По распадот на СССР главниот советски космодром се најде надвор од границите на Русија. Според договорот кој во моментов е на сила, Русија може да го изнајмува Бајконур до 2050 година. Извор: РИА Новости.
Долина богата со приказни
„Богата долина“ (на казашки јазик се нарекува „бајконур“) е назив за пустината источно од Аралското Море, од каде што човекот почнал да го освојува космосот. Постоеле планови првиот (и најголем) космодром на светот да биде изграден во Дагестан, во Маријската или дури во Астрахањската област, но на крајот, сепак, бил изграден во Кзилординската област, каде што и го добил своето име. Ова место било идеален спој на сите потребни фактори, почнувајќи од доволно големиот простор за поставување надземни станици за радиокомандно ракување, па сè до близината на екваторот и големиот број сончеви денови во годината.
Меѓу номадите што ги населувале овие предели со векови кружела легендата за црниот овчар. Се зборувало дека порано црниот овчар направил огромна прашка од телешка кожа и со нејзина помош исфрлал вжештени камења кон небото штом непријателот ќе се појавел на хоризонтот. Камењата паѓале на земја и ги погодувале противниците, терајќи ги панично да бегаат. На местото на кое ќе паднел каменот ништо не можело да расте, животните пцовисувале и земјата на тие места била изгорена.
Без разлика колку фантазија има во споменатата легенда, факт е дека во овие краишта сè уште може да се забележи нешто слично, кога од гигантската „прашка“ на космодромот излетуваат „огнените“ ракети.
Таинствен пат кон ѕвездите
Првиот чекор на човековиот „пат“ кон космосот е направен на 12 јануари 1955 година. На овој ден на железничката станица Тјуратам стасал возот од кој биле откачени два вагона, а од нив излегле луѓе со исти крзнени куси бунди. Тоа била првата работна група чија задача била да подготви сè што е потребно за пречекот на главниот одред на градители на Бајконур.
Од станицата Тјуратам пругата се протега уште еден километар низ степата и тука прекинува. Оваа линија никогаш не била завршена. Се зборува дека главниот советски конструктор на ракетно-космичката техника Сергеј Корољов дошол на идното градилиште и откако ја видел пругата како се протега во полето решил платформата за лансирање да се гради токму на местото каде што што завршуваат шините. Така се појавила првата лансирна рампа на Бајконур, таканаречениот „Гагарински старт“. Ракетите на оваа платформа сè уште се довезуваат по шините поставени на почетокот на 20 век.
Патем речено, самиот космодром најнапред го добил името по таа железничка станица, но со оглед дека платформата е градена во најстрога тајност, тој во документите фигурирал под друг назив. Згора на тоа, во близина на идниот космодром во интерес на конспирацијата изграден е лажен космодром со празни објекти, а покрај него макета на градот во природна големина, со училишта, станбени згради и други објекти.
Космички наместо спортски рекорди
Во тајност е чуван и називот на објектот и самата негова изградба. Сиот градежен материјал за космодромот бил носен на станицата Тјуратам во обични патнички вагони. Работниците ги истоварале материјалите исклучиво ноќе, но не знаеле каков грандиозен проект се реализира со нивно учество. До последен момент биле убедени дека тука се гради стадион, а не било вообичаено да се распрашуваат кому му е потребен стадион во казашката степа каде што нема жива душа.
За изградбата на Бајконур е поврзана уште една легенда. Кога започнало да се копаат темелите за „Гагаринскиот старт“ на длабочина од 35 метри било откриено древно огниште. Археолозите процениле дека е старо 10-35 илјади години. Корољов ова откритие го доживеал како добар знак. Се зборува дека рекол: „Нашето градилиште е на граница на животот. Доколку пред нас тука постоел живот, тогаш ова место и нам ќе ни донесе среќа“. Се зборува дека конструкторот зел за спомен еден јаглен од древното огниште и дека го чувал во кутија од кибрит.
„Палми“ во степа
Човековиот успешен лет во космосот ги изненади земјите од Западот и предизвика невидено интересирање за новиот космодром, а во јуни 1966, кога СССР го посети лично генерал Шарл де Гол, Советскиот Сојуз и Франција потпишаа спогодба за соработка во освојувањето и во проучувањето на космичкиот простор за мирољубиви цели. Тогаш за државниците била организирана и „екскурзија“ до местото од каде што се лансирани советските космички апарати.
Операцијата за подготовка на средбата за важни гости влезе во историјата со криптонимот „Палма“. За делегацијата на чело со Де Гол оваа операција била наречена „Палма 1“, а со неа раководел лично генералниот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.
Гратчето Ленинск, оддалечено 45 километри од Бајконур, пред доаѓањето на високите гости на 25 јуни 1966 година стана висок „Ѕвезден град“. Блескал како генералска чизма. Темелно е реновирано секое катче, почнувајќи од нов асфалт, па сè до свежо обоените огради.
На гостите им било демонстрирано лансирање на ракета со сателит од серијата „Космос“. Тоа на Де Гол оставило силен впечаток. Се зборува дека неговиот син, набљудувајќи со двоглед како лета ракетата „Восток“, непрекинато повторувал: Колосал! Колосал!
Во казашката степа според официјалните податоци биле „одгледани“ четири „Палми“ откако постои космодромот. Последен пат Бајконур бил среден во 1970 година наспроти доаѓањето на претседателот на Франција Жорж Помпиду. За волја на вистината, можеби имало многу повеќе „Палми“. Кој знае какви други епизоди може да скрие историјата на еден од најстрого чуваните полигони во СССР.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче