Стасаа новите ракети за рускиот „Панцир“

Википедија
Руската противвоздушна одбрана во голема мера ќе се зајакне со компактните и ултраевтини ракети за борба против „беспилотните камиказе“. Предвидено е првата серија од овие ракети да се упати кон руските воени бази „Тартус“ и „Хмејмим“ за нивна одбрана.

Постоечкиот арсенал руски ракети за ПВО наскоро ќе биде дополнет со најновата малогабаритна ракета која поседува уникатна конструкција и карактеристики. Ракетата е конструирана врз основа на борбеното искуство од Сирија и е наменета за опремување хибридни ракетно-топовски системи за противвоздушна одбрана „Панцир“. Нејзината основна функција е ефективна борба против исклучително малите и брзи цели како што се на пример беспилотните летала или ракетите испукани од лансер со повеќе цевки. Поради своите минијатурни димензии оваа ракета од страна на противвоздушната посада на системот „Панцир“ веќе го доби својот препознатлив прекар ракета-клинец. Четири „ракети-клинци“ се наоѓаат во класичниот лансирен контејнер кој користи стандардна ракета 57Э6Е во состав на системот „Панцир“. Треба да се истакне дека оваа ракета во перспектива до таа мера ќе се развие, што ќе биде основно оружје за пресретнување минијатурни високопрецизни проектили на непријателот. 

Американските експерти го нарекоа рускиот систем за краток дострел „идеално оружје“ кога станува збор за борба против масовните воздушни напади на беспилотните летала. Така пред три дена американското списание The National Interest објави текст под наслов „Russia Just Might Have the Perfect Weapon to Crush 'Swarm' Attacks“ во кој е заклучено дека САД немаат адекватно оружје кое на ист ефикасен начин може да се одбрани од новата тактика на терористите. Поради форсирањето на воздухопловната компонента, во целосно втор план е ставен развојот на системот за ПВО со краток дострел и брзата реакција кој Русите во меѓувреме го усовршија и кој моментално нема аналог во светот. 

Министерството за одбрана за порталот на „Известија“ соопшти дека новата руска ракета се наоѓа во фаза на интензивни испитувања. Таа до сега соборила голем број вежбовни цели кои ги имитираат токму оние офанзивни средства за кои е специјализирана оваа ракета. По завршувањето на деталната фаза на испитувања „ракетата-клинец“ по забрзана процедура ќе влезе во стандардното вооружување на ракетните системи за ПВО „Панцир-С“ и „Панцир-СМ“. Таа на посадите на овие системи ќе им гарантира соборување на практично сите воздушни цели со исклучително мали димензии. 

ЗРПК Панцир-С1

Перспективната наведувачка противвоздушна ракета со мали димензии наменета за опремувањето на системите за ПВО „Панцир“ за првпат беше демонстрирана на меѓународниот воени-технички форум „Армија-2017“. Новата ракета ја конструираше тулската компанија „Конструкторское бјуро приборостренија“. Во нејзиниот развој интензивно се користени постоечките борбени искуства што „Панцир“ ги има собрано во Сирија. Нејзината основна функција е борба против сите видови беспилотни летала, но и системите со високопрецизно оружје како што се, на пример, артилериските гранати со различен калибар. 

Кога станува збор за конструкцијата на самата ракета, се знае дека е обложена со корпус кој е направен од композитни материјали. Моторот е исклучително потентен и има ограничено времетраење, по што ракетата по инерција лета кон целта. Предвидено е во еден ракетен лансер да се вклопат четири вакви ракети. Теоретски, еден противвоздушен ракетен систем „Панцир-С“ може да биде вооружен со 32 „ракети-клинци“.

Руските воени експерти се согласуваат дека во новокомпонираните услови на употреба на беспилотни средства од страна на терористите се покажала насушна потреба за развој на нова муниција која во целосност ќе ја запре оваа закана. Во таа смисла, идентификувани се две основни барања кои оваа муниција мора да ги поседува: 

  1. Оваа муниција според своите вкупни техничко-тактички параметри мора да биде ефикасна како и постоечката муниција, особено кога станува збор за специјални околности како што е борбата против беспилотни летала. 
  2. Оваа муниција мора да биде многу поевтина од постоечката, зашто главно станува збор за средства кои се правени рачно во некакви полудиви работилници и кои се практично бесплатни во однос на стандардната ракета 57Э6Е што ја користи „Панцир“. 

Значи, „ракетата-клинец“ сигурно нема да има хоризонтален и вертикален дострел како стандардната ракета 57Э6Е, но нејзините карактеристики ќе бидат сосема доволни за ефикасно да се соочат со најновите предизвици. Притоа, нејзината цена за изработка ќе биде неспоредливо пониска, а една лансирна единица во своите борбени складишта ќе има четирипати повеќе ракети од сегашната конфигурација. Притоа, самата конфигурација може да биде мешовита. Една лансирна единица ќе може да носи стандардни, но и специјализирани „ракети-клинци“. Оператерот на системот „Панцир“ ќе може да избере со кој тип ракета ќе дејствува во однос на воочениот непријател. 

Благодарение на руската инженерска генијалност, периодот на усвојување на новата ракета кој обично трае со години ќе се скрати на минимален временски период. Практично, веќе оваа година се очекува првата помасовна испорака на агилни „ракети-клинци“ за единиците за ПВО кои во меѓувреме ќе влезат во сериско производство. 

Покрај ова, треба да се спомене дека руските конструктори интензивно развиваат нова ракета со драстично подобри техничко-тактички карактеристики во однос на постоечката 57Э6Е. Се смета дека новата ракета ќе има хоризонтален дострел од речиси 40 километри, и дека според своите вкупни карактеристики ќе биде во категоријата ПА ракети со среден дострел. Овие ракети ќе бидат компатибилни со најновата модификација „Панцир-СМ“, за која покрај овие ракети се развива и нов ФАР радар со зголемени борбени способности.

Прочитајте уште „Панцир“ добива хиперсонични ракети.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња