Тестирање: Дали тенковското панцирно стакло има шанси против РПГ-7?

Слободан Ѓукиќ
Возачот на тенкот главно се потпира на тесните прозорски „окна“ на кои корисниот оптички фокус е значително помал одошто кај возач на автомобили, што предизвикува многу поголемо напрегање за време на управувањето со машината. Дали е ова оправдано и дали е можно со постоечката техника на овие стакла да се зголеми ширината на овие отвори и со тоа да се растовари возачот од претераниот замор, а воено да нема последици за него, прочитајте подолу во текстот.

Основните борбени тенкови спаѓаат во вистинските „грдосии“ кога ќе се земат предвид нивните димензии во однос на класичните моторни возила. Од друга страна, за разлика од своите колеги кои управуваат со тенкови, просечниот возач на автомобил има многу поголем простор за ориентација што му ја дава широката шофершајбна. Возачот на тенкот главно се потпира на тесните прозорски окна кај кои корисниот оптички фокус е во голема мера потесен и понепрегледен, и со самото тоа предизвикува значително напрегање за време на управувањето со машината. Сè станува дополнително посложено кога настапуваат покомплицираните услови за возење, како што се лошите временски услови, тежок терен или, пак, ноќ. Овие окна се заштитени со дебело панцирно стакло, кое го штити возачот од непријателски оган. Но, дали овие стакла се толку потценети од страна на производителот на тенкот, па мораат да бидат вградени во окната со површина на детска тупаница, односно дали нивните балистички својства отвораат простор да се направат нешто пошироки отвори кои во голема мера би ја подобриле оптичката ориентација на возачот? На ова прашање се обиде да одговори екипата на рускиот Интернет-канал „Наука-2.0“.

За овој експеримент е употребено класично панцирно стакло кое инаку се вградува на основните борбени тенкови, но и други оклопни борбени средства кај кои постои потреба за заштита на „транспарентните“ отвори на оклопот. Покрај воената програма, ова стакло има примена и во цивилни цели.

Панцирното стакло во својот профил е дебело речиси 60 милиметри, а неговата тежина на квадратен метар достигнува цели 320 килограми.

За навистина да се испробаат неговите заштитни способности, прво на линијата на огнот излезе стрелец вооружен со снајперска пушка СВД која се произведува со калибар 7.62х54 милиметри R. За експериментот е потребно неговото најјако зрно, кое се наоѓа во составот на панцирно-запаливиот куршум, а кое е специјално предвидено за уништување на заштитените цели, вклучувајќи ги и леснооклопните борбени средства. Стрелецот се наоѓаше на огнена линија со должина од 100 метри. За експериментот употреби три панцирно-запаливи куршуми кои во протоколарниот сегмент се доволни за да се процени издржливоста на ова стакло. Откако беа поставени сите неопходни елементи, се премина на практично изведување на овој експеримент. Стрелецот од сите три куршуми ја погоди метата. Но, со увидот во ефектите од овој оган дефинитивно беше установено дека ниту еден куршум не ја има пробиено (како во целина, така и во фрагменти) другата страна на стаклото. Значи, дефинитивно ова стакло може да го заштити тенковскиот екипаж, односно неговиот возач, од панцирно-запалив куршум Б-32 со калибар 7.62х54 милиметри R кој е испукан од снајперска пушка СВД. Настрана тоа што по дејството со оваа муниција оптичката видливост низ погоденото стакло е практично невозможна.

Но, тешко е да се очекува дека во реална борба непријателот по тенкот ќе дејствува со снајперска пушка, освен, можеби, во исклучителни пригоди, и тоа за да го сврти вниманието на екипажот кој управува со тенкот. Зошто да се прави тоа, кога во редовите на пешадијата се наоѓа уште едно средство кое е токму наменето за борба против оклопни возила. Згора на тоа ова средство е и мошне достапно, а го имаат и најсиромашните армии на светот. Секако, станува збор за легендарниот рачен ракетен фрлач РПГ-7.

Значи, со оглед на тоа дека станува збор за оружје кое е исто така достапно како и снајперската пушка, па дури и подостапно доколку се спореди конкретно со СВД, следниот експеримент вклучуваше излез на борбена линија на војник вооружен со РПГ-7. За овој експеримент е употребена класична кумулативна граната која се наоѓа во стандардниот борбен комплет на овој фрлач. Метата на која се наоѓаше панцирно стакло беше дополнително збогатена со картонски кутии кои ги симулираа димензиите на тенкот и со самото тоа на војникот кој е вооружен со ракетен фрлач му беше олеснета операцијата на гаѓањето. Зад стаклото е монтирана пластична кукла во облик на човек за да се добие приближен ефект на разорно дејство на граната доколку истата го пробие стаклото.

Во оваа фаза на експериментот употребена е повеќеслојна стаклена плоча со дебелина од 400 милиметри, која беше составена од 62 слоја специјално панцирно стакло. Метата која требаше да ја погоди нишанџијата од РПГ-7 беше со површина 1 на 1 метар, и се наоѓаше на растојание од 500 метри.

Иако дебелината на стаклото во однос на претходните експерименти со СВД е повеќекратно зголемена, кумулативната граната со леснотија ја проби стаклената преграда и во целост ја уништи куклата која се наоѓаше зад стаклото, чии делови беа собирани на десетици метри околу. Но, тоа не е сè. Екипата на емисијата се обиде уште повеќе да го усложни овој експеримент, така што пред метата со панцирно стакло постави уште еден прозорец од истиот материјал со надеж дека на крајот ќе го скроти кумулативниот млаз на гранатата. Но, се прелажаа. Кумулативната граната успешно ги проби двете мети, а според изгледот на куклата која го симулираше возачот на тенкот, му нанесе фатални повреди, опасни по животот. Експериментот понатаму беше запрен зашто професионалниот војник кој учествуваше во него, можеби од револт, рече дека современата муниција која е развиена за РПГ-7 може да пробие и до 750 милиметри повеќеслоен тенковски оклоп што го поседуваат современите борбени тенкови. Ова во целост ја уби секоја амбиција на екипата на овој филм со безброј слоеви стакло да се запре РПГ-7, а со самото тоа и да ги поштеди војниците по овој експеримент да собираат купишта искршено стакло.

Основниот заклучок на целиот овој експеримент е дека конструкторите на тенкот сепак имале право кога предвиделе што помали отвори зајакнати со панцирно стакло за да може само да се види каде оди тенкот. Навистина, на тенкот не му е толку важно што и кој му се наоѓа на патот, зашто за разлика од автомобилскиот лим со дебелина од неколку милиметри, тој се состои од „сув“ оклоп кој на определени места одговара на панцирна плоча со дебелина од 1.000 милиметри. Значи, во природата речиси не постојат препреки кои можат да го оштетат тенкот, така што на возачот му е важно само да го задржи својот основен правец и да гледа да не падне во некоја бездна или слично. А, за таква функција, овие мали проѕирни отвори се повеќе од доволни.

Прочитајте уште: Видео: Тестирање на ново оружје на концернот „Калашников“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња