Зошто Русите станаа комунисти?

Екатерина Лобанова
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Денес се потсетуваме на комунистичкото минато на Русија.

Ако денес во Русија вие наречете минувач „другар“ или започнете разговор за неизбежната победа на светскиот пролетаријат, ќе ве погледнат со чудење. Сто години по Октомвриската револуција, кога на власт дојдоа болшевиците, и 70 години од изградбата на комунизмот со променливи успеси во Русија веќе не веруваат во него. Комунистичката партија е вградена во системот на власта и на последните избори доби скромни 13%.

Ленин, болшевиците, конгресите на сегледачката и мудра партија - сето тоа отиде во историјата со распадот на СССР во 1991 година. Останаа само црвените ѕвезди на кулите на Кремљ, огромен број споменици на Ленин (во Русија ги има над 5.300, според статистиката на сајтот Lenin Statues) и друга советска симболика – тоа се меморијални објекти, но не и на идеологијата. Иако сè започнало со огромен ентузијазам во 1917 година.

Револуција која не е според правилата

Теоретичарите на класната борба на XIX век, Карл Маркс и Фридрих Енгелс биле убедени дека социјалистичка револуција ќе се случи во земјите со развиено капиталистичко општество, во кои има стабилна работничка класа, угнетувана од буржоазијата. Германските научници не гледале сериозно на руската империја, претежно земјоделска земја, во која селаните биле 77%, според пописот од 1897 година: демек најпрво развијте си го капитализмот, а потоа уривајте си го со силите на востаничкиот пролетеријат. Но, излезе поинаку.

Откако февруарската револуција од 1917 година ја симна монархијата, од март до октомври 1917 година во Русија за власта се бореле неколку партии. На врвот стоеле најрадикалните социјалисти, болшевиците, предводени од Владимир Ленин: тие ветиле на народот, изморен од Првата светска војна, моментално ослободување од страдањата и едноставен рецепт за среќа. На народите - мир, на селаните - земјиште, на работниците - фабрики, на буржуите - срамна смрт.

Плодна почва

„Болшевиците се покажале како единствената политичка сила која вешто ја доловувала и користела социјалната омраза и стремежот на масите кон рамноправна правда“, пишува историчарот Александар Орлов. Со него се согласува и Александар Пижиков, главен научен соработник на Институтот за општествени науки при Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС). Според него победата на болшевиците во Русија немала никаква врска со марксизмот.

„На крајот на XIX - почетокот на XX век во суштина постоеле две Русии“, коментира Пижиков за „Руска реч на македонски“. Првата - Русија на дворјанството, интелигенцијата и буржоазијата, која не се разликува од европските држави: претставниците на вишите слоеви биле ориентирани кон капитализмот и западниот правен систем. Втората, која го обединувала апсолутното мнозинство од селанството и значителен дел од работниците, живеела во сосема други закони.

„Тоа била многу патријархална средина, во голема мера ги има задржано старите обреди, речиси средновековен начин на живот“, раскажува Пижиков. „Главна институција била општината, селаните колективно владееле со земјата и ја обработувале, приватната сопственост била неразвиена“. Токму оваа „втора Русија“, според зборовите на Пижиков, радосно тргнала по болшевиците, тие понудиле сè да се земе и да се подели. „Во суштина селска Русија долги години обременета со својата советската власт“, вели историчарот. Токму затоа, а не поради преданоста на Русите кон идеите на Маркс, комунизмот победил во Русија.

Сè е во минатото

Патем, како што потсетува Пижиков, идејата за изградба на светски праведно општество без сиромашни и угнетените се дискредитира по неколку децении. „Веќе во годините на управување на Брежњев (седумдесеттите години на минатиот век) станало јасно дека партиската номенклатура се оддалечува од народот и френетично се обидува да се задржи на власт, бидејќи не води во никакво посветла иднина“, убеден е историчарот . Според него општото разочарување од идеалите на комунизмот станало катализатор за распадот на СССР, кој имал сериозни економски проблеми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња