Какви ракети ќе има во руската војска по повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарно разоружување

Виталиј В. Кузмин
Русија своите „Калибри“ и „Кинжали“ ќе ги префрли од бродовите и авионите на копнени платформи.

Доналд Трамп на 21 октомври соопшти дека има намера да ги повлече САД од Договорот за нуклеарни ракети со краток и среден дострел (РСМД). Според американскиот претседател и парламентот на САД, Русија со години ги крши одредбите на овој договор и на својата територија прави копнени лансирни системи со дострел од 500 до 5.500 километри. Своите тврдења ги аргументираа со „тајни разузнавачки податоци“. Одлуката на Соединетите Американски Држави е донесена, остана уште само да се „удрат“ неколку потписи и формално да се стави крај на договорот кој претставуваше една од главните кочници во трката за вооружување во Европа. А, тука станува збор токму за Европа зашто ваквите ракетни системи на територијата на Русија технички не претставуваат каква било закана за американската територија.

Сега е отворена вратата за тоа во следната деценија американските копнени системи да се најдат во Шенгенската зона, и тоа со дострел од 500 до 1.000 километри за ракети со краток дострел и од 1.000 до 5.500 километри за ракети од среден дострел.

Русија ќе мора да одговори симетрично и да направи сопствени комплекси со сличен дострел и разорна снага.

Но, кои ракети ќе бидат тоа?

Нови „мали“ ракети во рускиот арсенал

Ракета на оперативно-тактичкиот систем „Искандер-М“

Долги години Соединетите Американски држави се плашеа дека Русија развива „далекудострелна“ верзија на ракетата за оперативно-тактичкиот систем „Искандер-М“, кој се наоѓа на работ на Европа во Калининградската област.

„Дострелот на проектилот на овој систем не преминува 500 километри. Но, постои техничка можност за правење ракета со поголем дострел“ вели за Russia Beyond-Македонија воениот аналитичар на ТАСС Виктор Литовкин.

Според тоа, првата „мала“ ракета за доградба би можела да биде токму онаа од оперативно-тактичкиот комплекс „Искандер-М“.

При тоа договорот од 1987 година ги „сечеше“ само копнените системи со дострел од 1.000 до 5.500 километри. Поморските и воздухопловните ракети со сличен дострел останаа во американскиот арсенал и подоцна се појавија и во Русија. Оттука, според Виктор Литовкин, американскиот „Томахавк“ и руските „Калибар“ ќе станат следното оружје на списокот за модернизација и адаптација по РСМД.

Дострелот на двете ракети од 300 до 2.600 километри. Освен тоа, двете ракети до целта летаат на релјеф, односно терен, а не долж крајбрежната балистичка траекторија.

Важен детал е и боевиот полнеж на овие проектили. Технолошкиот развој во следната деценија ќе овозможи обете ракети да се опремат со боеви глави со разорна сила слична на онаа која го имаат нуклеарното оружје. Но, тоа ќе биде прецизно оружје со големи маневарски способности, и тоа без последична радиоактивна контаминација на теренот. Поради тоа по уништувањето на метата, копнените сили слободно ќе можат да минуваат низ реонот на дејството.

Кој уште ќе се спушти „од небо на земја“

МиГ-31 со хиперсонична ракета „Кинжал“

Уште еден од главните кандидати за претворање во копнена ракета е новиот „Кинжал“. Пред една година руските ловци-пресретнувачи МиГ-31 добија хиперсонични ракети од овој тип и, според војската, тоа е единственото воздухопловно вооружување од овој тип во светот денес.

Овие ракети можат да гаѓаат цели на оддалеченост од над 2.000 километри, избегнувајќи ги противничките зони на противвоздушна одбрана, вели во соопштение за Russia Beyond-Македонија врховниот командант на Воздушно-космичките сили генерал-полковник Сергеј Суровкин.

Според него, ваквата ракета во дел од секунда по отпуштањето од авионот развива хиперсонична брзина (осум пати поголема од брзината на звукот) и се насочува кон целта. „Маневрирањето на ракетата при брзина неколку пати поголема од брзината на звукот допушта да се совладаат сите постоечки и перспективни системи за противвоздушна и противракетна одбрана“, објаснува командантот.

Покрај сето ова софистицираниот навигациски уред е монтиран на самото оружје, што овозможува дејство против непријателот во кој било дел од денот или од ноќта, по грмежи и дожд. Руската воено-аналитичка заедница е склона кон верување дека токму овие ударни средства во следната деценија ќе добијат свои копнени интеграција со цел да се најдат на браникот на татковината. Единствено останува прашањето за цената и опремувањето: трката за вооружување не е евтина игра.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња