Опричници во Новгород. Почетокот на 20-от век. Уметник: Михаил Иванович Авилов
Vostock-PhotoБескомпромисни, безмилосни и подготвени на сè во името на царот, тие ја тероризираат целата земја и нивните зборови имаат поголема тежина од судските пресуди. На вратовите на коњите им висат отсечени кучешки глави, а облеката им личи на темните робови на монасите. Од лекарите - до благородниците, сите се скаменуваат кога опричниците ќе се појават на портата.
Иван Грозни, рускиот монарх, кој според познатата легенда го убива сопствениот син, сè уште е предмет на сериозни полемики. Едно е сигурно: овој цар е поврзан со еден од најмрачните периоди од историјата на земјата. Иван Грозни создава нов социјален слој, своја лична стража и тајна полиција: опричнината која ја користи како орган преку кој ги казнува оние кои не му се допаѓа.
Смртна казна во време на Иван Грозни. Уметник: Василиј Василиевич Владимиров (1880-1931) / Legion Media
Предаден од Андреј Курбски, воениот лидер од благородничко потекло и најблизок пријател на царот, Иван Грозни во 1564 година прави еден невиден чекор. Тој го напушта главниот град на земјата токму насреде војната со Литванија што Русија ја води во тоа време. По молитвата царот тивко го собира семејството и државната каса, вклучувајќи ги и најпочитуваните икони, и го напушта Кремљ, без да дава објаснувања. Патува 123 километри од Москва и се населува во Александровскиот Кремљ - тврдина, која служи како царска резиденција.
Овој клучен момент му претходи на царскиот раздор со речиси целата руска политичка елита. Иван Грозни има сериозни причини да се плаши за власта и за својот живот, но демонстративното бегство од Москва подоцна носи многу сериозни последици. Во главниот град ќе завладее паника - луѓето почнуваат да зборуваат дека непријателот е пред портата и земјата е осудена на пропаст, без монархот да е на своето место. Тогаш започнуваат да пристигнуваат молби во Александровскиот Кремљ, со барање Иван да се врати во Москва и да стави крај на анархијата, која владее во градот.
Еден месец подоцна Иван Грозни прави помпезно враќање во Москва со ултиматум: тој сака да продолжи да царува, но земјата да се подели на две. Едниот дел да биде целосна сопственост на царот и лично избрани од него безбедносни сили - Опричнина. Сите останати треба да го продолжат сопствениот живот и да бидат запознаени со внатрешните работи на монархот само во исклучителни околности.
Членовите на Опричнината се избирани од ниските класи, главен критериум е да немаат врска со ниедна од благородничките династии. Секој од опричниците ветува преданост кон царот, како и да живее според посебен законик, имено да се воздржи од „јадење, пиење или дружење“ со луѓе надвор од оваа заедница. Ако опричник биде фатени во прекршување, самиот тој, а и човекот со него, треба да бидат егзекутирани.
Дизајнот на сцена на операта „Опричник” на Петар Чајковскиј, гваш на хартија, 1911. Уметник: Аполинариј Михајлович Васнецов (1856-1933). Извор: Legion Media.
Опричниците живеат во посебен дел на градот, во неколку централни делови на Москва (околу Стари Арбат и Никитската улица), од каде царот ги брка поранешните станари, без да им даде право да ги земат личните предмети. Луѓето се „фрлани на улица заедно со сопругите и децата, а некогаш се принудени да одат до нов дом пеш, и да молат за храна по патот“. Откако ослободува цели области, Иван Грозни наредува изградба на нов дворец, опкружен со високи ѕидови.
Личната гарда на монархот расте од 1.000 на 6.000 лица. Страшниот изглед на симболите на опричниците се отсечени кучешки глави и метли, врзани за нивните коњи. Овие знаци значат лојалноста на членовите кон царот и нивната подготвеност да го раскинат секој непријател на Русија на парчиња со кучешка суровост и да го исфрлат надвор од земјата.
Опричници во палатата на Ивана IV, 19-от век. Уметник: Николај Василјевич Неврев (1830-1904) / Legion Media
Политичкото оправдување за активностите на опричниците е спречувањето на немирите во земјата и зачувување на контролата врз неа. Во тоа време поимот „злосторство против суверенот“ се појави како вистинско оправдување за репресии (законодавството започнува да ги користи дури во 1649 година).
Хрониките на Новгород докажуваат дека опричниците вршат масовни егзекуции, ограбувања и поробување на луѓето. Во 1570 година опричниците го обвинуваат целото новгородско благородништво за предавство на царот. „Обвинението е очигледно апсурдно и контрадикторно“, смета историчарот Владимир Кобрин. Сепак аристократите на Новгород биле егзекутирани, како и неколку стотици жители на градот. Тие се задушени со запаллива течност, запалени и фрлени живи во реката. Доколку некој преживеал, опричниците го убивале во реката.
Иван Грозни и Маљута Скуратов во посета на бојаринот Морозов. Уметник: Клаудиј Василјевич Лебедев (1852-1916). Извор: Legion Media.
Правниот законик на Иван Грозни ја претвора смртната казна во едно од најчесто користените (на пример за прва кражба, грабеж или поткажување). Понекогаш, сепак, зборот на опричниците е доволен. По егзекуциите тие претендираат на целата сопственост на „предавниците“, а најактивните се свечено наградувани. „Царевата волја е закон и мистерија“, вели главниот лик на Владимир Сорокин од романот „Денот на опричнецот“, кој ја раскажува приказната за миленикот на Иван Грозни - Маљута Скуратов. Не е ни чудо што никој не размислувал за убедливоста на доказите дадени како поддршка на егзекуциите „во согласност со волјата на монархот“. Некои обвиненија се апсолутно фиктивни.
Опричниците конечно деградираат до таа мера, што не можат да се спротивстават на реалните надворешни непријатели. Една година по дивеењето во Новгород, во 1571 година, кримскиот хан ја напаѓа Москва. Опричниците одвај успеваат да го заштитат тронот со еден полк. Потоа Иван Грозни ги распушти своите војници, а претставниците на „елитата“ ги погубува, што било и за очекување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче