Работници во фабриката за производство на авиони "Горбунов", дел од компанијата "Туполев"
РИА НовостиКорпорацијата „Тупољев“ направи макета во природна големина на најновиот перспективен систем на стратешката авијација ПАК ДА, соопштува ТАСС, повикувајќи се на извор од военоиндустрискиот сектор.
Според проектот, новиот авион нема да служи само како стратешки бомбардер-ракетоносец, ами и како платформа за лансирање космички апарати.
„Покрај класичните борбени функции, авионот ќе може да лансира мали космички апарати во Земјината орбита. Тоа ќе овозможи да се заменат лесните сателити на кои им е истечен работниот век, и тоа без изградба и лансирање на скапи ракети со чија помош во Земјината орбита се исфрлаат големи сателити“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на „Известија“ Дмитриј Сафонов.
Во моментов конструкторите и понатаму експериментираат со различни макети на идниот бомбардер.
Како што во интервју за „Руска реч на макдонски“ истакнува главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски, тоа ќе овозможи да се разработат различни варијанти на борбени компоненти на авионот.
„ПАК ДА е неопходен за стратешко одвраќање. Покрај нуклеарното оружје, сега се работи и на конструирање крстосувачки ракети со голем дострел прилагодени на овој авион, како и хиперсонично оружје“, вели експертот. Сето оружје ќе биде сместено во внатрешноста на авионот.
Според Мураховски, научниците сега работат и на легури на композитни материјали, благодарение на кои ПАК ДА ќе биде помалку воочлив во системите за откривање што ги поседува потенцијалниот противник. Исто така се знае дека авионот ќе лета со брзина помала од звукот, така што ќе биде помалку бучен и помалку воочлив во инфрацрвениот дијапазон.
„Особеноста на авионот на стратешката авијација е можноста да лета многу долго без дополнување гориво во воздух и тоа што е предвиден за ракетирање во подрачја во светот кои се оддалечени од границата на Русија“, вели за „Руска реч на македонски“ Пјотр Дајнекин, поранешен командант на военото воздухопловство на Русија.
Според него ПАК ДА ќе може да ги носи сите видови нуклеарни и конвенционални бомби: проектили за пробивање оклоп и бетон, касетни бомби, морски мини итн.
Во моментов руските конструктори прават „среднорочна“ замена за ПАК ДА.
„На многу стратешки авиони наскоро им истекува работниот век во согласност со гаранцијата и треба ефикасно да бидат заменети со нови модели. Поради тоа донесена е одлука да се направи парк на стратешки бомбардери Ту-160М2 во следните 15 години“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на „Известија“ Дмитриј Сафонов.
Според него, проектот ПАК ДА ќе биде една од најскапите програми на Министерството за одбрана во оваа деценија. Цената на овој проект може да се спореди со создавање нови нуклеарни ракетни подморници од проектот „Бореј“ вооружени со ракети од класата „Булава“, односно околу 5-7 милијарди американски долари.
„Руската армија ќе добие авион кон крајот на следната или на почетокот на деценијата по неа. Засега не постои акутна потреба за него, така што Министерството за одбрана на ги брза конструкторите“, додава експертот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче