Некои технологии кои можат да му помогнат на италијанскиот хирург Серџо Канаверо успешно да му ја пресади главата на рускиот програмер Спиридонов, кој од детството е врзано за инвалидска количка, се појавиле уште во советско време. Други се во процес на развој.
Според Канаверо успехот на операцијата речиси 100% зависи од рускиот препарат „Перфторан“. Оваа замена на крвта ќе помогне да се реши прашањето со големата загуба на крв при одделувањето на главата од телото.
„Перфторан“ е создаден во осумдесеттите години од минатиот век од страна на Феликс Белојарцев - биофизичар од Институтот за теоретска и експериментална биофизика при Руската академија на науките. Поради бојата препаратот е нарекуван и „сина крв“. Тој поседува добри гасотранспортни функции и висок степен на пенетрација и во најоддалечените капилари на организмот.
На Канаверо му понудиле да користи „Перфторан“ од институтот кадешто тој е создаден. Во моментов научниците го тестираат препаратот при трансплантацијата на животински глави.
Трансплантологот по васкуларна хирургија Анатолиј Трошин предложи нов метод за спасување на животот на Валериј, ако нешто тргне како што не треба. Во моментов Канаверо и Спиридонов, кој лично го познава Трошин ја разгледуваат можноста за негова примена.
Трошин предлага главата, одвоена од телото, да биде вметната во посебен сад, сличен на скафандер за космонаут. Тогаш таа може да биде поврзана со крвниот систем на донаторот, кој најверојатно ќе е роднина на Спиридонов. „Овој сад треба да е со надворешна форма, погодна за поставување и постојано носење на телото на доброволниот донатор на крв“, пишува Трошин.
Ќе се добие еден вид ефект на сијамски близнаци. Специјални сензори ќе овозможат во крвта да бидат доставени имунодепресиви кои ја штитат главата. Крвта обработена од главата, пред да биде вратена на донаторот, ќе може да биде прочистена со помош на филтер.
Трошин го има опишано својот метод не само во научни трудови. Тој издаде веќе трети научно-фантастичен роман за трансплантации, кој се нарекува „Дали е можна и потребна трансплантацијата на глава?“
„Невозможно е да се предвиди развојот на психолошка некомпатибилност помеѓу главите“, смета Трошин. „Проблемот може да се реши само со помош на повеќекратна замена на донаторите-носители додека не биде избрана психолошки најкомпатибилната двојка“.
Во Централниот институт за трауматологија и ортопедија „Н.Н. Пирогов“ се прават обиди за обновување на функциите на оштетен 'рбетен мозок со употребата на магнетни наночестички. Ако бидат внесени во организмот и ставени во магнетно поле, тие го забрзуваат соединувањето на оштетените нервни израстоци - аксони.
Во овој момент глувци со оштетен 'рбетен мозок, во чиј организам се внесени наночестички - по неколку недели тие ја обновуваат својата подвижност.
Покрај тоа професорот по трауматологија и ортопедија од ЦИТО Георгиј Степанов нуди при трансплантацијата да се користат сопствените садови на болниот и нерви од други ткива на неговото тело. Тој смета дека со тоа се избегнува проблемот со отфрлањето на донаторско тело. Научната група на професорот доби патент и веќе се успешно оперирани 162 болни.
Впрочем, според Валериј Спиридонов засега институтот не донел одлука дали ќе соработуваат.
Засега за учество во експериментот на Канаверо се согласиле Виетнам, Јужна Кореја и Кина. Ниту една руска клиника не е подготвена да ја преземе одговорноста. Експериментот е попречен и од сложеното руско законодавство.
Во меѓувреме самиот Спиридонов преферира операцијата да е во Русија: за трансплантацијата е потребно тело на човек од истата раса. На пример претставниците на монголоидната раса, односно азијатите се со поинаква кожа, помалку влакна, потните жлезди се создадени на друг начин.
„Засега за мојата операција во Русија не е обезбедено ниту место, ниту финансирање. Ако воопшто во 2017 година се изврши операција, таа најверојатно ќе биде во Кина. Земјата веќе многу е напредната во овој поглед“, вели Спиридонов. Кинеските научници веќе имаат направено над 1000 експерименти со глувци, мајмуни и со човечки трупови.
Спиридонов страда од синдромот на Вердинг-Хофман - постепена атрофија на мускулите и нервите на 'рбетниот мозок. Од детството тој е врзан за инвалидска количка. Обично луѓето со слична дијагноза живеат не повеќе од 20 години. Сега Валериј има 32 години и не може да крева предмети кои се потешки од мобилен телефон.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче