Сармат може да го прелета Јужен пол

Владимир Федоренко / РИА Новости
Русите ја тестираат новата интерконтинентална балистичка ракета Сармат која треба да го замени прочуениот Воевода (или Сатана според квалификацијата на НАТО). Новото оружје е строго чувана државна тајна, но определени детали се веќе познати.

Во Русија е завршено тестирањето на моторот на првиот степен на новата интерконтинентална балистичка ракета Сармат која ќе влезе во експлоатација на почетокот на следната деценија. Тактичко-техничките карактеристики на ова оружје се строго чувана државна тајна. Ние ќе го изнесеме она што успеавме да го дознаеме од конструкторите и од разговорите со воените експерти.

Нагласувам дека во моментов на ракетата сè уште се извршуваат експериментално-конструкторски работи, така што до конечната испорака на руската армија ќе доживее низа модификации и измени.

Што е тоа Сармат?

Тоа е тешка интерконтинентална ракета на течно гориво со ознака РС-28. Тешка е вкупно 100 тони, а 10 тони е тежок делот кој ја содржи боевата глава, односно кој стасува до целта. Ракетата треба да биде испорачана на Стратешките ракетни единици на Руската Федерација по 2020 година и да ја замени моментално најтешката и најразорна стратешка ракета на светот Р-32М2 Воевода (според класификацијата на НАТО SS-18 Satan), тешка вкупно 211 тони со тоа што делот кој стасува до целта е тежок 8.8 тони.

Новата ракета е полесна од Воевода и ќе има поголем дострел. Воевода може да прелета 11.000 километри, а дострелот на Сармат е 17.000 километри. Новата ракета може да лета дури и преку Јужниот пол, од каде што никој не очекува напад и кадешто никој не прави противракетен „чадор“.

Освен тоа Воевода има 10 нуклеарни боеви глави, додека Сармат ќе има повеќекратни боеви глави со најмалку 15 независно надевдувачки проектили. Тие ќе бидат групирани во облик на грозд. Секој проектил има боева глава со силина од 150 до 300 килотони и може да се одвојат од „гроздот“ во моментот кога програмата во самата боева глава ќе ја одреди нејзината цел. Одвоената боева глава ќе лета кон целта со хиперсонична брзина (над 5 маха), менувајќи ја својата патека така што не можат да ја пресретнат никакви системи за противракетна одбрана (ни сегашните, ни перспективните, па дури ни оние што се потпираат на космичките елементи).

Конструкторите на ракетата велат дека Сармат не се потпира на противракетната одбрана. Тој нема ни да ја забележи.

Колку ракети ќе бидат произведени?

Од Воевода ќе останат најмалку 154 лансирни силоси (исто толку силоси се веќе кренати во воздух во согласност со договорот СТАРТ1). Секако, во сите силоси нема да бидат поставени новите ракети, но нивниот број ќе мора да биде усогласен со параметрите на договорот СТАРТ 3 кој предвидува Русија и САД до 5 февруари 2018 година да можат да имаат по 700 подготвени носачи на боеви глави и по 1.550 нуклеарни боеви глави на нив.

Да потсетиме дека секој Сармат треба да има по 15 боеви глави, а во моментов Русија, според податоците од слободните извори, има 521 подготвен носач со вкупно 1.735 боеви глави (САД имаат 741 носач и 1.481 боева глава).

СТАРТ 3 истекува во 2021 година, но тогаш може да биде продолжен за уште пет години доколку за тоа се сложат страните. Ако се случи тоа, очигледно е дека Русите во прво време веројатно ќе имаат помалку ракети Сармат одошто Воевода. Не треба да се заборави дека руската армија покрај Сармат има и други носачи. Тоа се ракетите со копнено и со поморско базирање, како и стратешки бомбардери.

За што ќе служи новата ракета?

Од една страна одговорот е очигледен: ќе служи за одвраќање на веројатен или на потенцијален агресор, а предвидено е да ја замени Воевода, на која заедно со договорот СТАРТ 3 ѝ истекува гарантираниот работен век.

Од друга страна како што смета генерал-мајор Владимир Дворкин, доктор на технички науки и главен научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, за решавање на оваа задача би биле доволни мобилни стратешки ракетни системи „Топољ-М”, „Јарс” и „Рубеж”, а во перспектива и борбениот железнички ракетен систем „Баргузин“.

Сармат во лансирните силоси на Воевода претставува згодна цел за прв непријателски напад. „Ние никогаш нема први да извршиме ракетен нуклеарен напад, иако таквата можност е спомената во нашата Воена доктрина“, вели Дворкин.

Генерал-полковникот Виктор Есин се сложува со својот колега, но не во целост. „Точно е дека ние не планираме први да извршиме нуклеарен напад, но Сармат не е предвиден за тоа, ами за одговор на таков напад. Ние ќе стасаме тоа да го направиме додека кон нас летаат непријателските ракети. Веројатниот и потенцијалниот противник го знае тоа. Според тоа, Сармат, како и другите наши ракетни системи, ќе биде гаранција за нашата безбедност“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња