Перфторан: крв за извоз

Денес руската замена за крв „Перфторан“ се извезува во земјите на ЕУ, Кина, Индија и Латинска Америка. Препаратот се појави на пазарот пред само неколку години, макар што беше пронајден од советските научници уште на крајот на 1970 години.

Русија извезува „Перфторан“ или „сина крв“ речиси во сите земји во светот.  Препаратот, пронајден од руските научници под раководство на Феликс Белојарцев на крајот на 1970 години почна да се произведува дури пред неколку години. Од непознати причини во СССР производството на Перфторан беше забрането, а неговиот творец, по хајката над него  во медиумите и претресот на викендичката, според официјалната верзија, „го заврши животот со самоубиство.“ 

На Перфторан одново се сетија пред десетина години, кога американската компанија Alliance Pharmaceutical која се занимава со слично производство, според резултатите на сопствената експертиза на примероците од овој лек, го истакна квалитетот на рускиот препарат. Откако една од најголемите меѓународни компании го призна препаратот, интересот за него порасна на глобалниот пазар. Оттогаш почнаа испораките за извоз на  препаратот првин во земјите на ЗНД и Источна Европа. Потоа на ред дојдоа некои земји од Европската Унија, Кина и Индија. И за крај на „светската турнеја“, Перфторанот почнаа да го купуваат и земји од Латинска Америка. 

Од што е направена „сината крв“? 

Перфторанот се состои од перфлуоро јаглероди кои можат да исполнуваат функции за размена на гасови, како и природната крв. Тој се збогатува со специјални додатоци чие количество зависи од индивидуалните карактеристики на пациентите. 

Производството на препаратот се врши во подмосковскиот град Пушчино, во Научно-истражувачкиот институт, каде и работел Феликс Белојарцев. „Ние испорачуваме „Перфторан“ во десетици земји и тоа е континуиран процес. Го набљудуваме аналогното производство во Европа и САД, но не соработуваме со странските колеги по ова прашање“, изјави генералниот директор на НПФ „Перфторан“ Игор Маслеников. Тој одби да даде информација за обемот на производството и испораките за извоз на препаратот, повикувајќи се на деловна тајна. 

Лекарите сметаат дека „Перфторан“ е поефикасен од традиционалните пакети со еритроцитна маса, затоа што не пренесува болести, и освен тоа, компатибилен е со секоја крвна група. За разлика од дарената крв, препаратот може да се одмрзнува и повторно да се замрзнува до 5 пати. А рокот на трајност достигнува две години, за разлика од едноиполмесечната трајност на еритроцитната маса. 

„Перфторан е прекрасно средство за одржување на животните функции на органите и ткивата. Тој подобро од многу други препарати ги пренесува гасовите и другите материи во организмот“, забележува специјалистот за ендоваскуларна хирургија на Московскиот областен научно-истражувачки Клинички институт Рубен Ајрапетјан. Сепак, според него, користењето на препаратот во својство на крвен супститут во ситуации на голема загуба на крв, кога е потребна итна трансфузија, е многу скапо. 

Премногу скапо за Русија? 

Можеби токму цената на трансфузија на крв влијаела во Русија „Перфторан“ да продолжува да биде помалку популарен од донираната крв во медицинските кругови. Според зборовите на Ајрапетјан, само за почетна трансфузија за еден пациент неопходно е да се потрошат околу 50 илјади рубљи (повеќе од 1200 американски долари). Односно, една руска болница мора да потроши десетици милиони рубљи (повеќе од 240 илјади американски долари)  месечно сметајќи ги сите трансфузии неопходни за пациентите.   

„Ова, се разбира, економски е многу неефективно, затоа почесто се користат евтини наједноставни раствори кои одлично ја исполнуваат својата функција на крвен супститут, затоа што за одржување на нормалното функционирање на организмот потребни се приближно 10% од потребните шеќери, истакнува Ајрапетјан. – Односно, секој адаптиран раствор се справува со функцијата на крвен супститут. „Перфторанот“ прекрасно одговара при хронични заболувања, долготрајни лекувања и обнова на организмот по голема загуба на крв. Во тие ситуации тој се истакнува како прекрасен проводник на неопходните материи.“ 

Но, според зборовите на лекарите, ситуацијата брзо се менува во врска со недостатокот од дарена крв кој почна по укинувањето на паричната компензација за дарителите на крв. „Сакаа да заштедат, а не зедоа предвид дека дарителите во Русија се обично студенти, кадети, луѓе од сиромашни семејства, изјавија за „Руска реч на македонски“ вработените во Московската централна станица за трансфузија. – Тие даваат крв за да добијат пари, а не само од некакви благородни побуди, макар што и такви луѓе има многу. По стапувањето во сила на законот, количеството на дарена крв се намали за 20-25%.“ 

За да се подобри ситуацијата со крв во низа региони општините почнаа делумно да им ја компензираат на дарителите финансиската загуба. Недостигот од крв се одрази на ситуацијата во медицината. Од 2007 до 2011 година Министерството за здравство нагло го зголеми откупот на крвен супститут за повеќе од 72% - од 29 милијарди 700 милиони  рубли (околу 7 милиони американски долари) до 51 милијарда 300 милиони рубли (над 12 милијарди американски долари). Според податоците на компанијата за истражувања BusinesStat, од 2012-2016 година производството на крвни супститути ќе порасне до 53 милиони 200 илјади пакувања. Сепак Перфторан не се наоѓа на прво место според популарноста – во прв ред поради високата цена.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња