Нетрпеливо се очекува: Најновото руско оружје кое нема аналог во светот

Reuters
Во следната деценија руската армија ќе добие ново супермодерно оружје кое во целост ќе го измени изгледот на руските вооружени сили и ќе го спречи секој конфликт.

Потпретседателот на владата на Русија Дмитриј Рогозин изјави дека претседателот конечно ја потпишал програмата за модернизација на вооружувањето и дека военоиндустрискиот сектор ќе добие речиси 340 милијарди американски долари за создавање на вооружување од новата генерација.

Тука ќе ги наведеме петте најинтересни проекти кои се очекуваат со најголемо нетрпение.

Нуклеарни ракети „Сармат“

Тоа ќе биде најголемиот и најразорен стратешки ракетен систем на светот. Тие ќе ги заземат силосите на својот претходник, ракетата „Воевода“, кои се разместени ширум Русија и на браникот на татковината ја „чекаат пензијата“.

„Сармат“ или РС-28 е тешка интерконтинентална балистичка ракета чија маса изнесува 100 тони, а корисен товар 10 тони.

Ова е единствена ракета на светот која може да мине 17.000 километри и да ги елиминира сите препреки што ќе ѝ се најдат на пат.

Секоја ракета ќе има најмалку 15 самонаведувачки боеви глави со јачина од 150 до 300 килотони.

Ова оружје всушност ќе служи за одвраќање. Тоа ќе се користи само во случај кога на друг начин земјата нема да може да се зачува од целосно уништување.

Хиперсонични ракети

Ова е уште еден мошне интересен додаток на рускиот арсенал. Тоа ќе бидат први ракети во светот кои ќе развиваат брзина од 2.5 километри во секунда (осум пати побрзо од звукот).

Станува збор за противбродските ракети под назив „Циркон“. Сè што е поврзано со нив главно е строга државна тајна, но медиумите соопштуваа дека ова оружје ќе има разорна моќ слична на крстосувачките ракети „Калибар“ кои за првпат се применети во сириската кампања.

Ловечки авион од петтата генерација Су-57

Експерименталните примероци на овој авион веќе се приклучија на воената операција во Сирија со цел да ја проверат својата разорна моќ и да се тестираат новите ракети и бомби кои се направени специјално за нив.

Су-58 во моментов е втор ловец од петтата генерација во светот. Првиот е американскиот F-22 „Raptor“. Овие авиони се невидливи за непријателските радари и користат системи што другите ловци не можат да ги користат.

Министерството за одбрана на РФ не соопштува кои ракети и бомби се направени за Су-57. Познато е само дека овој авион ќе може да ги носи сите видови ракети „воздух-воздух“ и „воздух-земја“, како и топ со калибар од 30 милиметри.

Исто така е познато дека бомбите и ракетите ќе бидат скриени во трупот на авионот за да се намали неговата забележливост на непријателските радари.

Меѓу тие бомби ќе бидат и фугасно-распрскувачката запалива авионска бомба ОФЗАБ-500 и термобаричната авионска бомба ОДАБ-500ПМВ.

Најбрзиот воен хеликоптер на светот

Во моментов сè уште трае изградбата на ова летало што го доби називот „летачка лабораторија“. Овој хеликоптер ќе може да развива брзина од 500 километри на час, ќе носи 7 членови на екипажот и ќе биде вооружен до заби. За споредба, хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“ развива максимална брзина од 320 километри на час.

Новиот модел се прави врз основа на хеликоптерот Ми-24. Како што истакнува Олег Чеснаков, началник за борбена обука на пилоти на воздушно-космичките сили на РФ, военоиндустрискиот сектор специјално за овој модел прави супермодерни системи за следење и за наведување кон целта. Тој ќе се појави во следните години.

Автомат АК-12

Овој автомат се очекува со најголемо нетрпение не само во Русија, ами и во целиот свет зашто инженерите најавуваат дека ќе направат дури и цивилна верзија на овој автомат.

Овој модел потсетува на модифицираната верзија на претходниот модел АК-74. Тој исто така има калибар од 5.45 милиметри. Моделот АК-12 добива интегрирана Пикантиева шина над и под магацинот. Тоа значи дека и обичните војници, а не само припадниците на специјалните единици, ќе добијат модерна оптика и осветлување за да можат да го применуваат оружјето во сите околности.

Важен додаток е кундакот што се склопува. Новиот автомат има помал удар од претходниот модел и е полесен за ракување, така што можат да го користат и аматери.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња