Како Дејвид Рокфелер преговарал со лидерите на СCCР

Getty Images
Американскиот милијардер Дејвид Рокфелер почина во 102 година од животот. Тој беше еден од оние претставници на американската политичка елита кои се залагаа за зајакнување на економските врски помеѓу САД и СССР и во годините на Студената војна на тој начин се обидуваа да ја подобрат политичката клима во односите помеѓу Вашингтон и Москва. Рокфелер беше заинтересиран за тоа и од чисто практични причини, со оглед на тоа дека на сметка на Источниот блок можеше да го зголеми полето на присуство на својата банка Chase (денес JP Morgan Chase).

Рокфелер е познат по своите многубројни контакти со политичари од целиот свет. Се смета дека тој лично се има сретнато со над 200 лидери од најмалку 100 земји. Овој факт, како и фактот дека има учествувано во работата на затворениот Билдербершки клуб и ја има основано Трилатералната комисија, и дека една и пол деценија беше на чело на Советот за меѓународни прашања, е погодна основа за приказната за вмешаност на Рокфелер во некаква светска влада во сенка. Но, неговите врски со Советскиот Сојуз го илустрираат она кон што навистина тежнеел претставникот на една од најбогатите американски фамилии.

Дејвид Рокфелер / Getty ImagesДејвид Рокфелер / Getty Images

Дејвид Рокфелер интензивно контактирал со советските лидери во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век, кога како наследник на богатството на основачот на нафтената компанија „Стандард оил“ беше на чело на Chase Manhattan, една од најголемите американски банки. Во своите спомени објавени под наслов „Банкар на 20 век“, Рокфелер пишува дека со цел пораст на банката на меѓународен план било потребно да се соработува со режимите кои биле „противници на демократските принципи и функционирањето на слободниот пазар“, но кои контролираат значителен дел од планетава. Во овие режими милијардерот го вбројува и СССР. Тој успеал да воспостави соработка со советските лидери, така што Chase е првата американска банка која има отворено свое претставништво во Советскиот Сојуз.

Дартмутски конференции

Претставништвото на Chase е отворено во 1973 година во самиот центар на советската престолнина. На ова претходеле над 10 години прилично постојани контакти на милијардерот со претставниците на советското општество и со функционери на СССР.

Овие контакти биле во форматот на таканаречените Дартмутски конференции, кои почнале да ги организираат САД и СССР на иницијатива на Двајт Ајзенхауер. Нивна цел била да се поттикне соработката на двете суперсили во услови на Студена војна. Најпрво на средбите во овој формат учество земале општествените работници, но потоа, како што пишува Рокфелер, акцентот сепак бил ставен на експертите.

Остар разговор со Хрушчов

Идејата за средба на Дејвид Рокфелер со советскиот лидер Никита Хрушчов, според сеќавањата на американскиот милијардер, потекнала од генералниот секретар на ОН У Тант. Средбата била одржана во 1964 година кога Рокфелер дошол во Ленинград на една од првите Дартмутски конференции. Хрушчов го повикал милијардерот со ќерката да го посети московскиот Кремљ. Опишувајќи ја средбата на „принцот на капитализмот“ со царот на цела Русија“ Рокфелер во своите мемоари вели дека неколку години претходно во СССР била објавена книга за него и за неговото семејство која го носела насловот „Секогаш во крв до колена, секогаш газејќи по трупови“.

Според Рокфелер, средбата со Хрушчов била необична. Бил „остар, повремено воинствен, па дури и непријателски“. Рокфелер го прекорил Хрушчов за организирање на смената на режимите во различни земји на Латинска Америка и на Азија со помош на тамошните комунистички партии. Советскиот лидер луто одговорил дека револуциите се предизвикани од објективни причини, а не нечие мешање однадвор. И покрај остриот разговор, по него американскиот банкар не почувствувал лична нетрпеливост кај советскиот лидер. Рокфелер заминал од Кремљ „со чувство на огромна почит кон Хрушчов“, и со мисла за тоа дека „советското раководство сака да ги прошири финансиските и комерцијални врски со САД“.

Конгресот ја спречил нормализацијата

Рокфелер се залагал за нормализација на односите помеѓу САД и СССР, пишува во својата книга „Јастреби и гулаби од Студената војна“ организаторот на Дартмутските конференции од советска страна, академик Георгиј Арбатов. Советскиот научник го карактеризира Американецот како скромен човек и интелектуалец со бистар ум кој брзо реагира.

Самиот Рокфелер за себе вели дека припаѓал на мала група американски банкари кои сакале да ја прошират трговијата со Москва и со нејзините источноевропски сателити, сметајќи на поволните „политички последици“ од развојот на трговските контакти. Меѓутоа, како што вели тој, овој план во голема мера го расипал Џексон-Вениковиот амандман, кој Конгресот го усвои во 1974 година и со кој се забранува на Советскиот Сојуз да му се додели статус на повластен трговски партнер.

Премиерот на СССР Алексеј Косигинn (десно) и Дејвид Рокфелер (лево) во Кремљ. / Јуриј Иванов / РИА НовостиПремиерот на СССР Алексеј Косигинn (десно) и Дејвид Рокфелер (лево) во Кремљ. / Јуриј Иванов / РИА Новости

Во текот на седумдесеттите години од минатиот век Рокфелер секоја година доаѓал во СССР, у неколку пати се има сретнато со премиерот Алексеј Косигин. Банкарот ги истакнувал економските успеси на владата на Косигин. Рокфелер најмногу бил фасциниран од московското метро од тој период. „Системот на метрото беше вистинско чудо. Беше современо, чисто, удобно и евтино“. Косигин сакал да ги прошири економските контакти помеѓу двете земји, предлагајќи чекори кои дури и денес можат да се третираат како револуционерни. Рокфелер во своите мемоари ги споменува идеите на советскиот премиер за тоа американската страна да финансира изградба на нуклеарни електрани во Советскиот Сојуз, со тоа што САД и СССР би биле заеднички сопственици.

Горбачов и конвертирање на рубљата

Рокфелер има остварено средби и со Михаил Горбачов, кој на него оставил силен впечаток со својот шарм и со лежерните манири. На една средба банкарот го прашал генералниот секретар како тој мисли да ја „отвори“ советската економија и дали ќе ја конвертира рубљата, но не добил никаков одговор од новиот советски раководител.

Михаил Горбачов и Дејвид Рокфелер / Вјачеслав Рунов / РИА НовостиМихаил Горбачов и Дејвид Рокфелер / Вјачеслав Рунов / РИА Новости

Американскиот банкар се има сретнато со Горбачов неколку пати, меѓу другото и во 1992 година по распадот на Советскиот Сојуз. Неколку години пред тоа се сретнал и со Борис Елцин. Идниот претседател на Русија во 1989 година за првпат ги посетил САД каде имал излагање во Советот за меѓународни прашања. Потоа била организирана вечера со која „претседавал“ Рокфелер. Според сеќавањата на Лев Суханов, советник на првиот руски претседател, тој му го ставил на Елцин на располагање својот личен авион за летови во САД. Дејвид Рокфелер беше во посета на постсоветска Русија во 2003 година. Официјалната цел на неговата посета беше промоција на неговите мемоари на руски јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња