Лесен рачен митралез РПК-16
Григориј Сисоев / РИА „Новости“На военотехничкиот форум „Армија 2016“ (одржан од 6 до 11 септември во Подмосковје) концернот „Калашников“ претстави низа нови модели стрелечко оружје.
Меѓу нив се офанзивниот рачен пушкомитралез РПК-16 и експериментални примероци на модернизираната варијанта на советскиот пушкомитралез РПК-74.
Посетител го разгледува лесниот рачен пушкомитралез РПК-16 во павилјонот на „Калашников“ на форумот „Армија 2016“. Извор: Григориј Сисоев / РИА „Новости
Новиот рачен митралез РПК-16 со калибар 5.45 милиметри е всушност темелно модернизирана варијанта на советскиот пушкомитралез РПК-74.
Според Андреј Кирисенко, советник на генералниот директор на концернот „Калашников“, оружјето е произведено пред 40 години и било ефикасно, но имало низа недостатоци.
„Магацинот примаше само 45 куршуми, а самиот пушкомитралез беше габаритен и не беше наместен за излегување на борците од борбеното возило на пешадијата. Од друга страна, митралезот добро се покажа како сигурно оружје во борба независно од временските услови. Поради тоа решивме да не измислуваме ништо, ами да го преработиме стариот модел и да го прилагодиме на денешните услови“, вели тој за „Руска реч на македонски“.
Новиот модел стана „деноноќно“ оружје. Пушкомитралезот има Пикатиниеви шини така што на него може да се монтираат сите видови нишани – од ноќни, термовизиски и колиматорски до оптички снајперски нишани.
„Војникот може да отвори оган со поединечно пукање и да погодува мета со пречник од 20 сантиметри на оддалеченост од 300 до 400 метри (според тактичко-техничките карактеристики пушкомитралезот уништува жива непријателска сила на оддалеченост од 800 метри“, истакнува Кирисенко.
Пушкомитралезот има и нов полесен магацин во кој се сместуваат 96 куршуми. Покрај останатото, РПК-16 може да користи и „класични магацини“ на автоматот АК-74М, кој во моментов се користи во руската армија.
Конструкторите имаат предвидено и можност за замена на цевката по што РПК-16 може да се користи како рачен митралез (подолга цевка, 1.076 милиметри во борбена положба), а исто така и како офанзивно оружје за специјалните единици (пократка цевка, 836-896 милиметри во борбена положба). Кога по подолго користење цевката ќе стане неупотреблива, не мора да се менува целото оружје, ами само се нарачува цевка со потребната должина.
Оружјето со комплетна опрема сега е тешко само 4.5 килограми.
„РПК-16 го конструиравме на сопствена иницијатива. Ние овој пушкомитралез ќе ѝ го дадеме на војската да го тестира, по што ќе го доработиме во согласност со евентуалните забелешки. За оружјето исто така се заинтересира раководството на центарот за специјални намени на Федералната служба за безбедност и на Националната гарда“, истакна советникот на генералниот директор на концернот „Калашников“.
Како што вели извор на „Руски реч на македонски“ во военоиндустрискиот сектор, РПК-16 може да дојде на смена на пушкомитралезот „Печенег“ кој сега се користи во руската армија.
Снајперска пушка „Калашников“ (СВК) / Григориј Сисоев / РИА „Новости“
Познатиот руски концерн демонстрираше и два пробни примероци на полуавтоматската снајперска пушка „Калашников“, едниот прилагоден на руските куршуми 7.62х54 милиметри, а другиот на куршумите на НАТО со големина 7.62х51 милиметри.
Конструкторите планираат со ова оружје да се замени армиската снајперска пушка „Драгунов“.
„Снајперската пушка 'Драгунов' е направена пред половина век и денес нејзиниот потенцијал за модернизација веќе е во целост искористен. Новиот полуавтоматски карабин е поедноставен за користење и е покомпактен. Поткундакот не се потпира на цевката, што ја зголемува прецизноста на гаѓањето, а кундакот што се склопува овозможува примена во борбата“, истакнува Кирисенко.
Видео од концернот „Калашников“: Снајперска пушка
За време на интервјуто конструкторот без напор го врти оружјето во една рака.
„Главна особеност на снајперската пушка 'Калашников' е нејзината тежина. За споредба, познатата германска автоматска пушка Heckler&Koch е тешка 7.5 килограми, а нашиот нов модел тежи само 4.2 килограми, со тоа што нашата пушка според прецизноста и според дострелот не заостанува зад германската“, истакнува Кирисенко.
Пушката од двете страни е ергономски прилагодена така што може да се пука и со левата и до десната рака, а на горниот дел од сандакот е поставена Пикатиниева шина за монтирање на сите постоечки „додатоци“.
Ефективниот дострел на новото оружје е 1.000 метри. Во магацинот собира 10, 15 и 20 куршуми.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче