ЗИЛ-41041 АМГ е официјалната ознака на кабриолетот кој излегува на Црвениот плоштад за време на Парадата на победата. Војската има три вакви автомобили: број 0001 за министерот за одбрана, број 0002 за командантот на парадата и број 0003 кој е резервен, во случај некои од првите два да откаже. Третиот кабриолет сè уште нема излезено на Црвениот плоштад, а тоа е заслуга на автомеханичарите од 147 автомобилска база на Генералштабот на Министерството за одбрана на Русија. Зад воланот на колата 0001 имаат седено само најдобрите воени возачи, а покрај нив и водителот на емисијата „Часовој“ (на македонски „стражар“ – заб. прев.) на рускиот Прв канал Алексеј Рафаенко, кој за рускиот автомобилски портал „Зарулем.ру“ зборуваше за своите впечатоци.
Кабриолетот, секако, е цивилно возило, но токму за овие автомобили може да се каже дека се воени. Во нивното проектирање учествуваа воени лица. Компанијата од Нижни Новгород „Алтант делта“ која е дел од групацијата ГАЗ, искомбинира каросерија на седан со четири врати ЗИЛ-41041 со шасија на американскиот пикап GMC Sierra. Свечените кабриолети за првпат учествуваа на парадата од 2010 година.
ЗИЛ-41041 АМГ има мотор од 6 литри со 305 коњски сили, долг е над 6 метри, а тежок е повеќе од 3 тони. Навистина, секое возило има различен карактер и тоа со намера. Првиот автомобил е побавен зашто е водечки. Автомобилот број 2 е поостар зашто неговиот возач го одржува растојанието помеѓу две возила. Третиот ЗИЛ-41041 е универзален, за во случај на дефект да може да замени кој било од првите два автомобила.
За време на парадата на Црвениот плоштад просечната брзина на автомобилот ЗИЛ не премина 18 километри на час, но возилото може да развие брзина до 190 километри на час. За волја на вистината, досега никој го нема возено толку брзо. Рафаенко вели дела свечениот кабриолет возел до 60 километри на час зашто пробните возења се одржувани на територијата на градот.
Возилата имаат поминато мала километража. Кога не се на парада, се наоѓаат во гаража и само понекогаш „излегуваат на прошетка“, за да се придвижат механизмите и за маслото да не отстои.
Сите три автомобили имаат посебни губи. Претходно тркалата мораа често да се менуваат зашто не може да го издржат товарот од движењето по калдрмата на Црвениот плоштад, а се има случено на патот до местото на парадата да наиде на клинец или на стакло. Денес гумите се исполнети со самовулканизирачка течна гума, така што, доколку гумата е дупната, сепак може да издржи до крајот на парадата.
Возилото се движи мирно, што ја покажува специфичноста на системот за потпирање. Автоматскиот менувач на брзините не се наоѓа покрај седиштето, ами на воланот. Постои и режим за механичко менување на брзините. Дури и кога брзината се менува при 60 километри на час, не доаѓа до сечкање. Кога возилото оди бавно, се чувствува како малку да се ниша. Технологијата овозможува да се компензираа нерамнините на калдрмата: ниту возачот, ниту патникот кој стои, придржувајќи се со раката за специјалната рака, не смеат да се тресат.
Моторот е мошне тивок. На оваа карактеристика особено се работеше за буката од автомобилот да не го попречи снимањето на парадата. Уште една интересна карактеристика на свечените автомобили е тоа што во багажникот е сместен систем за снимање и за емитување звуци, а во потпирачот за рака на едно од седиштата постои тајно дрвено копче. Ова копче се користи пред почетокот на парадата: со него се исклучуваат автомобилската електроника, трепкачите, бришачите, сирената и стоп-светлата. Ова е потребно со цел возачот за време на возењето случајно да не ја расипе свеченоста. Не се исклучуваат само фаровите.
Кај одржувањето на автомобилите постојат повеќе ритуали. Помеѓу две паради тие стојат во затворен бокс, но пред 9 мај се врши техничко сервисирање. Наспроти парадата се земаат примероци од бензинот во автомобилот кои се чуваат до следната парада. Полн резервоар е доволен за една година, така што колата е мошне економична. Автомобилот го прегледуваат стручњаци со кучиња и го оставаат во гаража која се наоѓа под заштита.
Денес одговорната задача на возач на парадата им се доверува на млади, но веќе искусни офицери како награда за воените заслуги. Првиот автомобил може да го вози некој нов (по правило, оној што претходно го возел автомобилот број 3), а вториот оној што веќе има учествувано на парадата. Вториот возач има многу посериозна задача: тој мора да внимава да го одржува растојанието и како во огледало да го следи првото возило кога двата кабриолета се сретнуваат во центарот на главниот плоштад. За возачот на ЗИЛ-41041 АМГ постојат правила за однесување: рацете кои задолжително се во бели ракавици мораат да се држат на долниот дел од воланот, кај колената, за да не им минуваат пред очи на илјадниците телевизиски гледачи.
Внатрешноста на автомобилот е мошне едноставна: кожа и пластика која е имитација на дрво. Автомобилите не се блиндирани. Главниот недостаток на овие возила е во тоа што не се наменети за секојдневно возење. Клучниот збор што ги опишува е „свечен“. Порано автомобилите кои учествуваа на парадата беа „влечни коли“: ги пречекуваа високите официјални претставници на аеродромите, го возеа Гагарин по улиците на Москва, учествуваа на други свечени пригоди. Но, за ЗИЛ41041 АМГ сезоната трае најмногу две недели: од крајот на април до почетокот на мај. Автомобилите изгледаат супериорно и затоа го одржуваат свечениот тон на празникот.
Мотор са карбуратор V8, работна зафатнина 6 l
Сила: 305 коњски сили (232 kW)
Максимална брзина: 190 km/h
Забрзување од мирување до 100 km/h : 12 s
Маса: 3.9 тона
Предвиден за 7 лица
Должина: 6.3 метра
Меѓуосовинско растојание: 3.9 метри
Клиренс: 17–19,5 сантиметри
Просечна потрошувачка на бензин: 22 l на 100 km
Зафатнина на резервоарот: 120 l
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче