Како што соопшти претставник на германската влада, официјалната посета на Меркел во Русија е поврзана со подготовката на самитот на Големата дваесетка. Средбата на лидерите на 20 земји ќе се одржи во Хамбург во јули.
Преговорите на Путин и Меркел се одвиваа во летната резиденција на рускиот претседател во Сочи. Претходната посета на канцеларката беше пред без малку две години, на 10 мај 2015 година на свеченостите по повод победата во Втората светска војна.
Доаѓањето на Меркел во Русија претставува измена на приодот кон Москва, уверен е првиот човек на Центарот за германски истражувања на Институтот за Европа при Руската академија на науките Владислав Белов. Во интервју за „Руска реч на македонски“ тој потсети дека на Минхенската конференција за безбедност во февруари оваа година Ангела Меркел изјави дека треба да се престане со концентрирањето на постојните проблеми, ами да се најдат допирни точки. „Владимир Путин ја слушна оваа фраза и потоа ја покани во Русија“, претпоставува експертот. Меркел ја прифати поканата, иако претходно изјавуваше дека нема да отпатува во РФ дури не биде постигнат прогрес за Украина и за Сирија.
Во Сочи се бараа допирни точки за овие прашања, а исто така и во врска со односите помеѓу Русија и НАТО, надворешната политика на САД за време на претседателот Доналд Трамп, уверен е Белов. Според него „расплет за овие прашања, сосема е можно, веќе се наѕира“ како за Меркел, така и за Путин. Сепак сложеноста на проблемите не дозволува пред време да се објавува за можните компромиси.
Она што беше изјавено по преговорите не се издвои со нешто ново. Во однос на Украина и двајцата лидери ја потврдија безалтернативноста на минскиот договор и на нормандискиот формат. За Сирија Путин укажа на неопходноста од политичко решавање на конфликтот, а Меркел повторно ја подвлече неопходноста за прекинување на огнот во земјата која веќе шест години е зафатена со граѓанска војна. Се разгледувала и економската соработка помеѓу двете земји. Во Сочи Путин забележа дека размената помеѓу РГ и Германија во првите два месеци од годинава пораснала за 43%.
Решеноста на Берлин да најде одговор за најсложените прашања во агендата на Москва и Запад Белов ја поврзува со стремежот на Меркел Г-20 да даде резултати. За важноста на претстојниот самит за германската канцеларка во интервју за „Руска реч на македонски“ зборува и специјалистот за германско-руски односи на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Татјана Иларионова. Агендата на средбата во Хамбург и разговорите во Сочи по многу работи се совпаѓаат – тоа се проблемите во Украина, Сирија, односите на Русија со западот. „Основното (што сега ја интересира Меркел) е тоа дека таа ќе биде домаќинка на големиот самит“, смета истражувачот, претпоставувајќи дека сега се направени сите чекори на канцеларката на меѓународната арена.
Во исто време експертката е уверена дека на самитот тешко може да се очекува некаков пробив. „Европејците, Германија, имаат позиција во врска со основните прашања и тешко дека тие толку брзо ќе се откажат од неа. Прашањата, како што често се случува во дипломатијата, на дадената етапа е невозможно да се решат“, вели Иларионова.
Посетата на Меркел може да биде предизвикана и од други причини. „Срцевината на приказната (со доаѓањето на Меркел во Русија) е во тоа што германските политичари, во дадениов случај Москва, треба да им покажат на САД дека ги немаат прекинато врските со Москва и во тој однос можат да бидат од полза за американската администрација“, изјави за „Руска реч на македонски“ експертот за меѓународни односи на ВШЕ Тимофеј Бордачов. Според него, Берлин сега е заинтересиран само за воспоставување односи со претседателот Доналд Трамп. Сепак канцеларката најверојатно е во заблуда, претпоставувајќи дека на Вашингтон, како во времето на претседателствувањето на Барак Обама, може да му биде потребно посредништво во врска со прашањата поврзани со Русија. Новата администрација на Белата куќа има друг стил, ним посредници не им се потребни.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче