Каде и како да купите тенк во Русија

Тенк Т-72Б3

Тенк Т-72Б3

Александар Вилф/Sputnik
Доколку ви здодеал вашиот автомобил, а душата ви бара нешто ново и непознато – време е да полетате во Москва и да си купите тенк. И тоа сосема легално!

Во Русија се појави сајт (на руски јазик) под назив „Здружение на теренски возила“ на кој секој може да купи воена техника која до пред неколку години возела на воените полигони.

Што може да се купи

Да, навистина, на рускиот Интернет можете да купите тенк Т-34 од Втората светска војна со кој советската војска стасала до Берлин. Цената на таквата стока се движи од 12.5 милиони рубли (околу 200.000 долари по сегашниот курс) па нагоре.

За оние што не ги привлекува ретростилот, на понуда има руски тенкови од поновите генерации било да е тоа Т-72 или турбопогонскиот Т-80 со 1.000 коњски сили, кој може да се движи по груб терен со брзина од 70 километри на час. Нивната цена е 22, односно 37 милиони рубли (350.000, однсно 500.000 американски долари).

Тенкот Т-72Б3 на форумот „Армија 2015“

Треба да се има предвид дека ова не е урбано економично возило со потрошувачка од седум литри на сто километри. Тенкот Т-72 „ждере“ 450 литри дизел на сто километри кога се движи по непристапен терен. За да се развезувате со својот тенк треба да си имате и сопствена бензинска станица покрај куќата.

Што е изменето на тенковите

Ќе ве разочарам – нема да можете да пукате во соседите кои ви прават бука ноќе. Сите борбени системи се отстранети од возилата, па со топот од 125 милиметри нема да можете да погодите ниту врапче.

Но, сите останати делови се во одлична состојба и се повoлни за пробивање низ шуми и полиња.

Да, низ шуми и полиња. Никој нема да ви дозволи да ги плашите камионџиите и децата во автомобилите по пат зашто нема да имате доволно пари за поправка на асфалтот откако по него ќе помине овој гусеничар од 50 тони.

Како да купите тенк во Москва

Како што велат од „Здружението за теренски возила“ за Russia Beyond-Македонија за да купите тенк не ви е потребна никаква друга документација освен пасош.

Т-34

„Сите возила индивидуално се подготвуваат за нарачка од страна на определен клиент. Најчесто продаваме Т-34 за Денот на победата на 9 мај. Купувајќи ги, домашните бизнисмени и мецените сакаат да им оддадат чест и да го сочуваат сеќавањето на предците по повод Денот на победата“, вели Евгениј Тен, менаџер на теренскиот оддел на здружението.

Притоа компанијата не продава тенкови за странство зашто овие возила, дури и без борбените модули, и понатаму се сметаат за оружје и лесно можат да се модифицираат во која било фабрика за тенкови и на тој начин да бидат вратени во борбена состојба. Доколку странец сака да купи Т-80 или Т-34, ќе мора да го чува на територијата на Русија.

Исто така, може да ви биде интересно: Фешн полис: Облечете се како руски специјалец

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња