За една недела полетува ракетоносец: Ту-22М3М ќе може да носи и до 4 ракети Х-47М2 „Кинжал“

Слободан Ѓукиќ
На модернизираниот ракетоносец Ту-22М3М се применети нови мотори и електронска опрема наменета за стратешко бомбардирање Ту-160. Ќе се одликува со исклучителен долет и она што е најважно – застрашувачка огнена моќ. Според сѐ група од 30 модернизирани апарати Ту-22М3М во мошне тесна временска рамка ќе може да потопи 120 непријателски бродови со различен депласман со помош на хиперсонични ракети од кои нема одбрана.

Длабоко модернизираниот суперсоничен бомбардер Ту-22М3М ќе биде подготвен за почеток на завршното тестирање кое треба да започне на 16 август годинава со предавање на овој воздухоплов на специјалната комисија која е составена од воздухопловни стручњаци и експериментални воени пилоти. Ова го соопшти информативната служба на воздухопловната компанија ПАО „Туполев“, а пренесува РИА Новости.

Уште кон средината на мај нашата информативна куќа ја пренесе информацијата во која се наведува дека првиот пробен лет на длабокомодернизираната верзија на авионот кој ја носи ознаката Ту-22М3М се планира за август годинава. Ова го изјави генералниот директор на ПАО „Туполев“ Александар Конихов, и додаде дека кусите рокови за негово тестирање се резултат на фактот дека авионот е развиен на база и на понатаму употребуваните бомбардери Ту-22М3М.

„Оваа верзија на авионот нема голема потреба за дополнително тестирање. Тестирањата ќе опфатат само неколку експериментални летови кои ќе ги потврдат неговите унапредени техничко-тактички карактеристики“, нагласи неименуван извор од рускиот ВИК. Инаку, конструкторската документација е завршена уште во ноември 2017 година, каде веднаш се тргна со нејзината практична реализација.

На модернизираниот ракетоносец применети се нови мотори и електронска опрема која е наменета за стратегискиот бомбардер Ту-160. Со овие технички зафати, оперативниот долет на авионот е зголемен за дури 50%, додека неговиот екипаж ќе има проширен обем на можности за напад на различни цели, како и на планот на комуникацијата со мобилните земски и поморски терминали.

Но, најважната работа која ќе биде постигната со оваа модернизација е способноста на овој авион да го носи најмодерното ракетно вооружување кое моментално го произведува руската воена индустрија, но и она кое сѐ уште се наоѓа во фаза на развој. Речиси е извесно дека најновата варијанта на овој бомбардер ќе може да користи ракети Х-32 кои всушност претставуваат длабока модернизација на ракетата Х-22 „Бурја“. Ракетите Х-32 се толку унапредени во однос на базичната верзија на „Бурја“, што може да се констатира дека станува збор за практично ново оружје. За разлика од Х-22 новата ракета по габаритите е значително помала, опремена е со нов тип мотор, а особено е посветено внимание на зголемувањето на способноста на ракетата да ја совлада противракетната одбрана на непријателот која е зајакната со системи за противелектронска борба. Зголемен е и нејзиниот максимален дострел кој сега изнесува 1.000 километри.

Со комбинација на нејзините помали габарити, посовршените боеви глави и мошне потентниот мотор, добиена е ракета која ќе ги достигнува границите на хиперсонична брзина. Се претпоставува дека оваа ракета ќе може да развива брзина од 4.6 маха што ја прави исклучително сложена мета за евентуално пресретнување. Кога ќе дојде во зоната на целта, ракетата кон неа се насочува практично по силна патека со што дополнително се компликува нејзиниот радарски опфат со оглед на тоа дека Aegis не може да ја озрачи зоната на „мртов“ агол која се наоѓа непосредно над бродот.

Но, тоа не е сѐ. Руските конструктори интензивно размислуваат како на оваа верзија на авионот да го интегрираат најновиот хиперсоничен ракетен комплекс „Кинжал“. Имено, оваа ракета според своите способности драматично ќе ги зголеми можностите на модернизираниот руски бомбардер. Благодарение на оперативниот дострел кој ќе измесува најмалку 1.000 километри¹, на вртоглавата брзина што ја постигнува на својата траекторија на летот (>10 маха), оваа ракета едноставно нема да можат да ја фатат противничките системи за ПВО и за ПРО. Самата ракета според своите димензии ќе биде помала од споменатите ракети Х-22 и Х-32, така што се претпоставува дека еден Ту-22М3М ќе може да носи и до четири ракети Х-47М2 „Кинжал“.

Ту-22М3 е суперсоничен бомбардер со голем дострел кој може да се користи во различни видови борбени мисии. Во своето вооружување поседува широк спектар борбено оружје од кое секако најопасна е ракетната компонента од класата воздух-земја и воздух-море. Широката палета вооружување му дозволува да се бори против голем број копнени и поморски цели на различни далечини. Во вооружувањето се наоѓа од 1989 година. Еден од најмасовните бомбардери со голем дострел кој се наоѓа во составот на руската армија. Авионот од овој тип се применува и во операциите на руската војска во Сирија.

¹Ту-22М3М е сепак побавна воздушна платформа во однос на ловецот МиГ-31К што сигурно ќе предизвика помал оперативен дострел на ракетата „Кинжал“.

Прочитајте уште: Ловците на САД од петта генерација ќе мораат да се потрудат за да го совладаат „грациозниот“ Русин

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња