Роман Абрамобич со синот Аркадиј.
PA Images/TASSСинот на олигархот Роман Абрамович (со богатство од 7.6 милијарди американски долари, го зазема 13 место на рускиот рејтинг на списанието „Форбс“), 22-годишниот Аркадиј, одлучил да одгледува домати и краставици во Белгородската област (на 733 километри јужно од Москва), регион до границата со Украина. На крајот на 2015 година тој за овој проект ја создал компанијата „Гринхаус“, специјализирана за зеленчук. Обемот на инвестициите и параметрите на проектот засега не се познати. Ова, меѓу другото, не е првиот обид на Абрамович Јуниор да се зафати со бизнис со краставици.
Претходно властите на друг регион - Ростовската област (1.000 километри јужно од Москва) - рекоа дека Аркадиј Абрамович има намера да изгради во нивната област стакленици на површина од 200 хектари. Инвестициите во проектот се проценуваат на 200-250 милиони рубли (3-4 милиони американски долари) за хектар, вели експертот Владислав Глинберг, мнозински сопственик на компанијата „Сити-Капитал“, поврзана со бизнисот на стакленици. Вкупниот обем на капитал, доколку се раководиме од оваа проценка, може да достигне 40-50 милијарди рубли (600-770 милиони американски долари).
Проектот сè уште е во фаза на преговори со инвеститорот, соопшти за руската новинска агенција РБК претставник на администрацијата на Ростовската област. Според него „засега ништо не е изменето, но договорот сè уште не е потпишан".
И помалиот син на главниот обвинител на Русија, Јуриј Галеб, Игор Галеб, решил да се зафати со стакленици. Во март 2016 година тој ја формираше компанијата „Агро-Регион“, чија основна дејност е зеленчукот. Но, плановите на 28-годишниот бизнисмен не се ограничени со одгледување на домати. Судејќи според описот на активностите на компанијата (во примерокот од единствениот државен регистар на правни лица), тој има намера да организира бизнис со целосен циклус. Со други зборови компанијата нема само да одгледува зеленчук, но и ќе ги продава на големо, а исто така и ќе ги преработува.
Фото: Коммерсант
За нов проект се подготвува и семејството на министерот за земјоделство Александар Ткачов, пишува весникот РБК. Сопственици на компанијата „Агрохолдинг“ се негови роднини. За 1.9 милијарди рубли (29.2 милиони американски долари) таа во Ростовската област ќе изгради млечна фарма за 2.800 глави. За пет години „Агрокомплекс“ има намера да го зголеми обемот на производство за речиси двапати. Инвеститорот планира да ја започне изградбата на првата фаза, при која фармата ќе има 1.200 глави, уште оваа година. „Тоа е најголемиот проект во сферата на млечното сточарство во регионот“, истакна гувернерот на Ростовската област Вјачеслав Василенко на средба со новинари на 7 април 2016 година.
Михаил Мецел / TAСС
На крајот на 2015 година „Агрохолдинг“ влезе во топ-10 сопственици на земјоделски земјиште во Русија, покажува листата на консултантската агенција BEFL. Според оценка на BEFL површината на земјиштето во сопственост на холдингот изнесува 456.000 хектари.
Во 2016 година владата дури почна да го разгледува прашањето дали постои конфликт на интереси во семејниот бизнис на министерот. Треба да се истакне дека самиот Ткачов се обрати со барање до владата да го направи тоа. Пратеникот Александар Хиншчејн го замоли да го направи тоа. Прашањето за евентуален конфликт на интереси пратеникот го постави за првпат уште во ноември 2015 година. Во тој момент Ткачов беше на министерската функција веќе осум месеци.
Самиот Ткачов е убеден дека семејниот бизнис не противречи на неговата министерска функција. „Ако јас сум министер, тоа не значи дека тие треба да го продадат својот бизнис. Тоа е нивниот живот (на роднините), нивната судбина - на цели генерации. Татко ми го создал ова претпријатие. Мислам дека сè ќе биде во ред“, изјави Ткачов на почетокот на март во емисија на телевизискиот канал НТВ. „Агрохолдинг“ е основан во 1993 година.
Основачот на тутунскиот дистрибутер „Мегаполиси“ Сергеј Кациев (чија имотна состојба се оценува на 950 милиони американски долари и се наоѓа на 83 место во рускиот рејтинг на „Форбс“) реши да се зафати со одгледување јаболка и на почетокот на 2016 година стана 100% сопственик на компанијата „Казачиј Хутор“ во Северна Осетија (околу 1.900 километри северно од Москва). На површина од 600 хектари компанијата планира да засади џиновска јаболкова градина, пишува рускиот бизнис-весник „Ведомости“.
„Планирано е проектот да биде исполнет за три години, се користат суперинтензивни технологии, ќе биде изградена заштита против град, ќе има наводнување капка по капка итн.“, вели за весникот „Ведомости“ Алан Макиев од Министерството за земјоделство на Северна Осетија.
Според него инвеститорот го спроведува проектот со сопствени средства. Првата берба се очекува наесен годинава. Генералниот директор на земјоделскиот холдинг „Степ“ Константин Аверин ги проценува инвестициите во проектот на околу 4.2 милијарди рубли (64.4 милиони американски долари).
При подготовката на материјалот се користени податоци на РБК и на „Ведомости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче