Извор: GaBany / NASA
Руските астрономи во април годинава соопштија дека успешно е регистриран молекул на вода во далечната галаксија NGC 4258 која се наоѓа 24 милиони светлосни години од Земјата во правец на соѕвездието Ловечки кучиња. Откритието е резултат на работата на научниците од Коуровската опсерваторија при Уралскиот федерален универзитет (УрФУ) и нивните колеги од астрокосмичкиот центар при Физичкиот универзитет „Лебедев“, САД, Полска, Холандија и Кина.
Што значи земјата во далечната галаксија? Според раководителот на програмата за истражување на космичките мазери во рамките на проектот „РадиоАстрон“, главниот научен соработник на астрономската опсерваторија на УрФУ Андреј Соболев, ова откритие не сведочи задолжително за постоење живот или за можност за негово настанување. „Во овој случај појавувањето на водата е регистрирано во областа на супермасивна црна дупка. Живот сличен на нашиот во такви услови е невозможен“, изјави Соболев за „Руска реч на македонски“.
Нов метод за проучување на структурата на космосот
Овие податоци за првпат се добиени со методот на земско-космичка интерферометрија, кој овозможува да се забележат фантастични детали и значително да се зголеми точноста на мерење на положбата на објектот. Набљудувањата се извршени во рамките на проектот „РадиоАстрон“, кој користи радиотелескоп на руски сателит и инструменти на Земјата распоредени на различни краишта на светот.
Новиот метод овозможува во голема мера да се унапреди аголната резолуција на телескопот, односно неговата способност да разликува мошне ситни детали. Во рамките на проектот „РадиоАстрон“ максимално можното подобрување е 25-30 пати. На овој начин научниците од целиот свет ќе можат мошне попрецизно да ја проучат структурата на космосот, да измерат растојание до објект во нашата галаксија и надвор од нејзините граници, да го истражат движењето на гасот во областите каде се формираат ѕвездите и околината на супермасивните црни дупки во други галаксии, како и природата на специфични космички објекти.
„Научниците за првпат покажаа дека со помош на новиот метод овие набљудувања се можни. Овој метод суштински ги надминува можностите на останатите инструменти што се наоѓаат на Земјата“, истакнува Соболев. „Сега научниците во целиот свет ќе можат повеќекратно поточно да ја измерат брзината на движење на космичките објекти и да го одредат растојанието до нив. Овој проект ни дава конкретен инструмент за проучување на структурата на нашиот Космос“.
Автори на методот
Методот на интерферометрија го пронајдоа руските научници: раководителот на меѓународниот проект „РадиоАстрон“ Николај Кардашев, како и Генадиј Шоломицки и Леонид Матвеенко. Според Андреј Соболев, првиот космички сателит со радиотелескоп во рамките на проектот HALCA е лансиран во Јапонија во 1997 година, но овој инструмент не можеше да воочува водени мазери. Поради хаваријата во нуклеарната електрана Фукушима и поради низа други причини Јапонија го запре истражувањето во оваа сфера. Кина, исто така, спроведува сопствени истражувања на полето на интерферометријата.
Астрономската опсерваторија на УрФУ се наоѓа во населбата Коуровка на 40 километри од Екатеринбург.Во големиот тим истражувачи кои во рамките на проектот „РадиоАстрон“ работат на проучување на космичките мазери учествуваат и научници од Јапонија, САД, Холандија, Австралија, Кина, Германија, Шпанија и од други земји. „Оваа работа не може да се развива без широка меѓународна соработка, зашто радиотелескопите се распоредени по целата планета“, соопштува проректорот за наука на УрФУ Владимир Кружаев.
Космички мазери се природни „ласери“ во радиоспектарот, кои имаат уникатни својства. Тие емитуваат мошне силна светлина која е билион пати поинтензивна од светлоста на нашето Сонце. Набљудувањето на мазерот овозможува со користењето на директниот метод да се измери растојанието до космичките објекти и брзината на нивното движење. Врз основа на овие мерења научниците можат да ја истражат структурата на нашата галаксија. Проектот „РадиоАстрон“ кој овозможува да се забележат објекти со големина на Сонцето на растојание од над 2.000 светлосни години, овозможи непосредно мерење на растојанието до други галаксии.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче