Комбајнот полека излегува на полето и почнува со обработка на посевите. На прв поглед ништо особено. Но, ако се погледне во кабината, ќе се види дека во машината нема човек - комбајнот самостојно ја извршува работата.
Лансирањето на програмата за развој на беспилотни машини за земјоделството беше отпочнато во Татарстан - тука се создаде специјализираниот агрохолдинг „Агрополис“, во кој ќе се произведува „паметна техника“ за потребите на земјоделството.
Се претпоставува дека во наредните пет години вкупниот обем на инвестициите во проектот „Агрополис“ ќе достигне 225 милиони американски долари, а првите пробни примероци на беспилотни комбајни ќе се случат по две години. При тоа, како што велат учесниците во проектот, овие модели ќе бидат само со 15-20% поскапи од традиционалните, управувани од човек.
Меѓу учесниците во проектот „Агрополис“ е најголемиот руски производител на земјоделска техника „Ростселмаш“, еден од водечките земјоделски холдинзи во република Татарстан „Сојуз-агро“, а исто така и руската компанија „Cognitive Technologies“. Последната веќе има искуство во создавањето на беспилотни техника: таа активно соработува со најголемиот руски производител на камиони - компанијата „КАМАЗ“, за кого Cognitive Technologies развива системи за беспилотно управување на автомобили.
Роботизираниот систем за руското земјоделство ќе се развива за неколку клучни насоки, вели за „Руска реч на македонски“ Ољга Ускова, претседател на групацијата „Cognitive Technologies“. Пред сè, тоа ќе бидат земјоделски комбајни и друга техника.
„Во основата на оваа роботизирана техника лежат нашите разработки за камионите КАМАЗ, каде камерата и компјутерите создаваат таканаречен „виртуелен тунел“, благодарение на кој техниката сама разбира каде треба да се насочи“, вели Ољга Ускова.
Според неа руската разработка не отстапуваат од странските лидери во овој сегмент, како што е Google, па дури и ги надминува според некои индикатори. Според зборовите на Ускова другите системи во поголема мера се предвидени за идеални услови на патната инфраструктура - обележување знаци, патокази, паметни патишта. А, системите на „Cognitive Technologies“ се ориентирани на руските услови и може да се користат во отсуство на какво и да било означување.
Целата работа е во тоа што компанијата како технолошка основа го користи пасивниот модел на компјутерски вид, кога потребата за управување информации се обезбедува од видеокамерите на беспилотниците.
Овој пристап се користи во Русија во прилог на активниот модел кој претпоставува користење на емитирачки прибор - радари и лидари кои го одредуваат растојанието и брзината на објектите. Токму на неа се базирани многу од странските проекти, на пример Google Car.
Во „Агрополис“ имаат намера да создадат и автоматски системи за следење на земјоделските култури. Тука е предвидено да се користат беспилотни летала, т.н. дронови кои летаат над полињата и го забележуваат, на пример загадувањето.
Уште една насока се фиксни уреди за мерење. Тие ќе се монтираат на различни локации во полињата и ќе го мерат, да речеме, нивото на влага во почвата или нејзината сатурација со потребните елементи. Ако овие индикатори се намалат, ќе биде дадена команда за автоматско наводнување или за активирање на системот за наѓубрување.
Впрочем постојат и пречки во развојот на беспилотната техника во земјоделството. „Досега ваквиот вид транспорт не е законски регулиран“, изјави Олег Коробкин, директор за операциите во транспортната компанија DPD во Русија.
„Важен услов за појавување побарувачка на ваква техника, треба да стане развојот на инфраструктурата за нејзиното одржување, - вели Александар Дјаконов, директор за транспорт во логистичката компанија FM Logistic, - Освен тоа треба да мислиме што ќе правиме со сегашните возачи“. Според оценките на Дјаконов, во моментов во областа на управување со трговски транспорт и друга техника во Русија се ангажирани над 2 милиони лица.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче