Американците почнаа да продаваат ловци од 4 генерација МиГ-29 набавени по распадот на СССР

Слободан Ѓукиќ
Се работи за верзија на авионот МиГ-29УБ која по распадот на СССР е набавена во Украина. Авионот главно е употребуван за проверка на неговите летечко-технички карактеристики.

Американската компанија Raptor Aviation, која се наоѓа во сојузната држава Флорида, продава летало од четвртата генерација МиГ-29УБ, пренесува интернет порталот Лента.ру.

Овој авион е произведен 1986 година во СССР и е купен по распадот на земјата во Украина, за сума од 4,65 милиони американски долари. Во тоа време авионот имал налет од 818 часови. Кога ја достигнал бројката од 700 часови  налета, авион поминал фаза на капитален ремонт кој е реализиран во Украина.

Американските медиуми потсетуваат дека овој авион е употребуван во вежбовните активности на Војската на САД кои се одржувале на територијата на оваа држава. Притоа се тестирани неговите летечко-технички карактеристики. Според наводите на Американците, авионот бил во состојба да постигне брзина од 2,4 маха. Неговата горна граница на летање достигнувала 18000 метри, а максималниот долет со полни резервоари изнесувал 1800 километри. Меѓутоа, овие тестирања се изведувани во услови кога од авионот е отстранет 30-милиметарскиот топ „Грјазев-Шипунов“, како и радарскиот нишански комплекс РЛПК-29.

Во САД се наоѓа група од околу 20 авиони МиГ-29. Овие авиони се набавени 1997 година од Република Молдавија. Американците тогаш набавија комплетни две ескадрили со овие летала кои се наоѓаа во состав на 86 гардиски ловечки полк базиран на аеродромот Маркулешти. Оваа набавка ги чинеше САД околу 40 милиони американски долари, или нешто помалку од два милиона долари за летало. Групата авиони МиГ-29 потоа е транспортирана во САД, каде е сместена во хангарите на воздухопловната база Рајт-Патерсон во државата Охајо. Претпоставката е дека овие авиони повеќе не се во летечка состојба, односно дека служат како изложбени експонати во неколку американски воздухопловни бази.

Тактичкиот ловец-пресретнувач од четвртата генерација МиГ-29 сериски се произведува од 1982 година. Во СССР, а подоцна Руската Федерација, врз негова основа се направени голем број модификации кои значително ги подобрија борбените способности на овие летала и го продолжија векот на неговата употреба. Врз основа на овој авион е направена и морнаричката модификација МиГ-29К, која може да полетува од носачи на авиони.

И најновиот повеќенаменски ловец-пресретнувач од генерацијата 4++  МиГ-35 како своја база го користеше дизајнот на авионот МиГ-29. Се разбира, неговите летечко-тактички можности во однос на авионите  МиГ-29 (вклучувајќи ги и неговите модификации) значително се зголемени, благодарение на употребата на новата технологија која се користи кај леталата од петтата генерација. На меѓународниот пазар на оружје и воена техника цената на еден авион МиГ-29 во стандардната конфигурација изнесува околу 20 милиони американски долари.

Прочитајте повеќе: Универзално летало: Ловци МиГ-29 обезбедија воздушна поддршка на специјалните состави на земја

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња