Ќе се втурнат ли Русија и САД во трка по вооружување?

Ројтерс
САД можат да ги зголемат своите расходи за одбрана на 54 милијарди американски долари. Русија, сепак, засега се воздржува од трката за вооружување и останува во рамките на претходно утврдените расходи.

Претседателот на САД Доналд Трамп планира да ги зголеми расходите за одбрана на 54 милијарди американски долари за сметка на други ставки од буџетот. Според него, тоа е неопходно за модернизација на армијата на САД. Парите ќе се употребат за изградба на бродови и авиони, а исто така и за зацврстување на клучните меѓународни морски маршрути.

За решавање на овие задачи администрацијата на САД е подготвена да го намали буџетот на Стејт департментот за третина – да ликвидира низа програми на ресорот и да спроведе негова сериозна реконструкција.

Претходно Вашингтон ги повика членките на НАТО „да си платат според сметките“ и да ги даваат предвидените 2% од БДП во буџетот на Алијансата. Инаку како што изјави министерот за одбрана на САД Џејмс Метис, САД „ќе го разгледаат намалувањето на своите обврски“ во однос на блокот.

Во исто време Русија, која во моментов ја разработува програмата за 2018-2025 година, не само што не планира зголемување на воените расходи, ами и го прави тоа во услови на намален воен буџет (сега Русија нема да троши 4, ами 3 проценти од БДП). Според мислењето на експертите, ваквото однесување од страна на Русија е диктирано од трезвената оценка на своите економски можности, а исто така и со отсуството на порастот на реална опасност од страна на САД за својата национална безбедност.

Почеток на „студена војна“

За време на изборната кампања Трамп, како и другите републикански кандидати, се залагаше за зголемување на воените расходи и на моќта на САД. Неговата одлука да го зголеми буџетот за 2018 година беше сосема очекувана. Ова мислење за „Руска реч на македонски“ го изнесе научниот раководител на институтот за САД и Канада при Руската академија на науките Сергеј Рогов.

„Планот ќе биде детализиран на почетокот од март кога администрацијата ќе се обрати со буџетско барање до Конгресот. Сега се решава прашањето на што да се стави акцент: на зголемувањето на воената готовност на војската (неодамна претставници на ВВС на САД изјавија дека поголем дел од американските авиони и хеликоптери имаат потреба од сериозен ремонт) или на купување нова техника во армијата“, вели аналитичарот.

Според него, Трамп сака да инвестира 54 милијарди американски долари, кои се еднакви на еден годишен буџет на Министерството за  одбрана на РФ, во изградба на бродови, модернизација на нуклеарниот арсенал и изградба на систем за противракетна одбрана на САД.

„Акцент ќе биде ставен на третиот позициски реон на ПРО на територијата на САД - тоа е комплексот на територијата на државите Њујорк, Алјаска и Калифорнија“, додава Рогов.

Како што забележа тој, Русија и САД повторно се вратиле во реалиите на „студена војна“ и уште малку ќе започнат трка за вооружување, која може погубно да се одрази на Русија.

Како зголемувањето на воените трошоци на САД ќе влијае на политиката на Русија

Сепак, според мислењето на други експерти, дури и ако зголемувањето на американскиот воен буџет помине кај конгресот, тоа засега не ја загрозува безбедноста на Русија. Москва не треба да се грижи доколку порастот на финансирање на американската армија прерасне во поставување на нови бази на НАТО или на офанзивни системи во близина на руската граница.

За воздржана реакција од страна на Русија исто така придонесува сложената економска ситуација во земјата, во врска со која воените расходи беа веќе намалени за 1% од БДП.

„Русија денес не може економски да си дозволи да влезе во нова трка за вооружување и не треба да реагира на зголемувањето на американските трошоци за одбрана“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на центарот за меѓународна безбедност при Институтот за светска економија и меѓународни односи Алексеј Арбатов.

Како што забележа тој, без оглед на затегнатоста во односите и спротивставувањето на американскиот естаблишмент со обидите на администрацијата на САД да го обнови дијалогот и соработката со Русија, Москва мора да се раководи според тековните трошоци за армијата.

„Парите што ги одделуваме за одбрана засега се сосема доволни. Ние не планираме да поставуваме нови бази на границите и имаме повеќе одошто е потребно воена техника“, додаде аналитичарот.

Според него, политиката на Русија може да ја промени само приближувањето на војна. „Фала Богу, ние сме далеку од таква состојба“, подвлече Арбатов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.