Зошто советски рибари спасија екипаж на шпионски авион на САД?

Ед Кејлор.

Ед Кејлор.

Игор Дунаевски
И покрај сите тензии од Студената војна, руските рибари ги ризикуваа своите животи за да го спасат екипажот на американските шпиони кој во студените води на Беринговото море ги чекаше страшна судбина.

Посадата на авионот Фокстрот Алфа 586 на 26 октомври 1978 година леташе на тајна и опасна мисија долж брегот на Камчатка во екот на Студената војна. Нивното четиритактно летало се урна во Беринговото море и речиси веднаш потона под огромните бранови предизвикани од бурата. Авионот се урна за само 90 секунди, двајца веднаш исчезнаа во морете, вклучувајќи го првиот пилот, а 13 до 15 членови на екипажот околу 12 часа поминаа во гумени чамци.

„Советскиот рибарски брод „Мис Сењавина“ беше единствениот брод кој беше доволно близу за да дојде на помош, а згора на тоа го држеше курсот  кон сплавовите на кои се наоѓаа Американците. Така Русите спасија десетмина Американци и извадија од водата тројца загинати. На преживеаните им беше дадена медицинска помош. Американците беа загрижени дека кон нив ќе се однесуваат како кон непријателски шпиони. Но, такво нешто не се случи, а по една недела се вратија во Соединетите Американски Држави.

Светските, па и американските медиуми долго им се восхитуваа на советските морнари, а тогашниот американски претседател Џими Картер на капетанот на рибарскиот брод Александар Арбузов му испрати посебна телеграма со зборови на благодарност.

- Добро е што не собраа морнарите од Советскиот Сојуз, а не нашите. Инаку немаше да преживееме, го започнува разговорт Ед Кејлот, копилот на несреќниот шпионски авион на американската морнарица.

- Како тоа?

- Доколку Американците во тоа време извлечеа некој измрзнат од водата, веднаш ќе го спуштеа во врела вода, а тоа не може да се преживее. Крвотокот се забрзува и сета ладна крв од екстремитетите би отишла право во срцето и би предизвикала срцев удар. Но, руските рибари знаеја како треба. Кога дојдовме на бродот ни дадоа врел чај со мед. Чајот нè згреа однатре кон надвор, а не обратно. Облеката ни ја симнаа дури по половина час и нè ставија под врел туш дури откако крвта ни беше доволно топла.

 "Мис Сењавина" / Фотографија од архива "Мис Сењавина" / Фотографија од архива

По авионската несреќа преживеаните членови на екипажот останаа да пловат на два сплава на надувување кои ги удираа бранови високи по 10 метри. Се чинеше дека нивната единствена надеж е американскиот воен авион кој кружеше над нив и се обидуваше да ги следи и да донесе помош.

- До половина бевме во вода, беше неверојатно ладно, околу 4 степени според Целзиус. По 12 часа речиси бев мртов во студената вода. Тројца веќе бевме изгубиле. Но, одеднаш видовме брод со запалени света. Некој викна: Брод! Слушнав бродска ситена и веќе немаше сомнеж дека некој доаѓа по нас.

- Кога сфативте дека вашите спасувачи се советски рибари?

- Видовме рефлектор и се зачуа руски гласови. Пред да паднеме во вода видовме брод на радарот. Дури и се обидовме да му се приближиме. До пред три години не ни знаев дека нашата земја побарала од Јужна Кореја да нè спаси, но одговорот бил дека е премногу опасно. А, Русите воспоставиле радиоврска со Александар Арбузов и тој рекол: „Секако“.

Американците им аплодираат  на своите спасувачи / Фотогафија од личната архива на Ед КејлорАмериканците им аплодираат на своите спасувачи / Фотогафија од личната архива на Ед Кејлор

„Бог се симна од небото“

Кејлор се восхитува на професионализмот на советскиот капетан и на неговата посада.

- Сте го гледале ли „Титаник“? Сетете се како на крајот во мирната вода спуштаа лесни чамци и се мачеа со тоа. Александар и неговите луѓе го спуштија сплавот за спасување во услови на ураган. Само замислете: вие сте на површината на водата, а бродот одеднаш се наоѓа на 10 метри под вас! Неверојатно опасна ситуација! Подоцна рибарите од „Мис Сењавина“ зборуваа дека Бог се симнал од небото и ја смирил водата. Но, Александар мораше да управува со бродот и така да го блокира ветрот. Замислете каква вештина е потребна за тоа! Навистина ги ризикуваа своите животи за да нè спасат...

- Што помисливте прво кога дојдовте на бродот?

- Испивме чај со мед и почувствував како ми се враќа енергијата. И денес пијам чај со мед кога е ладно, и секогаш се сеќавам како ме врати во живот на едноставен и сигурен начин. Неверојатно е каква разлика направи. Од речиси несвесна состојба дојдов до тоа да сум способен да напишам порака на американскиот авион кој кружеше над нас.

- Дали тоа беа првите луѓе од Советскиот Сојуз што ги имавте сретнато?

- Да, се однесуваа сосема човечки. Беа прекрасни и беа љубопитни. Но, ние не знаевме руски, па не можевме добро да комуницираме. Единствено радистот знаеше англиски. На бродот имаше некои простории во кои не смеевме да влегувавме, така што не го правевме тоа. Секако дека не влегувавме во командниот или во машинскиот дел. А, низ сите останати простории се движевме слободно.

На бродот „Мис Сењавина“ му беа потребни 48 часа да стаса до Петропавловск Камчатски. Американската посада е пренесена во болница, а потоа е испратена во Хабаровск за наскоро да се врати во САД.

Последна благодарност

Морало да минат речиси 25 години за спасувачите и спасените повторно да воспостават контакт. Сите обиди на Американците да испратат каква било порака или пакет до екипажот на „Мис Сењавина“ со години биле неуспешни, а Американците дури во 2003 година го дознале името на капетанот на рибарскиот брод – Александар Арбузов. Наскоро се сретнале со Александар и со неговата посада во Лас Вегас.

- Што најпрво го прашавте?

- Го прашав: „Александар, зошто во толку тешки времиња помеѓу Брежњев и Картер, помеѓу нашите две земји спасивте американски воени шпиони?“ Ми рече: „Зашто и вие и ние сме луѓе на морето и не можев да не дојдам по вас“. Може ли подобро да се срочи?

Средба во Лас Бегас во 2004 година. Эд Кејлор (првиот лево), Александар Арбузов (третиот десно)  / Личната архива на Ед КејлорСредба во Лас Бегас во 2004 година. Эд Кејлор (првиот лево), Александар Арбузов (третиот десно) / Личната архива на Ед Кејлор

- Каков впечаток ви остави Александар?

- (долга пауза) Тој е неверојатен човек. Тоа не може да се опише... Сите гледавме во него подзинати. Тој стана вистинска ѕвезда во Лас Вегас. Моравме малку да забавиме и да му дадеме барем малку време да помине со жена си и со внукот, зашто постојано го одвојувавме од семејството. Ми рекоа дека станал капетан на бродот „Мис Сењавина“ на 28 години. Тоа е многу голем брод за толку млад човек. Но, напредувал зашто одлично си ја вршел својата работа.

Дали го препознавте?

- Мислам дека го видов Александар на „Мис Сењавина“, но тој не ни се претставуваше како капетан на бродот. Едноставно доаѓаше кај нас.

Неодамна Александар Арбузов почина. Кога го му рековме на Ед Кејлор да изјави сочувство на вдовицата и на членовите на семејството, тој рече: „Сакам да кажам дека денес сум жив само благодарение на него. Дека секогаш ќе се сеќавам на него и дека не престанувам на сите да им зборувам за него. Сите ние на тие сплавови имавме неверојатна среќа што тој беше капетан на бродот. Ти благодарам, Александар!“.

Оригиналниот текст на руски јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња