Нешто не е во ред со Сонцето. Во септември НАСА потврди дека дошло до најголемата експлозија на Сонцето во последните 12 години, што беше неочекувано, со оглед на фактот дека Сонцето влегува во својот соларен минимум, кога активноста на неговата површина станува минимална.
Во 2016 година американските научници со телескопот Кеплер набљудуваа други ѕвезди слични на Сонцето и најавија дека Сонцето влегува во посебна фаза на својата еволуција. Овие резултати ја дадоа првата вистинска потврда дека 11-годишните циклуси на сончевите дамки веројатно ќе исчезнат целосно. Тоа значи дека Сонцето ќе има помалку дамки отколку во првата половина од својот живот проценет на 10 милијарди години.
Научниците претпоставуваа дека тоа ќе се одвива бавно, но тоа, според истражувачите на Институтот за физика „Лебедев“, веќе се случило – сончевите дамки и со нив поврзаните сончеви факели целосно исчезнаа.
„Врз основа на сликата што сега ја гледаме, Сонцето неизбежно се движи кон вториот минимум, кој ќе го достигне до крајот на 2018 година - во првата половина на 2019 година“, се вели во соопштението на руските научници.
Меѓутоа, тоа е само првата фаза на процесот. Тие велат и дека подрачјата на топла плазма исто така ќе исчезнат, а потоа соларното зрачење ќе падне на нула.
„На крај сончевата магнетна енергија ќе исчезне речиси во целост“, велат истражувачите. „Во оваа форма нашата ѕвезда може да живее од неколку месеци до една година, по што новите струи на магнетното поле почнуваат да извираат од длабочините на Сонцето, се појавуваат првите дамки и започнува нов 11-годишен циклус“.
Последиците за Земјата би можеле да бидат студ, мраз и силни врнежи од снег. Последното тнр. Мала ледена доба, во 17-18 век, се совпаднало со соларниот минимум кога немало дамки на Сонцето речиси 50 години.
Малото ледено доба донело во Европа и Северна Америка постудени зими. Во средината на 17 век фармите и селата во швајцарските Алпи биле уништени од глечери. Каналите и реките во Велика Британија и Холандија често замрзнувале, а првите доселеници во Северна Америка зборувале дека зимите се невообичаено студени.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче