„Оружје на одмаздата“: Какви новитети донесе Русија во Латинска Америка

Марина Лисцева/TASS
Ракети од новата генерација и тешки фрлачи на ракети со повеќе цевки се најважните новитети на изложбата FIDAE-2018 во Чиле. Благодарение на нив Русија треба да потпише договори вредни повеќе милиони американски долари на еден од најперспективните пазари на оружје во светот.

Меѓународната изложба на воена и авијатичка техника FIDAE-2018 во Чиле траеше до 8 април.

Русија на оваа изложба имаше за цел да ги убеди генералите и политичарите од овој регион дека руските системи не се ништо полоши од американските и од европските, ами, напротив, во извесен дел и подобри по многу показатели.

Кои новитети од својата воена индустрија руските производители на оружје ги донесоа во Чиле?

Тежок фрлач на ракети со повеќе цевки ТОС-1 „Буратино“

Тежок фрлач на ракети ТОС-1 „Буратино“

Тешкиот фрлач на ракети ТОС-1 „Буратино“ и вооружувањето кое оди со нив се еден од главните новитети на пазарите на оружје што Русија ги претстави во Чиле на изложбата на FIDAE-2018. На руски „Буратино“ значи „Пинокио“.

Машината е направена врз база на тенкот Т-72, со тоа што наместо купила има комплет од 30 цевки со калибар од 220 милиметри. За само неколку секунди ова моќно оружје може да предизвика вистински ураган од оган на непријателските положби. Со огнот, со ударните бранови и со гелерите овие ракети со термобаричко полнење буквално ги кинат непријателските положби, техниката и живата сила.

Сепак, вистинскиот пекол настанува дури потоа. Термобаричкото полнење што го има секој проектил создава облак од „воздушна смеса“ која експлодира и создава мошне силен притисок и температура од 3.000 степени, па така во просторот околу себе го согорува сиот кислород, а притисокот енормно паѓа.

Лесно е да се претпостави што се случува сo несреќниците кои ќе се најдат во тој облак. Неколку километри наоколу се уништува сè живо, сета техника и сите објекти.

Тешкиот фрлач на ракети со повеќе цевки ТОС-1 „Буратино“ е претставен само со макети, но неговите разорни проектили со калибар од 220 милиметри кои прават „пекол на земјата“ во радиус од 6 километри, беа изложени на експозицијата во Чиле.

„Тоа е таканаречено оружје на одмаздата. Овие системи се толку моќни и разорни што се применуваат само во најтешките воени околности кога војната повеќе не може да се добие со вообичаени средства, односно кога станува збор за опстанокот“, вели за Russia Beyond-Македонија воениот аналитичар Дмитриј Сафонов.

Авионски ракети од новата генерација

Ненаведувачка авионска ракета од новата генерација С-80ФП

Покрај фрлачот на ракети и самите проектили, Русија на изложбата FIDAE-2018 ја донесе и својата најнова ненаведувачка авионска ракета од новата генерација С-80ФП.

Проектилот има калибар од 80 милиметри и фугасно-распрскувачка боева глава.

Оваа ракета можат да ја користат сите руски авиони во регионот (Су-24, Су-25, Су-27, МиГ-23, МиГ-27, МиГ-29), како и транспортните и борбени хеликоптери од Ми-8 до Ка-52. Ракетата е наменета за уништување на поединечни или на групни цели на терен – непријателска жива сила и лесна оклопна техника.

„Со нејзина помош пилотот може да уништува и цели на вода. С-80ФП функционира во сите временски услови, дури и на температури од -50 до +60, што е мошне важно во современите услови кога електрониката е крајно чувствителна“, вели аналитичарот.

Според него, моќта на проектилот е практично двократно поголема во споредба со моделите од претходните генерации кои се вооружени со ловечки авиони и бомбардери во регионот. „Сето тоа е постигнато благодарение на новиот мотор кој го зголеми дострелот на ракетата. Новиот модел е помал и полесен од претходните руски модели, како и од сегашните модели од истиот ранг што ги поседуваат другите држави. Благодарение на тоа ова оружје може да ги заинтересира и воените раководства на земјите од Латинска Америка“, истакна тој.

Дострелот на ракетата С-80ФП е 6.000 метри. Како што смета Сафонов, врз основа на новата ракета подоцна може да се направи цела линија нови наведувачки ракети за ловци и бомбардери.

Прочитајте уште 4 најстрашни руски воени пронајдоци. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе