Спрут, Удод и други космички експерименти

AP
Зошто на космонаутите им е тешко да стојат на нозе, како да се изборат со гладот во вселената и како да не се изгуби видот? „Руска реч“ поразговара со руските научници што се занимаваат со научни истражувања за едногодишната мисија на Меѓународната вселенска станица.

Годишната мисија, која започна на МВС на 27 март, во текот на една година ќе спроведе 19 медицинско-биолошки истражувања. Од нив 14 се од руската програма. Астронаутите Михаил Корниенко и Скот Кели исто така ќе извршат два заеднички руско-американски експерименти. Поголемиот дел од истражувањата се насочени кон подготовката на човекот за далечни летови и за пат до Марс.

Глад во бестежинска состојба

Некои истражувања што беа направени претходно покажаа дека во услови на бестежинска состојба храната нема тежина, па затоа чувството на глад се појавува почесто. Како што вели за „Руска реч“ научниот раководител на експериментот, Борис Афонин, при ниска физичка активност на космонаутите зголемениот апетит може да доведе до дебелеење.

Исто така, во космосот се менуваат вкусовите. „Ова не значи дека соленото се чини слатко или кисело. Но, оние производи што во рамките на тестирањата на Земјата на космонаутите им се чинеле вкусни, во космосот не се чинат така. Космонаутите понекогаш се жалат дека јадат без да уживаат. Од што зависи промената, допрва треба да се дознае“, вели Борис Афонин.

Кога космонаутите се враќаат на Земјата, тие не се нафрлаат на стекови и на боршч. „Ним им е потребен период на адаптација, со оглед на тоа што организмот на почетокот ја прифаќа обичната земја храна многу тешко. Причина за ова е тоа што во бестежинската состојба се намалува тонусот и активноста на мускулите на желудникот и на цревата, односно цревата не ја туркаат храната понатаму“, објаснува Афонин.

Но, според овој научник, ова е само предлог, а целта на експериментот е да се дознае кои деловите на желудочно-цревниот тракт најмногу се менуваат и дали постои ризик за патолошка трансформација. Во иднина податоците од експериментот ќе помогнат за разработка на средства за профилакса на системот за варење и да се направи оптимален начин на исхрана за космонаутите.

Спрут ќе собере примероци од крв

Во текот на годината научниците исто така внимателно ќе ја следат размената на материите кај рускиот космонаут. На секои два месеци Корниенко самиот ќе си зема примерок од крвта, ќе минува низ прегледи на специјалниот прибор Спрут, ќе ги внесува во табела потребите за вода и количеството изедена храна.

Членови на екипажот ТМА-16М од експедицијата 43/44 на Меѓународната вселенска станица, ги пробаат скафандерите на космодромот Бајконур, од лево кон десно: Скот Кели (САД), Генадиј Падалка (Русија) и Михаил Корноенко (Русија). Извор: РИА Новости Членови на екипажот ТМА-16М од експедицијата 43/44 на Меѓународната вселенска станица, ги пробаат скафандерите на космодромот Бајконур, од лево кон десно: Скот Кели (САД), Генадиј Падалка (Русија) и Михаил Корноенко (Русија). Извор: РИА Новости

Ова ќе им помогне на научниците да определат како во услови на бестежинска состојба се менува хормонскиот и имуниот статус на човекот. „Дури и мали измени во хормонскиот статус можат да влијаат на работоспособноста на космонаутот“, појаснува за „Руска реч“ Галина Васиљева, водечки научен соработник на Институтот за медицинско-биолошки проблеми при Руската академија на науките.

Уште еден значаен фактор е хипохидратацијата, односно распределувањето на течностите, особено на крвта во организмот. „Во услови на бестежинска состојба крвта се преместува од долниот дел на телото кон главата. Органите, особено срцето, почнуваат да работат во засилен режим. За да се адаптира на ситуацијата, организмот започнува да се ослободува од вишокот течност. Затоа во првото деноноќие на летот кај космонаутите се забележува диуреза“, вели Галина Васиљева.

Спротивна појава се забележува по приземјувањето. Со враќањето на гравитацијата крвта нагло се враќа во долниот дел од телото и токму затоа на космонаутите им е тешко да стојат на нозе. Истражувањата ќе помогнат во иднина да се олесни и да се забрза периодот на адаптација и во космосот и на Земјата.

Дишење преку апарат

Експериментот „Удод“ е посветен на изучување на системот за дишење, кој е исто така поврзан со ефектот на хипохидратација. Тој за првпат ќе биде спроведен во услови на бестежинска состојба. Зголемувањето на приливот на крвта во горниот дел од телото предизвикува зголемен притисок во черепот, што може да биде една од причините за влошувањето на видот на кое се жалат космонаутите. Космонаутите во бестежинска состојба ги чувствуваат истите нешта што ги чувствува и човек што е заврзан со главата надолу.

Дишењето низ специјален апарат ќе овозможува да се намали притисокот во градниот кош и ќе предизвика повлекување на крв од главата. Дишните мускули во услови на бестежинска состојба ослабуваат исто како и мускулите на нозете, со оглед на тоа што дишењето станува полесно. Во такви услови маската создава дополнителен товар при вдишувањето и служи како тренажер“, објаснува шефот на лабораторијата Александар Суворов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња