Како Русија го стимулира наталитетот?

Кирил Брага / РИА Новости
Во Русија се појавија демографски проблеми - наталитетот опаѓа, а смртноста се зголемува. Што прави државата во оваа ситуација и зошто често мерките се однесуваат само на жените.

Добро би било студентките кои станале „млади мајки“ да бидат префрлени од платена во бесплатна обука. Ваков предлог направи министерот за образование и наука на Руската Федерација Ољга Василиева. Сега проектот е во фаза на јавна расправа, а ако биде усвоен, студентките ќе можат уште оваа година да ги искористат предностите на новите правила.

Оваа иницијатива е само една од мерките кон кои прибегнува државата за да се стимулира наталитетот. Од 2015 година наталитетот во Русија постојано опаѓа. Какво е објаснувањето: порасна генерацијата на деведесеттите години од минатиот век кога имаше драстичен пад на наталитетот и со тоа соодветно се раѓа помалку деца отколку претходните генерации. Во исто време смртноста во регионите останува на претходното ниво или расте.

Воведувањето на нови иницијативи – „бејби-бонуси“ за „млади родители“ е обид да се запре негативниот демографска тренд. На крајот на декември 2016 година, рускиот премиер им довери на шест сектори истовремено да подготват нови мерки и предлогот на министерот за образование е само една од нив.

Претерани додатоци

Досега во Русија историјата на политиката на стимулирање на наталитетот речиси секогаш била не приказна за човечкиот ресурс, слободно време, флексибилен распоред или улогата на половите. Пред сето ова е приказната за пари, вели директорот на Центарот за демографски истражувања при Високата школа за економија (ВШЭ) Сергеј Захаров.

Еден од најважните елементи на државното финансирање е мајчинскиот капитал, кој се доделува на мајките при раѓање второ дете. Програмата беше прогласена во мај 2007 година и дејствува во целата земја. Износот на исплатите е значителен - за 10 години порасна (според годишната индексација) од 250.000 рубли на 453.026 рубли (од $ 4.465 на $ 8.000). Навистина тие можат да бидат добиени во рок од три години од денот на раѓањето и само за одредени цели. На пример со овие пари може да се плаќа хипотека, бидејќи со тоа ќе се подобри домувањето. Во некои региони целосниот обем на мајчиниот капитал може да покрие до 70% од вредноста на станот.

Сега програмата е продолжена за уште две години (но повеќе нема индексација), а згора на тоа во регионите има дополнителни субвенции. Во Хабаровск, на пример, при раѓање трето дете целосно се гасне остатокот од хипотекарен кредит, а во Мордовија тоа се случува при раѓањето на четвртото дете.

Меѓу предлозите е и идејата многудетните семејства да се ослободат од данок на имот.

Друго е прашањето колку ваквите големи „инфузии“ како мајчиниот капитал се оправдани од гледна точка на порастот на наталитетот. Експерти од Високата школа за економија ги анализираа достапните податоци и стигнаа до заклучок дека за времето на дејствување на мајчиниот капитал бројот на децата на една жена се зголемил за само 0.15%.

„Ние малку „претеравме“ со помош и материјални стимуланси за семејствата во 2007-2015 година. Само што такви стимулации во најдобар случај дејствуваат за краток временски период“, појасни во интервју за „Руска реч на македонски“ Захаров. Тој има предвид дека во некои случаи тоа има влијание на „календарот“ на раѓањата - т.е. некој побарал да има дете порано одошто планирал, а некој, пак, решил да има второ со слаб интерес по првото. На крајот сепак мајчиниот капитал и останатите програми влијаеле слабо на погледот на Русите за оптималниот број членови на семејството (според најновите податоци, просечниот показател е 1.6 деца на една жена) и не се случила масовна многудетност, смета Захаров.

Татковците се надвор од политиката

Меѓу арсеналот од мерки државата има и такви како поголем пристап до технологија за вештачко оплодување и намалување на бројот на абортуси со не помалку од 10% до 2020 година. За забрана на абортусот или за исклучување од системот за бесплатно вршење на вештачкиот прекин на бременоста редовно се јавуваат те главата на Руската православна црква, те некои парламентарци и детскиот омбудсмани. Цврсто против абортусот досега е Министерството за здравство.

Специјалистите за демографски проблеми, меѓутоа, сметаат дека на наталитетот далеку во поголема мера влијаат други нешта. Во Русија дејствува едно од најдолгите во светот платено породилно отсуство со задржување на работното место - до година и пол. Само што системот е таков што тоа не е згодно ниту за работодавачите, ниту за жените: по оваа година и пол, ако мајката нема на кого да го остави детето, таа е принудена да се грижи уште година и пол за него дома, но веќе без да добива плата, бидејќи системот на јаслите недостигаше во Русија и се обновува дури сега.

На жената во Русија освен тоа воопшто не ѝ е лесно истовремено да воспитува дете и да работи - поимот скратен работен ден за „млади мајки“, како што е во европските земји, тука во практика не постои.

Татковците не се стимулираат особено кон наталитет. Тие речиси насекаде се исклучени од системот на воспитување и одгледување. Во новиот проект на Министерството за образование студентот, кој станал татко, не е вклучен - тој, по сè изгледа ќе мора да продолжи да плаќа за школувањето. А, бесплатно користење на јавниот градски превоз за многудетните семејства се дава само за едниот од родителите.

„Улогата на мажот во семејството и во општеството во Русија засега е премногу материјална. Неговата задача е да победува“, констатира Захаров. „Жената, пак, само треба да ја игра улогата на мајка и домаќинка. И државата нема намера да го менува тоа: сега централната оска на политиката е конзерватизмот со неговите семејни традиционални вредности. А, токму тоа противречи на промената во односите меѓу мажот и жената, таткото и детето“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња