Дворкович: Руските компании ќе поминат и без производите на „Сименс“

Заменик-премиерот на РФ Аркадиј Дворкович.

Заменик-премиерот на РФ Аркадиј Дворкович.

Иљја Питалев / РИА „Новости“
Најавеното заминување на „Сименс“ од рускиот пазар нема да ги погоди домашните државни компании, смета заменик-премиерот на РФ Аркадиј Дворкович.

Државните компании во Русија ќе бидат сосема способни да се снајдат без производите на германскиот концерн „Сименс“, кој одлучи да го напушти рускиот пазар поради скандалот со испораката на гасни турбини за Крим, изјави заменик-премиерот на РФ Аркадиј Дворкович.

„Колку што знам, засега нема целосно откажување од испораките на опремата - засега се работи само за државните компании. Таму нема некакви критични проблеми - има неколку производители во светот кои произведуваат таков тип на производи, многу видови на производи веќе и ние почнуваме да произведуваме“, изјави рускиот заменик-премиер.

Претходно министерот за енергетика на Русија Александар Новак изрази мислење дека опремата која претходно ја испорачуваше „Сименс“ може да се замени со производи од други компании. „Сѐ, што испорачува „Сименс“, можат да го испорачуваат и други  компании. Во голема мера сега во рамките на замената на увозот самите научивме да произведуваме соодветна опрема“.

На крајот на претходната недела „Сименс“ најави прекин на снабдувањето со своја опрема за електрани на руските компании под постојните договори, како и за намерата да ја прекине соработка со компаниите кои се контролирани од страна на државата. Причината беше испорака на четири гасни турбини произведени од страна на „Сименс“ на  Крим со заобиколување на санкциите на ЕУ.

Концернот тврди дека опремата првично била планирана да се испорача во Тамањ (Краснодарски крај), сепак, рускиот партнер на „Сименс“ ги прекршил обврските и ја  испратил опремата на Кримскиот полуостров, кој Киев и Западот сѐ уште го сметаат за „окупирана територија на Украина“.

Во врска со тоа, „Сименс“ ги тужи руските „Технопромекспорт“ и OOO „Сименс технологии за гасни турбини“. „Технопромекспорт“ тврди дека четирите гасни турбини се купени на секундарниот пазар и модернизирани од страна на руските специјалисти.

На 24 јули агенцијата „Ројтерс“ соопшти, повикувајќи се дипломатски извори, дека Германија го поднела до ЕУ предлог да се вклучат на списокот со санкции неколку претставници на Министерството за енергетика на РФ и на руската компанија која била вклучена во транспортот на турбините на Крим, пренесува порталот newsru.com.
 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња