Егзоскелет, „тесен“ оклоп и шлем: Како ќе изгледа опремата на војникот од новата доба?

ТВ Звезда
Русија направи прототип на пешадиската опрема од следната генерација.

Инженерите на претпријатието ЦНИИТОЧМАШ направија прототип на опремата на војникот од новата доба која во иднина ќе го замени борбениот компелт „Ратник 2“. Креаторите својот производ го претставија кон крајот на август за време на саемот „Армија 2018“ во Московската област.

Гледано однадвор „новиот војник“ потсетува на сребреното одело на Тони Старк од „Железниот човек“: тука е егзоскелетот кој го покрива целото тело и повеќекратно ги зголемува физичките капацитети на човекот, системите за наведување светлина на визурата во шлемот како што е кај прочуениот херој на Марвек, а новиот тип оклоп го покрива речиси целото тело, за разлика од другите современи воени заштитни комплети во светот.

„Егзоскелетот ќе му помогне на војникот да го намали оптоварувањето на мускулно-скелетниот систем и драстично го олеснува изведувањето на други маршеви со по 50 килограми опрема на грбот, додека истовремено ќе има улога на дополнителен оклоп под должина на ‘рбетот и на зглобовите“, вели за Russsia Beyond-Македонија главниот конструктор на системот за поддршка на животот од ЦНИИТОЧМАШ Олег Фустив.

При сето тоа, во новото борбено оделo за првпат ќе се најде и оклопна заштита за најрабливите делови на телото – на местата каде минуваат големите крвни садови.

Но, новиот екзоскелет е скромен – станува збор за пасивен систем без сопствено складиште на енергија, сервопогони, електроника и разни видови сензори и гаџети. Сето тоа го прави „роботот“ посигурен, полесен (масата на егзоскелетот ќе варира од 4 до 8 килограми во зависност од конфигурацијата), целосно автономен и едноставен за одржување.

Прототипот на новиот оклоп е веќе тестиран во реални борбени дејствија. Во минатата и во тековната година овој егзоскелет беше ставен на располагање на специјалните единици на Министерството за одбрана и на „Рогвардија“ (Федерална служба на војската на националната гарда на Руската Федерација, или поедноставно Национална гарда на РФ, е внатрешна воена сила која му одговара директно на претседателот на РФ и е структурно одвоена од руската војска, а основана е во 2016 година – заб. прев.).

Шлем

Главната карактеристика на „шлемот на Тони Старк“ за руските војници ќе биде неговата модуларност. Ќе има низа подвижни заштитни екрани кои ќе може да се движат и да се отстрануваат како визир на витешки кациги. Благодарение на ова, корисникот ќе може да избере екран за потребното ниво на заштита.

Освен тоа, како и во случајот на јунакот на Марвел, сите оперативни и борбени параметри и информации ќе бидат прикажувани на визирот пред очите на корисникот – цели, растојание до нив и слично.

Истовремено научниците работат на развој на специјализирани материјали за електронско управување на шлемот за тој, како камелеон, да може да ги менува боите во зависност од опкружувањето. Во план е во иднина материјалите од овој тип да можат да симулираат промени во интензитетот и во длабочината на боите, имитирајќи ги комплексните вузуелни варијации како што се нишање на лисјето на ветар и слично, со цел подобра камуфлажа.

Нов оклоп

На моменталната верзија на оклопот за руските војници заштитните балистички плочи се наоѓаат на градите. Притоа, стандардните „плочи“ можат да издржат до десет погодоци на противоклопни куршуми испукани од снајперска пушка Драгунов (со калибар 7.62х54 милиметри)

Научниците сакаат во иднина да користат оклопни компоненти со слични својства и на другите делови од телото. Оттука куклата претставена на саемот беше оклопена од глава до петици – по рацете, нозете, страните и зглобовите. Вратниот дел е исто така делумно заштитен од куршуми благодарение на огромниот шлем.

Развојот на нов оклоп и понатаму е во стадиум на прототип. Затоа креаторите сѐ уште не можат да кажат колку ќе чини полниот циклус истражување и развој, како и финалниот сет опрема со сите „гаџети“. Важно е да се истакне дека ова нема да биде оклоп наменет само за специјалните единици, ами и заштитна опрема за борците од сите можни родови и видови вооружени сили од целата земја.

Испитувањето на целиот формат за новиот борбен комплет опрема ќе започне на почетокот од следната деценија.

Прочитајте уште: Што ќе му е егзоскелет на „Ратник“?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња