Како SS-21 „Скарабеј“ уништи куп терористи северно од градот Хама

Слободан Ѓукиќ
Сириската армија продолжи успешно да го применува ракетниот систем 9К79 „Точка“ против терористичките формации. На Интернет се појави ефектна фотографија од моментот на лансирање на ракетата на самоодните лансирни единици. Овој пат беше нанесен удар врз позициите на терористите во Северна Хама.

Обединетата група терористички сили која брои 1.500 борци (вооружените групи „Џабхат Тахрир Сурија“, „Исламска партија на Туркестан“* и „Џаиш ал-Иса“) изведоа истовремен напад на неколку правци, со основно тежиште на градот Керназ кој се наоѓа во северната провинција Хама. Оваа операција имаше кодно име „Гнев за Источна Гута“.

Во почетните часови на борбата овие сили успеаја да потиснат мешовити делови на сириската армија и на локалната полиција, и со своите челни единици да стигнат до северните предградија на градот Керназ. Исламистите успеаја да остварат контрола и над неколку села и населени места кои се наоѓаат на овој простор. Во еден момент постоеше опасност и од за опколување на сириските сили кои го бранеа Керназ од неговата источна страна, што во голема мера би ја усложнило позицијата на бранителите кои главно се наоѓаа во централните и во јужните делови од градот.

Наскоро врз истурените исламистички единици започна да дејствува сириската, а потоа и руската авијација каде до попладневните часови беа извршени над 50 високопрецизни воздушни удари. Ова во голема мера ја затапи острицата на терористичката офанзива, и ѝ дадено време на сириската војска заедно со локалната полиција да се прегрупира и со дополнително зајакнување во контранапад да ги разбие терористите кои со главнината се наоѓаа на северните и на источните делови од градот. Покрај авијацијата, врз терористите наскоро почна да дејствува и артилеријата, вклучително и лансерите на ракети со повеќе цевки, а според сè испукана е и една ракета од советски/руски тактички систем од класата земја-земја 9К79 „Точка“ (види на сликата долу). Според извештаите од теренот овие дејства биле мошне успешни, и сириската војска релативно лесно успеала да ги поврати сите изгубени позиции и да го отфрли непријателот на појдовните позиции, нанесувајќи му загуби од најмалку 40 загинати и повеќе десетици ранети борци. Уништени се и неколку преработени моторни возила за поддршка и транспорт, вклучувајќи и еден тенк.

Треба да се спомене дека овие тактички системи, кои под шифриран назив на НАТО се означуваат како SS-21 „Скарабеј“, својата прва борбена премиера на просторот на Сирија ја имаа уште кон крајот на 2012 година. Се смета дека за време на војната во Сирија се исфрлени неколку десетици ракети од овој тип. Тие пред сè се употребуваат за прецизни удари по исклучително важни цели на непријателот, како што се објекти со командна структура, по поголема концентрација непријателска жива сила, по поважни јазли во системот на непријателската одбрана, магацини со оружје, муниција и останата воена опрема итн. Ефектот од дејствувањето на овие ракети беше исклучително позитивен, и тоа како во физичка, така и во психолошка смисла. Секогаш кога ова оружје беше применувано, како резултат на неговите дејствија беше регистрирана намалена терористичка активност на даденото подрачје.

Системот „Точка“ може да уништи голем број копнени сили на оддалеченост и до 70 километри. Тежината на ракетата достигнува 2.000 килограми, од кои на боевата глава отпаѓаат околу 480 килограми.

Моментално во Сирија се применува модернизирана варијанта на овој систем која ја носи ознаката „Точка-У“. Таа се одликува со зголемен степен на прецизност како и дострел на ракетите кој изнесува 120 километри. Сириските воени инженери овој систем дополнително го зајакнаа со додавање оклоп на лансирната единица, како и на логистичката машина за следење која ги носи ракетите и врши нејзино полнење. Вкупната тежина на лансирната единица која се наоѓа на возилото на тркала кое има амфибиски карактеристики достигнува 18 тони. Се движи со помош на дизел-мотор со сила од 300 коњски сили. По пат ова возило со ракета може да развие брзина и до 60 километри на час, додека за време на форсирање водна препрека може да оди 8 километри на час. Со полн резервоар може да мине оддалеченост од 650 километри. Екипажот е составен од тројца војници.

*терористичка група која е главно составена од Ујгурци, а истата е забранета на територијата на Руската Федерација.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња