Руските научници добија сигнал од космосот

Сергеј Фадејчев / ТАСС
Научниците во Европа и во САД претпоставуваат дека на ѕвездата HD164595 од соѕвездието Херкулес постои живот. Својата претпоставка ја темелат на „мистериозниот сигнал“ кој го забележа телескопот на Специјалната опсерваторија на Руската академија на науките во Нижни Архиз. Зошто руските астрофизичари го криеле своето откритие цела година? Каква е нивната верзија за потеклото на сигналот? Дали станува збор за пречка од воено потекло или за „поздрав“ што ни го испраќа некоја вонземска цивилизација?

Радиосигналот што го забележа рускиот телескоп RATAN-600 пред нешто повеќе од една година, односно на 15 мај 2015 година, е многу посилен од типичните сигнали. Должината на бранот е 2.7 см, а траел две секунди, што за вакви радиобранови е мошне долг период. На пример, брановите кои на Земјата стасуваат од Месечината се послаби за 7 до 12 пати.

„Првенствено проверивме дали има сателит во областа од која телескопот го фати сигналот. Таму сè беше чисто. Можеше да станува збор за пречка која стасува од воен објект или од авион кој лета. Но, можно е и сигналот да стасал од ѕвездениот систем што го проучуваме“, вели за „Руска реч на македонски“ Екатерина Филипова, началник на одделението за научни информации на Специјалната опсерваторија на Руската академија на науките во Нижни Архиз.

Пречки од земско потекло

Ѕвездениот систем HD164595 е сличен на нашиот Сончев систем. Оддалечен е од Земјата 95 светлосни години. Овој систем се набљудува над една година, особено планетата „врел Нептун“ која според составот е слична на Земјата, само што има 16 пати поголема маса.

Како руските, така и западните научници кои работат на програмата SETI (Search for Extraterrestrial Intelligence) сметаат дека на оваа планета веројатно нема живот. Поради тоа руските научници не сметале дека нивното откритие е важно и го изнесоа пред јавноста дури минатата недела. Не ни претпоставуваа дека оваа вест ќе има толкав одек во светот.

Научниците што дојдоа до ова откритие сметаат дека сигналот има земско потекло. „Во текот на годината има во просек педесет вакви пречки, така што не е ништо чудно. Телескопот RATAN работи на фреквенции кои не се користат во Европа и во Америка. Токму во тој дијапазон и е откриен сигналот“, вели докторот на физичко-математички науки Олег Верходанов, соработник во опсерваторијата каде е откриен овој радиобран.

Другата верзија што ја изнесува Верходанов се таканаречените „случајни пречки“. Овие појави во научните кругови се разгледуваат веќе две години. Тоа се ситуации во кои од непознати причини се емитуваат поинтензивни бранови. „Поголемиот интензитет на брановите е можен, на пример, кога астероид ќе падне на неутронска ѕвезда, па се појавуваат такви сигнали. И последната верзија на мојот личен список е 'поздрав' од некоја вонземска цивилизација“, вели Верходанов за „Руска реч на македонски“.

Во потрага по живот во вселената

Веќе сега се смета дека откриениот сигнал од правец на ѕвездата HD164595 ќе биде една од главните теми на годинашново заседание на Постојаниот совет на SETI што ќе се одржи во септември. Засега не е јасно што конкретно ќе се разгледува на седницата на Советот, зашто сигналите со ваква јачина подразбираат дека постои цивилизација која е многу поразвиена од нашата.

Според астрофизичарите, сигналот може да стаса до Земјата само доколку бил специјално насочен кон нас. Освен тоа, фреквенцијата од 11 гигахерци на која е фатен радиобранот им припаѓа на руските вооружени сили. Армиите на другите земји не ја користат оваа фреквенција. Сепак, научниците не губат надеж.

„По вонземски цивилизации се трага над 50 години, а нашиот радиотелескоп е најголемиот уред од ваков вид во светот, и може да ги фати дури и најслабите сигнали“, коментира Екатерина Филипова.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња