Можат ли новите услуги на Јандекс да ја направат Русија земја без Гугл?

Yandex.Phone

Yandex.Phone

Антон Белицки/Global Look Press
Рускиот провајдер на Интернет-услуги Јандекс (Яндекс) има голем удел на домашниот пазар на онлајн-сообраќај и плаќања, но компанијата минатата година навистина ги надмина очекувањата, исфрли нов телефон без оперативен систем Андроид и уште десетина нови производи. Кои нови услуги ги осмисли оваа година рускиот технолошки гигант?

Многу производи на Јандекс претставуваат директна конкуренција на Гугл. Новиот смартфон Јандекс.Фон (Yandex.Phone) кој руската компанија го исфрли во декември има екран од 5.65 инчи, 64 гигабајти меморија, камера од 5 мегапиксели и чини само 270 долари. Но, неговата вистинска цел е промовирање на услугите на Јандекс наместо стандардните андроидни апликации на Гугл.

Јандекс не е прва компанија која се обидува да го победи американскиот технолошки гигант. Самсунг и Мајкрософт, на пример, веќе се обидоа да ги заменат услугите на Гугл со свои услуги и со свои оперативни системи.

Но, рускиот технолошки гигант ужива во предноста што другите ја немаат: неговиот пребарувач, доставката на храна, „каршеринг“ и останати услуги кои се мошне популарни во Русија. Затоа корисниците би можеле да се заинтересираат да го купат Јандекс.Фон наместо смартфон со апликации на Мајкрософт или на Самсунг.

Но, новиот смартфон не е единственото тајно оружје што Јандекс го создаде во 2018 година. Има уште.

Платформата Јандекс.Клауд (Yandex.Cloud)

Оваа нова услуга на компанијата овозможува развој и поддршка на онлајн апликации со помош на технологиите и на инфраструктурата на Јандекс. Платформата по лансирањето во септември ја тестираа над 50 руски и меѓународни фирми, вклучувајќи ги и ТинковБанк (Tinkoff Bank) и Ес7 Ерлајнс (S7 Airlines). Облакот нуди пристап на развојни алатки, како на сопствени услуги на Јандекс засновани на вештачка интелигенција, препознавање на говорот и машински превод.

Нова продавница

Компанијата веќе има една продавница, Јандекс.Маркет (Yandex.Market), која работи многу добро. Платформата засега има 20 милиони корисници месечно на кои им се нуди облека, книги, играчки и други предмети од 150 онлајн продавачи. Но, Јандекс во 2018 година започна и две нови платформи за Интернет-трговија.

Првата „Земам“ (на„Беру“ руски) содржи над 1.000 трговци и нуди купување на повеќе категории производи, од домашни апарати до козметика. Втората „Бринглу“ овозможува неограничено испраќање и бесплатна доставка на сета стока купена од Турција, од Кина и од Латвија.

Плаќање гориво

Ова е необична сфера за технолошка компанија, но Јандекс во 2018 година ја претстави новата услуга на својата популарна апликација Јандекс.Навигатор (Yandex.Navigator) која им помага на возачите да ги испланираат маршрутите и да најдат паркинг. Сега корисниците по пат на апликација можат да платат за полнење гориво во возилото. Илјада бензински пумпи во Русија се поврзани со апликацијата. За користењето на услугата потребно е да се одбере категоријата „плаќање полнење гориво“ и апликацијата ви ги прикажува најблиските бензински пумпи, а кога ќе застанете на пумпата барате да ви го налеат видот на горивото и саканото количество.

Интеграција на апликацијата УиЧат Пеј (WeChat Pay)

Кина не е единствената земја за меѓународните технолошки компании, а Јандекс се обидува онаму кадешто на Гугл не му тргнало од рака. Руската компанија се обидува да ги освои кинеските корисници, но на своја територија. Годишно Русија ја посетуваат околу 1.5 милиони кинески туристи. Тие ќе бидат задоволни кога на патувањето ќе имаат можност да користат опција за плаќање која е веќе позната и затоа Јандекс во своите услуги ја интегрираше кинеската УиЧат Пеј.

Доставка на храна

Јандекс не нуди само услуги за доставка на храна која ги поврзува корисниците со рестораните во 24 града во Русија. На почетокот на оваа година започна да работи и услугата за испорака на комплетни состојки за подготовка оброци под називот ФудПарти (FoodParty).

Компанијата ја лансираше Јандекс.Итс (Yandex.Eats) откако ја купи услугата Фудфокс (Foodfox) и ја спои услугата Јандекс.Такси (Yandex.Taxi) со Убер (Uber). Услугата соработува и со локални и со меѓународни синџири за храна, како што се Мекдоналдс, Шејк Шак, Ти-Џи-Ај Фрајдејс и Папа Џонс.

Во 2018 година компанијата започна и апликација за преглед на акциските понуди и купони кои им помагаат на корисниците во пронаоѓањето попусти во супермаркетите.

А, што подготвува Јандекс за 2019 година? Следната година компанијата планира да продолжи со експанзија и тоа по пат на роботизиран такси-сервис: автономните возила моментално се тестираат во иновациските технолошки центри „Сколково“ и „Инополис“.

Прочитајте уште: Во Русија не ви треба Гугл: Зошто Јандекс е сè уште толку популарен?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња