Зошто Русија испрати во Сирија два нови разузнавачки авион

А-50У

А-50У

Сергек Кривчиков /Global Look Press
На видеоклипот од парадата на победата на 9 мај, направен во авиобазата во Хмејмим, може да се види најновата модификација на разузнавачкиот авион А-50У. Според експертите тој служи за насочување на ловци кон цели во оддалечените области на Сирија, а исто така и за следење на летовите на борбените авиони во Турција, Ирак и во другите соседни земји.

Најновиот руски авион за далечинско радиолокациско откривање и управување (аналог на американскиот AWACS) се појавува на заден план на ловецот Су-35С на 7:13 минути од клипот.

А-50У може да се препознае по карактеристичната „печурка“ на фузелажот на авионот - тоа е неговата антена која ги следи случувањата на земјата и во воздух во радиус од стотици километри.

Како што објавија руските медиуми, авионот пристигнал во Сирија во април оваа година. Претходно на небото над оваа земја е забележан уште еден руски разузнавачки авион - Ту-214Р.

Кои се задачите на А-50У и Ту-214Р во сириската кампања

Според професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин машините се однесуваат на двата типа руски авиони за разузнавање - радиоелектронско (А-50У) и оптичкоелектронско (Ту-214Р).

„Првиот е испратен за да го контролира воздушниот простор во соседните земји - радарот на А-50У покривот радиус од 800 километри и може на мониторите да следи истовремено до 300 цели. За возврат Ту-214Р, со помош на оптички средства, треба да ги локализира позициите на терористите од ИДИЛ и да ги пренесува во штабот на командата“, вели експертот во интервју за „Руска реч на македонски“.

Како што забележува аналитичарот, копнените и морските средства за радарско разузнавање, кои се на располагање во авиобазата во Хмејмим и околу сириското крајбрежје во Средоземно Море, не се доволни за целосна контрола на движењето на екстремистите.

„За таа цел се активираат сите разузнавачки средства: воздушни (во лицето на А-50У и Ту-214Р) и вселенски (воените сателити на Министерството за одбрана на Русија)“, додава Козјулин.

Споредни цели

Во исто време, аналитичарите сметаат дека авионите биле испратени во републиката не само за извршување на борбените задачи.

„Треба да е јасно дека во случај на ескалација на војна сите екипажи од сите видови и родови војници треба да се максимално подготвени за извршување на поставените задачи. Најдобар начин  да се „одработат“ вештините се реалните цели во вистински борбени дејствија", изјави за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Како што нагласува тој, во Сирија Русија се стреми да го провери нивото на подготовка на војниците и во вистинска борба да ги „доработи“ сите нови примероци на системи за оружје.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња