Основната варијанта на средниот повеќенаменски хеликоптер Ми-38
YouTubeНовиот воено-транспортен хеликоптер Ми-38Т ќе го направи својот прв експериментален лет во текот на овој месец, соопштува РИА „Новости“ цитирајќи претставник на Казањскиот хеликоптерски завод. Уште во март месец оваа година од холдингот „Хеликоптери на Русија“ (Вертолеты России) објавија дека првата верзија на транспортно-десантниот хеликоптер Ми-38Т ќе биде упатена во Министерството за одбрана на РФ во четвртиот квартал од 2018 година.
Инаку, Ми-38Т значително се разликува од основниот модел Ми-38 кој во суштина претставува цивилна верзија на овој хеликоптер. Практично сите агрегати и останатите технички елементи се од руско производство. Покрај тоа, за оваа верзија на хеликоптерот е планирана интеграција на пакет опрема кој во себе ќе содржи систем за врска кој се употребува во воените единици, како и дополнителни резервоари со гориво заради зголемување на неговиот оперативен лет.
Ми-38 спаѓа во категоријата средни повеќенаменски хеликоптери кои се користат за превоз на жива сила и товар на оддалеченост и до 1000 км. Хеликоптерот е проектиран од заводот „Мил“, а неговото сериско производство треба да почне во фабриката за хеликоптери во Казањ. Превезува до 30 патници или 5 тони товар во кабината, а може да носи и 6 тони под трупот. Официјално се признаени пет светски рекорд¹ кои Ми-38 (ОП-2, вториот пробен примерок) ги постави во 2012 година. Се прогнозира дека ќе ги замени Ми-8 и Ми-17 во руското Воено воздухопловство.
Интересно е да се истакне дека руските конструктори планираа на овој хеликоптер да му стават мотори PW127TS кои ги произведуваше американската компанија „Прат и Витни“ (Pratt & Whitney), меѓутоа по конфликтот во Грузија, на овој производител од страна на американската влада му беше забранета испорака на овие мотори во Русија, со образложение дека тие можат да бидат употребени во воени цели.
По едностраниот раскин на оваа зделка руската компанија „Климов“ ја презеде врз себе задачата да развие за овие хеликоптери нов мотор кој ја доби ознаката ТВ7−117В. Почетните задачи при конструкцијата на овој мотор беа значително зголемување на неговата излезна сила (овој мотор е способен да развие сила и до 3,750 КС) како и подобрување на неговите вкупни експлоатациски карактеристики. На мотор е имплементиран нов компјутерски систем за управување и контрола од типот FADEC. Извршени се и бројни модификации во изработката на елисата која е направена од специјални материјали кои се состојат од стаклопластика со што ресурсот е практично неограничен, а и самото тело на леталото е дополнително „затегнато“ со комбинација на трослојни панели од дуралуминиум и композитни материјали кои се поврзани со нитни.
¹ Кон крајот на август 2012 година на светскиот шампионат во хеликоптерски спорт, екипата на Московскиот хеликоптерски завод „Мил“ собори одеднаш три светски рекорди со хеликоптерот Ми-38 ОП-2 во класата Е-1х (категорија FAI) за хеликоптери со полетна маса од 10000 до 20000 килограми. Руските пилоти се кренаа на 8620 метри без товар, а потоа на 3 километри за шест минути, а потоа на 6 километри за 10 минути и 52 секунди. Набргу потоа, во септември истата година, пилоти срушија уште два рекорда: рекорд во висина (7895 м) со товар од 1000 килограма и рекорд во висина на летање (7020 м) со товар од 2000 килограми.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче