпријатијата кои учествуваат во изработката на овие импозантни, но мошне сложени ракети ќе го подигнат своето ангажирање до апсолутен максимум (работа во три смени), за да ги исполнат временските барања за реализација на овој проект.

Воздухопловна компонента

Оваа година се очекува дефинитивен прием на првите примероци на борбените авиони од петтата генерација Су-58 кои треба да ја унапредат борбената способност на воено-космичките сили. Минатата година овој авион ги мина своите завршни тестирања, каде дури и учествуваше и во борбените мисии на небото над Сирија. Досега во опитно-конструкторската фаза на проектот произведени се десетина ловци Су-57. Судејќи според сè, за време на официјалниот прием во оперативното вооружување, руската армија ќе добие најмалку една комплетна ескадрила со 12 вакви авиони.

Оваа година се очекува конечно завршување на тестирањето на лесниот ловец од 4++ генерација МиГ-35 каде до крајот на оваа или почетокот на следната година ќе започне и неговото сериско производство. Производните капацитети можат годишно да комплетираат три ескадрили со 36 борбени апарати МиГ-35. Покрај стандардните, се планира и развој на поморска верзија на овој авион (МиГ-35К).

Уште една интересна работа која може да се реализира оваа година се однесува на зајакнувањето на воздухопловната флота со нови авиони за радарско набљудување и наведување. Имено, постои голема веројатност дека оваа година ќе биде потпишан договор помеѓу Министерството за одбрана и авиопроизводителот за набавка на ултрамодерен „летачки радар“ А-100 „Премиер“.

Армиската авијација во 2019 година во своето вооружување ќе прими 25 борбени хеликоптери (Ка-52 „Алигатор“ и Ми-28Н „Ночној охотник“). Последниов ќе биде опремен со заштитен систем кој е ефикасен против ракети од класата земја-воздух. Можно е во пакетот од 25 хеликоптери да се најдат и неколку сериозно модернизирани варијанти Ми-28НМ кои покрај унапредената авионика ќе имаат и нов мотор со зголемени експлоатациски карактеристики ВК-2500П. Етапата на неговите летно-технички тестирања се наоѓа во завршна фаза.

Се очекува мошне капитална модернизација на транспортната хеликоптерска компонента која ќе превезува најголеми товари. Така, оваа година во оперативна употреба ќе влезе модернизираниот тежок хеликоптер Ми-26Т2-В. Тие, за разлика од основната верзија на овој "тешкаш", ќе има далеку поквалитетна електронска опрема која ќе обезбеди ефикасно изведување на сите задачи во најсложени временски услови.

Исто така, овој хеликоптер ќе биде опремен со противракетна одбрана „Витебск“ кој е особено ефикасен против преносните ПА ракети кои се испукуваат од рамо.

Радарско-набљудувачка компонента

И во 2019 година ќе се продолжи со капиталното опремување на единиците за противвоздушна и за противракетна одбрана на ВКС на Русија. До крајот на 2019 година ќе биде завршено комплетирањето на мрежата на радарски единици со екстремно голем дострел „Воронеж“ кои претставуваат копнен ешалон за рано откривање на ракетен напад. Во овој момент овие станици се наоѓаат во оперативна функција во Ленинградскиот, Калининградскиот, Иркутскиот и Краснодарскиот крај. Неодамна беше завршена фазата на предоперативни тестирања на радарските станици кои се наоѓаат во Оренбуршаката област, во Краснојарскиот и во Алтајскиот регион, така што до крајот на 2019 година Русија во оперативна функција ќе има седум вакви радари со исклучителни технички карактеристики.

Покрај ова, Министерството за одбрана планира и набавка на стационарни крајбрежни радарски станици за контрола на водното пространство „Бусол-С“ кои ќе бидат распоредени околу Мурманск, Кронштат и Севастопољ.

Копнена компонента

Копнената војска ќе продолжи со опремување на длабоко модернизираните тенкови Т-72Б3. Еден тенковски баталјон со 30 тенкови од овој тип во првата половина на 2019 година ќе биде испорачан на мотострелелечката бригада која се наоѓа во Оренбуршката област. Кога станува збор за воведување на основните борбени тенкови од новата генерација Т-14 „Армата“ и на тешките борбени возила за пешадијата Т-15, со Министерството за одбрана беше потпишан договор за испорака на 132 единици од овие оклопници која веројатно ќе започне кон крајот на оваа, или на почетокот на следната година.

Во оклопно-механизираните единици се наоѓа опитна партија борбени возила за поддршка на тенковите „Терминатор“ кои најверојатно во овој статус ќе се задржат во текот на оваа година. Исто така, се очекува и понатамошна испорака на тешките ракетни фрлачи ТОС-1А „Солнцепјок“ на артилериските единици на руската армија. Министерството за одбрана го потпиша договорот за набавка на 2.000 ракети со термобарични боеви глави кои се специјално наменети за употреба на овие системи.

Добри вести ги очекуваат војниците кои се наоѓаат во состав на артилериските единици за огнена поддршка, конкретно за минофрлачите. Тие во 2019 година постепено ќе бидат опремени со новите артилериски системи „Набросок“ чиј развој неодамна успешно беше завршен. Се очекува дека оваа година ќе започне нивното сериско производство, со мошне добро излезно темпо поради едноставноста на целиот систем. Основната идеја за време на конструкцијата на овој систем беше минофрлачките екипажи во однос на денешното време да станат мошне подвижни – мобилни. За таа цел, минофрлачот со новиот систем за управување со огнот се монтира на платформа на тркала (најверојатно ќе оди на оклопниот автомобил „Тајфун“).

Кога станува збор за тешкото артилериско оружје кое прави најголема штета на фронтот, рускиот воено-индустриски комплекс направи проект за модернизација на тешките самоодни хаубици 2С7 „Пион“. Проектот го носи името „Малка“ (2С7-М „Малка“). Станува збор за оружје кое покрај конвенционалната муниција со калибар од 203 милиметри може да испукува и тактички нуклеарни гранати. Неговиот дострел изнесува 50 километри, а благодарение на темелната електронска модернизација ова оружје може да дејствува и со високопрецизни проектили кои за него одделно се развиваат. Според податоците кои доаѓаат од руски извори, оваа муниција ќе има тежина од над 100 килограми, а нејзиното максимално отстапување од целта ќе изнесува 5-7 метри во далечина од 50 километри, што претставува незначајна грешка. Модернизираната тешка самохотка 2С7-М „Малка“ веќе се наоѓа во режим на експлоатација во артилериските единици на Централниот воен округ. Во оваа 2019 година се очекува нејзина масовна испорака на руските вооружени сили.

До крајот на годината се очекува и крајот на завршните тестирања кога станува збор за модернизираниот хибриден ракетно-топовски систем „Панцир-С1-М“. Овој систем е специјално модернизиран за борба против минијатурните беспилотни летала. Во пакет со него единиците на руската армија оваа година ќе почнат масовно да го добиваат и рачното радиоелектронско оружје „Пишчаљ“ кое има задача да го неутрализира каналот на управување помеѓу беспилотното летало и управувачкиот пункт и на тој начин да го онеспособи.

Воздушно-десантна компонента

Министерството за одбрана реши во 2019 година да го забрза тестирањето на модернизираниот самоодечки десантен ловец за тенкови „Спрут-СДМ1“. Станува збор за средство чија основна верзија уште пред петнаесетина година влезе во вооружувањето на „летачката пешадија“. Според карактеристиките на огнената моќ ова средство е идентично на основниот борбен тенк Т-90. За разлика од основната верзија, најновата модификација ќе има нова шасија, посилен погонски агрегат, посовремена трансмисија и дополнително унапреден систем за управување со оган. И понатаму останува отворено прашањето за степенот на оклопната заштита на овој лесен тенк, која не е на некое ниво со оглед на карактерот на современите судири каде масовно се употребуваат рачни фрлачи на ракети и противтенковски ракети. Руските конструктори во тој случај предлагаат интеграција на системот за активна заштита „Арена-М“. Останува да видиме како тоа ќе се реши во периодот што следува.

Покрај модернизацијата на „летачкиот тенк“ руските конструктори работат и на полето на изградба на „летачка артилерија“. Така неодамна беше претставен артилерискиот систем „Дрок“ кој ќе биде составен од мобилна платформа на тркала Тајфун ВДВ и купола со артилериско оружје (најверојатно минофрлач со калибар од 82 милиметри). Ова средство ќе може да се десантира од авион, а според својот изглед и според карактеристиките ќе има сличности со системот „Набросок“. Оваа година се очекува комплетирање на првите оперативни модели од ова оружје.

Оваа година се планира започнувањето на фазата на опитни тестирања кога станува збор за развојот на нови падобрански системи за десантирање на оклопната борбена техника. Имено, руските конструктори направија падобрански систем кој е специјално проектиран за борбеното десантно возило БМД-4М. Тој ќе има многу посовршени карактеристики во однос на претходните куполни системи. Приземјувањето на возило кое е тешко неколку десетини тони ќе биде мошне меко и комфорно, благодарение на ефективната површина на падобранскиот запирачки блок кој достигнува импозантни 4.000+ квадратни метри.

Потсетуваме дека Министерството за одбрана подготви проект за зајакнување на ВДВ со ударни хеликоптерски системи на армиската авијација, потоа за единиците за противвоздушна и противракетна одбрана, како и со основните борбени тенкови Т-72Б3 од кои ќе се формираат три тенковски баталјони.

Поморска компонента

Сериозно опремување ја очекува руската воена флота. Според командантот на руската воена морнарица, адмиралот Владимир Корољов, до крајот на оваа година овој вид на руската војска ќе биде зајакнат за 30 борбени пловила од различен вид и намена.

Конкретно, во единиците на Северната флота ќе влезе ракетната фрегата 22350 „Адмирал Касатонов“ кој во моментов се наоѓа во завршна фаза на фабрички тестирања. Треба да се истакне дека во јули 2018 година Андреевското знаме беше подигнато на палубата на главната фрегата од оваа серија борбени бродови „Адмирал Горшков“. Моментално во фаза на изградба се наоѓаат уште два брода од проектот 22350 – „Адмирал Головко“ и „Адмирал Исаков“ кои на почетокот на втората деценија од 21 век ќе бидат испорачани на Тихоокеанската и на Северната флота.

„Адмиралите“ ќе имаат депласман од речиси 5.400 тони. Погонската сила што ја генерираат гасните турбини може да достигне 50.000 коњски сили, и тие му овозможуваат на бродот без дополнително полнење гориво да се минат 4.500 наутички милји (секако ова се однесува на економична маршовска брзина на пловење). Максималната брзина на бродот при форсажна работа на моторот достигнува 34 јазли (околу 65 километри на час). Тоа е респектабилен борбен брод кој во своето вооружување ќе има артилериски систем А-192 „Армат“, потоа противбродска верзија на ракетите „Оникс“ и „Калибр“. Противвоздушната одбрана ќе ја обезбеди ракетниот систем „Полимент-Редут“. Станува збор за први поголеми надводни пловила кои се изградени во постоветско време. За време на нивната конструкција и на самата изработка применети се најновите достигнувања од областа на бродоградбата.

Еден од најголемите настани кои воопшто ќе се случат во текот на 2019 година кога станува збор за опремување на руската армија со нови средства, секако е прием во оперативно вооружување на подводниот стратешки носач на ракети „Кнез Владимир“ (класа „Бореј-А“) и атомската офанзивна подморница „Књаз“ (класа „Јасењ-М“). Покрај ова, ќе се продолжи со понатамошно производство на дизел-електрични подморници за потребите на Тихоокеанската флота, познати како „Црна дупка“ (проект 636.3 „Варшавјанка“).

Црноморската флота во 2019 година ќе добие најмалку два ракетни брода опремени со ракети „Калибр“. Ова не е првпат со крстосувачки ракети „Калибр“ да се зајакнува Црноморскиот регион. Неодамна во оперативна функција беа воведени ударни бродови од класата „Бујан-М“ („Орехово-Зуево“ и „Вишниј Волчок“, а покрај нив тука се и современите патролни бродови од класата „Буревесник“ („Ессен“, „Макаров“ и „Григорович“) сите вооружени со ракети од типот „Калибр“.

Во Балтичката флота оваа година се очекува завршување на капиталниот ремонт на патролниот брод „Неустрашими“ (Проект „Јастреб“). Кога станува збор за оваа флота во следните неколку години се очекува нејзино сериозно опремување со ракетни бродови од класата 22800 кои ќе имаат ракети „Калибр“ во своето вооружување (секоја година по еден ваков брод).

Копнените единици на Касписката флота во 2019 година ќе бидат зајакнати со ракетен комплекс брег-море „бастион“. Се планира образување на уште еден пол од морнаричката пешадија со 1.500 лица, како и испорака на три авиони Бе-200 и три хеликоптери Ми-14ПСМ. Кога станува збор за поморската компонента се очекува Касписката флота да биде зајакната со два ракетни чамци и два десантни брода на воздушна перница.

Мошне е важно да се спомене дека во 2019 година на единиците на воената морнарица ќе им биде испорачан и големиот десантен брод со депласман од 5.000 тони „Пјотр Моргунов“ кој припаѓа на класата 11711 „Иван Грен“ (истоимениот брод од 2018 година се наоѓа на служба во Северната флота). Овие бродови претставуваат продолжение на развојот на класата големи десантни бродови 1171 „тапир“. Бродот може да превезува до 300 припадници на морската пешадија. Кога станува збор за борбената техника тој може да превезе над 30 оклопни транспортери или 12 основни борбени тенкови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња