Според СЗО од депресија во светот страдаат 350 милиони луѓе. Притоа кај 30-40% од луѓето заболувањето е поврзано со генетски фактори. Научниците од Институтот за цитологија и генетика во Новосибирск го пронашле генот кој влијае врз развивањето на депресијата кај Европејците.
Новиот ген е наречен NKPD1. Со оглед на тоа дека при истражувањето е користен генетски материјал на Европејци, според научниците, кај монголоидите, односно азијатите, и негроидите – луѓето со црна или со чоколадна боја на кожата, не го поседуваат овој ген. Кај нив за депресијата е одговорен друг ген и тој допрва треба да биде пронајден.
Научниците се надеваат дека откритието ќе помогне во создавање лекарства против ова распространета болест. За спроведување на истражувањето користени се методи на генетска анализа кои се разработени во сибирскиот Институт.
Во потрагата по „депресивниот ген“ сибирските генетичари-математичари проанализирале податоци од околу 2.000 лица. Тие биле дадени од холандскиот центар „Еразмус“ во Ротердам кој се занимава со изучување на депресијата.
„Не ја разгледувавме секоја генетска варијанта одделно како што тоа обично се прави во ваквите истражувања“, вели за „Руска реч на македонски“ раководителот на истражувањето, Татјана Аксјонович, доктор на биолошки науки. „Наместо тоа ние го земавме генот во целина и ги разгледувавме само оние генетски варијанти кои ја менуваат структурата на соодветната белковина. Уште една финта е во тоа што ние се концентриравме на таканаречените депресивни симптоми, а не на потврдување на дијагнозата“.
За да се идентификува генот кој учествува во контролата на депресијата, кандидатот на биолошки науки Надежда Белоногова ја разработила програмата „FREGAT“. Во неа се влезени како методи од „регионалната анализа на асоцијацијата“, кога генот се анализира во целина, така и сите нови методи разработени во процесот на истражување.
Според сибирските научници, благодарение на програмата податоците се добиваат мошне брзо: потрагата по генот NKPD1 траела само неколку часа. Многу повеќе време му било потребно на холандскиот центар „Еразмус“ за да ги потврди резултатите од независниот избор на луѓето.
Научниците забележуваат дека од гледна точка на генетиката депресијата претставува уникатна болест. Придонесот на генотипот во развојот на депресијата е сличен на оној кај шизофренијата. Пронајдени се веќе десетици гени кои го контролираат појавувањето на развојот на шизофренијата. Но, за депресијата досега не бил со точност пронајден ниту еден.
„Нашето истражување прво дојде до генот кој ја изменува структурата на белковината“, вели Аксјонович. „Досега научниците имаат идентификувано само локуси, односно делови од геноми. Ние го идентификувавме имено генот, односно измените на структурата на белковината. Ова отвора можност за таргетна терапија, разработка на лекарства кои на определен начин ќе ги коригираат дефектите.
Сибирските научници не планираат да ги продолжат истражувањата во оваа област. Нивната основна специјализација е разработка на статистички методи за анализа и нови пакети на програми. Добиените резултати за депресијата научниците ги објавиле во научното списание Biological Psychiatry и сега на своите колеги-научници им го предаваат ова заболување.
Пакетот програми „FREGAT“ сега се наоѓа во меѓународниот архив на програми CRAN (the Comprehensive R Archive Network) и е со отворен пристап. Секој научник може да го симне и да се користи со него. Според научниците, со помош на програмата може исто така да се идентификуваат гени кои се одговорни за други заболувања.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче