Бродот кој му пркоси на забот на времето: Направен во царска Русија и сè уште е на браникот на Татко

Денес во руската флота има многу стари бродови проектирани уште во советско време. Но, постои и брод кој е направен пред нив, уште во царска Русија. Овој брод има учествувано во две светски војни и сè уште се користи напоредно со модерните бродови.

Звучи неверојатно, но бродот кој е стар 106 години сè уште активно се користи во Руската воена морнарица (како и USS Constitution во морнарицата на САД). Првото име му било „Волхов“, а денес се нарекува „Комуна“. Овој спасувачки брод е направен во 1912 година, следната година е пуштен во вода а во 1915 година станал дел од Балтичката флота. 

Бродот е вистински уникат. Направен е од специјален челик на компанијата „Путилов“, а овој челик е толку добар што трупот на бродот и денес, по цел еден век, е во идеална состојба. За жал, методот на производство на ваков челик е изгубен во вртлогот на руската револуција и Граѓанската војна. 

„Волохов“ не бил наменет за водење борбени дејствија, ниту имал какви било оружје. Основната задача на овој катамаран била спасување подморници и нивно опслужување на отворено море. 

Во Првата светска војна „Волохов“ бил пловечка база за подморниците во Балтичкото море. Имал 10 дополнителни торпеда и резерви горива. Освен тоа, можел да прими 60 морнари. 

Ги спасил, меѓу другото, руските подморници „АГ-15“ (за време на силна бура) и подморница од типот „Барс“. Ја подигнал и британската подморница „HMS L55“ која потонала во Финскиот залив во 1919 година во битката со советските разорувачи „Гаврил“ и „Азард“.

„Волхов“ во 1922 година го добил новото име „Комуна“ кое и денес го носи. Во Втората светска војна успешно служел како база за поправка на подморници и обезбедувале запирање на советските подморници од класата М („Маљутка“).

Од 1967 година „Комуна“ е дел од Црноморската флота. Неговата база е во Севастопољ на Крим. Има 41 член на посадата. 

„Комуна“ има подигнато 150 пловила, па дури и еден потонат авион Су-24 во 1977 година. 

Со оглед на возраста бродот морал постојано да се реновира и модернизира. Опремен е со подводна камера Saab Seaeye Panther Plus која гледа објекти на длабочина од еден километар. Поправен е дури и стариот клавир на бродот од 1914 година, така што и тој е повторно во функција. 

„Комуна“ доживеа длабока старост, за разлика од некои други проекти кои немале толкава среќа. Еден од нив е „тркалезниот“ брод кој е направен во Русија во 19 век.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња