Според податоци на телевизискиот канал „Ен-Би-Си њуз“ (NBC News), во Кремљ за рускиот претседател Владимир Путин се подготвува психолошко досие на неговиот американски колега Доналд Трамп.
Во него се истакнува дека американскиот претседател е претежно „човек кој презема ризик и може да биде наивен“.
„Во Кремљ се води многу сериозна подготовка, вклучувајќи документ од седум страници, во кој се опишува психолошкиот портрет на Трамп, заснован најмногу на последните два-три месеци“, изјави за „Ен-Би-Си њуз“ заменик-министерот за надворешни работи на Русија Андреј Фјодоров.
„Таквите портрети, без сомнение, се корисни“, коментира Сергеј Ениколопов, кандидат на психолошки науки, доцент на катедрата за невро и патопсихологија при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. „Кога се среќавате со човек, сакате да знаете нешто за него, за да не го навредите, за да комуницира лесно со него, да не го поставувате против себе, ами кон себе“, вели во интервју за Газета.ру експертот.
„Сите преговори се градат на тоа што секоја од земјите што се среќаваат знае нешто за другата“, посочува Ениколопов.
„Пред секој состанок, не само во Кремљ, ами и во Белата куќа, а и каде и да било на друго место, каде што се водат преговори, се обидуваат да направат некаков психолошки портрет на идниот соговорник за да се сфатат неговите односи со луѓето што го опкружуваат , да се направат претпоставки дали тој е доверлив или не. Сликата се прави врз основа на статии за дадениот човек, на негови текстови, искази и биографија. Ова се тривијалните карактеристики кои велат: еве, овој човек е таков“.
Експертите почнаа да прават портрет на милијардерот-републиканец уште за време на предизборната кампања. Од самиот почеток Трамп беше опишуван како најнеобичен политичар во историјата на САД. Неговиот необичен и по форма, и по содржина начин на зборување, гестикулација, навиката прво да каже едно, а потоа - целосно спротивно нешто - сето тоа ги натера психолозите да се замислат каков е ексцентричниот милијардер.
Во почетокот на ноември експертите од московска консултантска група за надворешна политика го претставија извештајот насловен како „Следниот претседател на САД: професионални профили на Хилари Клинтон и Доналд Трамп“, во кој тие се обидоа да го постават психолошкиот профил на двајцата кандидати.
„Во неговите говори врие од грешки, зборува нагло, често скока од една тема на друга, но токму овој манир се покажа како клучен за неговата популарност“, вели за „Руска реч на македонски“ аналитичарот од групата за консултации за надворешна политикаОљга Ребро.
Според психолошкиот цртеж, Трамп комбинира развиено чувство за интуиција и остар стремеж да биде прагматичен, карактеристика која најсилно исплива на површината во последните фази на неговата кампања.
„Трамп може да не е толку паметен, како што тој вели дека е, но категорично тој е попаметен отколку што многумина мислат“, заклучува Ребро.
Рускиот телевизиски канал НТВ го цитира мислењето на психолозите за Трамп. Психологот Лена Фејгин наведува дека врз Трамп не треба да се врши притисок. „Кај луѓе од типот на Трамп притисокот предизвикува отпор“, вели таа. При тоа, според нејзините зборови, на таков човек може да му се верува. Покрај тоа, истакна таа, Трамп може да го промени своето мислење.
Некои западни експерти му припишуваат на претседателот на САД нарцисоидно растројство на личноста. Хауард Гарднер, психолог од Харвард, вели дека Трамп е „неверојатно нарцисоиден“. Џорџ Симон, клинички психолог, кој води семинари за манипулативно однесување, наведува дека Трамп е „толку класичен [пример] што ги архивирам неговите видеа за да ги користам на работилници, бидејќи нема подобар пример [за нарцизам]“.
„Не треба да се обрнува внимание на секакви разговори за тоа дали тој е здрав или не“, вели Сергеј Ениколопов. „Тоа го зборуваат оние што изгубиле. Ќе се навредите, ако вашите професионални квалитети бидат поврзувани со надворешните податоци, нели? Секако. Затоа оставете го Трамп на мир“, советува Ениколопов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче