Зошто Русинките прават абортус?

Извор: Shutterstock/Legion Media

Извор: Shutterstock/Legion Media

62% од Русите сметаат дека абортусот е недопустлив под никакви услови. 28% прекинувањето на бременоста го нарекуваат озаконето убиство. Во Русија сега може да се направи абортус во која било клиника, тој влегува во системот на задолжително осигурување, но наскоро сето ова може да се измени.

Пратениците на Државната дума излегоа со уште една иницијатива насочена против абортусот. Доколку нацрт-законот биде прифатен, во Русија ќе биде сложено да се направи абортус по сопствена желба. Оваа иницијатива на пратениците не е нова – закон за забрана на абортус постоеше во СССР до 1955 година. Но, како што покажа практиката, забраната не доведе до пораст на раѓањето, туку кон пораст на смртноста кај жените кои нелегално, често дома, ја прекинуваа бременоста. Во 1993 година, согласно „Основите на законодавството на РФ за заштита на здравјето на населението“ секоја жена доби право самостојно да решава за мајчинството. Сепак, 62 % од Русите сметаат дека абортусот е недопустлив (резултати од анкетата на ФОМ септември 2013 година). 

Мајчинството е прашање на жената 

„Пред 100-150 години можеше без казна да се убие роб, да се експлоатира дете на 8-10 години, сериозно се водеа разговори за тоа дали жената е човек или не, - вели директорот на хуманитарната фондација 'Семејство и детство' Светлана Руднева. – Нашиот и меѓународниот справен систем постепено се развиваат и одат по цивилизацискиот пат, а мене ми се чини дека абортусот е варварство“. 

Колку абортуси има во Русија
Во Русија бројот на прекратување на бременоста во последно време благо опаѓа, но и понатаму останува доста висок. Либералните советски закони за абортус помалку-повеќе остануваат непроменети. Овој факт, во комбинација со некои други фактори, за последица го има демографското намалување предизвикано од вештачко прекинување на бременоста кое во Русија во 20 век може да се спореди со загубите во трите големи војни.

Московјанката Наталија имала само 16 години кога дознала дека е бремена. Тоа било нејзино прво сексуално искуство со 17-годишниот сосед од дачата. Веднаш станало јасно дека семејство нема да излезе од тоа и дека девојката ќе биде самохрана мајка. 

„Мајка ми го родила брат ми кога имала 18 години, а следната година сум се родила јас, - вели Наталија. – Мајка ми не можела да се школува, а татко ми по неколку години си замина. Затоа веднаш реков дека ќе абортирам. Бев свесна за можните последици, но го прифатив ризикот. Сега имам 26 години, имам сопруг, синче и работа. За ништо не жалам“. 

Причини за абортус 

Жените прават абортус од различни причини. Според анкетата, Русите сметаат дека во прв ред абортусот е прифатлив доколку не постојат услови за живеење и тешка материјална состојба. Лекарите признаваат дека во практика тоа е така. 

„Во основа доаѓаат жени со социјални проблеми кои сметаат дека не можат да го израснат и да го одгледаат детето, често доаѓаат такви кои не се во брак или кои не се уверени во своите мажи“, вели шефот на урогинеколошкото одделение на Medswiss Јулија Горелова. 

На зборови, според анкетата, поголемиот дел од мажите се против абортусот со 68%, а жените со 57%. Во практика: „Многу често мажите ги носат жените на абортус, што предизвикува негативни емоции зашто на мажите им е полесно да ја спречат таквата ситуација со користење контрацепција, но имено тие најчесто и настојуваат на прекинување на бременоста. На нивното здравје не им се заканува неплодност и тие не сфаќаат дека е тоа морален удар врз жената“. 

Во Русија не постои сексуално образование 

Како Русија и Белорусија се борат со демографската криза
Демографијата е една од приоритетните области на внатрешната политика на Русија и на Белорусија.

Доколку мажот не сака понатаму да учествува во воспитувањето на детето, жената нема многу варијанти. Во ситуација кога во јаслите нема место, а нема кој да им помогне, жената мора да седи дома сама, државата, пак, на пример во Москва за воспитување дете до една и пол година им исплаќа на жените по 20.000 рубли (околу 350 евра). Сепак, проблемот, како што смета Руднева, не е само во тоа. 

„Жената е психофизиолошки инволвирана во мајчинството од првите денови на зачнувањето, но некои лекари и роднини ја убедуваат дека тоа сè уште не е дете. Јас не се сомневам дека тоа е човек уште од моментот на неговото зачнување и дека детето не треба да се убива“, вели таа. 

Со овој став се согласуваат 28% од Русите, 51% од населението не смета дека абортусот е озаконето убиство (анкета на Левада-центар, септември 2013). Мнозинството Руси (64%) се уверени дека во училиштата е потребно сексуално воспитување кои сега го нема. Лекарите велат дека речиси сите абортуси кај малолетниците се поврзани со немање информација. 

„Сметам дека не треба да се забранува абортусот, сите имаат различни причини, но јас како лекар секогаш се обидувам да ги премислам и често успевам во тоа, - вели Горелова. За да се намали бројот на абортуси треба да се развива контрацепцијата, зашто децата треба да се појаваат само доколку за нив се има желба“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња