„Најновиот модел на руско стрелечко оружје кое е конструирано за употреба во специјалните единици, може во голема мера да ја зголеми борбената способност и вкупната ефикасност особено кога станува збор за антитерористички и диверзантски операции“, истакнуваат од службата за односи со јавноста на АД „Рособороноекспорт“, а пренесува „Интерфакс“.
„Во нашата земја за потребите на специјалните единици развиени се четири вида специјално вооружување кое може да се понуди и за извоз“, пренесуваат извори од оваа компанија која со палетата на свои производи учествуваа на Меѓународниот саем кој е посветен на оружјето за специјални намени SOFEX-2018 кој се одвиваше од 7 до 10 мај во Јордан.
Особено мораме да истакнеме неколку модели оружје кое се наоѓа во различни категории. За офанзивна борба на единиците претставени се пиштолите СР-1М „Вектор“ и ГШ-18, автоматите се застапени со моделите СР-2М „Вереск“ и ПП-2000, а компактната автоматска пушка со моделот СР-3М „Вихр“. Кога станува збор за придушеното оружје специјализираната руска компанија за извоз на оружје го понуди пиштолот ПСС „Вул“, потоа автоматската пушка АС „Вал“ и снајперската пушка ВСС „Винторез“. За потребите на нуркачко-диверзантските борбени единици развиена е подводната автоматска пушка АПС, како и пиштолот СПП-1М.
Во категоријата на несмртоносно оружје претставени се специјалните фрлачи на гранати ГМ-94 и 6Г30, за кои е развиена специјална муниција со звучнo, аеросолно и светлосно дејство, како и комбинирана муниција која во себе ги содржи овие ефекти.
Според информативната служба на овој извозен гигант, „Руското вооружување во сите понудени категории поседува уникатни карактеристики кои го ставаат на светскиот врв кога станува збор за развој и за производство на специјално стрелечко оружје“.
Во категоријата на придушено оружје треба да се истакне специјалниот пиштол ПСС „Вул“ и револверот ОЦ-38 кои користат бесшумна муниција СП-4 со калибар од 7.62х41.5 милиметри и кои се опремени со ласерски обележувач на целта.
Ова вооружување е мошне употребливо во поспецифични околности зашто дејството од него е практично нечујно, а пукањето не ги создава карактеристичните нус-ефекти како што е чад и појавата на одблесок на устата на цевката.
Благодарение на конструкцијата на ова оружје, како и на конструкцијата на самата муниција СП-4, за него не е потребен никаков додаток во вид на придушувач кој само го зголемува габаритот на оружјето, и кој, всушност, ја отежнува неговата употреба.
Исто така треба да се обрне внимание и на подводната пушка АПС која е наменета за специјалните нуркачки единици. Силата на нејзините подводни проектили во облик на долги шипки во вид на стрела, слични на игли за плетење, ја надминува видливата зона во подводните услови на борба. Тие можат да се употребуваат на длабочина и до 40 метри.
„Сите наши модели на оружје за специјални намени се произведуваат во мали серии и подлежат на најстроги протоколи за контрола кои тие мораат да ги исполнат за потоа да влезат во процедура на испорака“, истакнува изворот од информативната служба на „Рособороноекспорт“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче