Пет руски проекти од изложбата Инопром

Дарја Кезина
Во Екатеринбург (1.400 километри од Москва) од 10 до 13 јули беше одржана меѓународната изложба „Инопром“, кој собра автори на нови технологии и политичари од 95 земји. „Руска реч на македонски“ за вас ги избра петте најинтересни проекти.

1. Робот-спасител

Компанијата „Андроиднаја техника“ е творец на антропоморфниот робот со назив „Спасител“. Компанијата произведува техника за потребите на руската воена индустрија, па поради тоа деталите за овој и за други нивни проекти се под превезот на државна тајна.

Може да се каже дека овој робот е „универзален војник“. Тој може да извлекува луѓе од урнатини, да гаси пожари и да работи во опасна зона, односно во производство на хемиски или на радиоактивни материјали. Со роботот може да се управува преку специјален костим од кој било дел на светот со задршка на реакцијата од една милисекунда.

Како што за „Руска реч на македонски“ изјави претставничката на компанијата Алфија Сиразединова, роботот не учествува на меѓународни натпреварувања по роботика (односно не може да докаже дека е подобар од еквивалентните модели) зашто за тоа нема дозвола од Министерството за одбрана на РФ.

Дарја КезинаДарја Кезина

2. „Паметен“ модул за гаснење пожар

Модулот на уред за гаснење пожар е интегриран со технологијата „Интернет-ствари“ (се опслужува самиот себе, а за дефектите соопштува по СМС, и-мејл или апликација). Автор на моделот е групацијата „Иновациски системи за пожарна безбедност“.

Дури и ако во објектот е исклучена струјата, овој уред сепак ќе функционира, односно ќе почне да гаси пожар. Овие модули веќе ги поседуваат управите на Федералната служба за безбедност, одделенијата на Сбербанк и хипермаркетите.

„Претходно, на пример, на инспекторот му беа потребни час и половина за во Ленинградската нуклеарна електрана да го провери функционирањето на модулот, а сега може со апликација за мобилен телефон да види во каква состојба се сите 40 модули, кога последен пат била извршена техничка интервенција и што е потребно да се преземе“, вели раководителот на групацијата која е автор на проектот Сергеј Лекторович.

Дарја КезинаДарја Кезина

Авторите го сместија модулот во сад под висок притисок, сличен на оној што се применува во лунарните ровери.

3. Сигнал на голема оддалеченост

Московската компанија Т8 покажа опрема за дигитален пренос на податоци на оддалеченост која е меѓу најголемите на светот. Опремата овозможува пренос на 5 терабити во секунда со оптичко влакно. Тоа значи дека во секунда можат да се пренесат 1.600 ХД-филмови на растојание од 4.000 километри.

Овој проект ѝ овозможи на компанијата да влезе меѓу четирите водечки фирми што произведуваат слична опрема, а кои доаѓаат од Кина, Финска и од САД.

Дарја КезинаДарја Кезина

„Нашата опрема во голема мера ја намалува цената за изградба и за давање услуги за претплатниците“, вели Константин Марченко, заменик на генералниот директор на Т8. Сега оваа компанија излегува на странските пазари, пред сè во Иран и во Виетнам, а се водат преговори и со Индија и со Индонезија.

4. Суперчувствителен микрофон

Споменатата компанија Т8 презентираше и систем за обезбедување и за мониторинг. Станува збор за виброакустичниот сензор „Дунај“ кој може да контролира фрагменти на оптички кабли долги од 40 до 70 километри. Акустичкиот микрофон слуша сè што се случува околу него и во случај на опасност испраќа сигнал.

Уредот е конструиран за обезбедување нафтоводи и гасоводи. Но, сега постои план тој да се користи во Русија како контрола за полетувањето и за слетувањето на авионите, да ја следи состојбата на железничката мрежа и на движењето на возовите. Сензорот може да „чуе“ шина која е напукната, оштетено лежиште на тркалата на авионите и други дефекти. Тие создаваат звуци кои се издвојуваат од општиот фон.

5. Монокристали на сафир

Примероци од производи од синтетички сафир беа претставени од компанијата „Монокристал“ која минатата година го произведе најголемиот кристал на светот тежок 300 килограми. Најблиската конкуренција од САД и од Кина засега успеа да добие кристали на сафир тешки 100 килограми.

По дијамантот, сафирот е најтврдиот материјал на Земјата. Практично не може да се изгребе. Поради тоа се користи за леќи кај камерите и за екрани на мобилните телефони.

Над 98% од производите на „Монокристал“ се извезуваат во странство. Според оценките на француската аналитичка компанија Yole Developpement, во секој трет смартфон во светот кој се има појавено во 2015 година се користени материјали на руската компанија.

Со оглед на тоа дека овој скапоцен материјал сега се произведува, во иднина заштитните стакла на мобилните телефони, на таблетите и на другите уреди ќе може во целост да се прават од сафир, уверени се претставниците на компанијата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња