За што можат да разговараат Путин и Трамп?

Ројтерс
Јавноста во Русија е живо заинтересирана каков резултат може да има „одмрзнувањето“ на односите со САД кое се очекува по доаѓањето на власт на Доналд Трамп. Многумина нагодуваат за кои конкретни прашања и под кои услови Москва и Вашингтон можат да најдат заеднички јазик. „Руска реч на македонски“ со помош на експертите направи список на овие прашања и на можните патишта за нивно решавање.

„Руска реч на македонски“ издвои пет прашања кои се актуелни на светската политичка сцена, а за кои САД и Русија можат да постигнат договори. Експертите, меѓутоа, истакнуваат дека во голем број од случаите тоа нема да биде воопшто лесно.

1. Борба против радикалните исламисти и ситуацијата на Блискиот Исток

Русија и администрацијата на Трамп се свесни за заедничките опасности што со себе ги носи исламскиот екстремизам на Блискиот Исток, пред сè во редовите а ИДИЛ, како што се свесни и за потребата од заедничко дејствување во борбата против оваа опасност. Експертите очекуваат дека наскоро оваа свест ќе биде преточена во активно заедничко спротивставување на Москва и Вашингтон на екстремистите во Сирија. Јуриј Рогуљов, директор на Фондот за проучување на САД при Московскиот државен универзитет, во интервју за „Руска реч на македонски“ вели дека постојат темели за ваква соработка. Имено во Сирија веќе работат групи руски и американски стручњаци за смирување на спротивставените страни, воспоставени се линии на врски и воените ресори на двете земји веќе почнаа да разменуваат податоци.

За соработката на Москва и Вашингтон во оваа сфера придонесува и новиот пристап на Доналд Трамп кон сириската криза, изјави за „Руска реч на македонски“ Дмитриј Суслов, политиколог од Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“. Претходниот на Трамп, Барак Обама, како главен проблем ја доживуваше личноста на сирискиот лидер Башар ал Асад, додека Москва, напротив, отсекогаш се спротивставувала на симнувањето на претседателот на Сирија. Овие несогласувања ја оневозможуваа заедничката борба против исламистите. Но, сега администрацијата на Трамп најверојатно нема да инсистира на заминување на Ал Асад како предуслов за политички процес во Смирија, смета аналитичарот. Ова ќе им овозможи „на Русија и на САД да воспостават практична воена соработка и да ги збијат редовите во рамките на решавањето на сириската криза по политички пат“.

Од друга страна, според Алексеј Фененко, соработник на Институтот за светска безбедност при Руската академија на науките, Трамп во поглед на сириската криза ќе дејствува поинаку од Обама, но сепак во текот на преговорите „ќе се обиде да ѝ наметне на Русија сириска власт без Ал Асад“. За Москва тоа е неприфатливо, зашто со тоа „би се обезвреднила целата операција“ на РФ во Сирија.

2. Попуштање на затегнатоста на подрачјето на Балтикот и на Црното Море

Администрацијата на Трамп ќе го замрзне процесот на ширење на својата воена инфраструктура во рамките на НАТО на територијата на Источна Европа, конкретно во Полска и во балтичките земји, тежнеејќи да „не допушти никаков конфликт“ со Русија, смета Суслов. Тој не ја исклучува можноста Вашингтон од таа причина малку да ги „заузди“ своите источноевропски сојузници во нивното провокациско однесување кон Москва.

Русија, од своја страна, во иднина ќе избегнува повредување на воздушниот простор на земјите од НАТО и ќе се откаже од летови без вклучени транспондери, а може да се согласи и на други слични мерки. „Ситуацијата во областа на европската безбедност нема да биде решена, но ќе дојде до деескалација, што Трамп ќе може да го прикаже како своја надворешнополитичка победа“, смета експертот.

3. Украинската криза

За време на мандатот на Трамп, Русија и САД можат да пронајдат решение за украинската криза. Трамп ја доживува Украина како проблем и не носи политичка одговорност за настаните од 2014 година, поради кои беше сменета власта во Киев, објаснува Суслов. „Администрацијата на Трамп јасно става на знаење да го исполни својот дел од договорот од Минск“, смета експертот. Ова ќе му одговара на пристапот на Москва, зашто Кремљ, како што е познато, редовно констатира дека властите во Киев не се подготвени да го реализираат договорот од Минск. Украинскиот парламент сè уште го нема одобрено политичкиот дел од овој договор.

Од друга страна, тешко дека одлука поврзана со Украина ќе биде донесена во блиска иднина. Како што истакнува Алексеј Чеснаков, директор на Центарот за актуелна политичка состојба, во САД допрва ќе се формира надворешнополитички тим на новата администрација, така што нему ќе му биде потребно време да навлезе во срцевината на проблемот. Освен тоа, администрацијата на Трамп засега нема дефинирана надворешнополитичка доктрина.

За решавање на украинската криза исто така е потребно Москва и Вашингтон на ист начин да ја согледуваат иднината на уредување на Украина, уверен е политикологот. Русија ја поддржува идејата за федерализација на Украина, со желба тоа да биде држава во која правата на регионите би биле јасно формулирани и добро заштитени. САД ја поддржуваат сегашната власт во Киев која зборува за демилитаризација на земјата, но инсистира на принципот на унитарност на државното уредување на Украина.

4. Контрола на нуклеарното вооружување

САД и Русија можат да се обидат да постигнат некаков договор за контрола на нуклеарното вооружување, сметаат експертите. Според Фененко, тоа е едно од најактуелните прашање на билатералните односи.

САД сепак тоа го доживуваат како многу поголем проблем одошто Русија, смета Василиј Кашин, соработник на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања при Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“. Вашингтон има задача да спроведе сеопфатна модернизација на целата нуклеарна тријада, која практично не е обновена од завршувањето на Студената војна. Тоа е скап проект кој чини стотици милијарди долари. Освен тоа, САД сакаат да го зајакнат и своето воено присуство во Тихиот океан, со оглед на сè поголемата воена моќ на Кина, а тоа исто така чини многу.

Кашин смета дека Трамп, доколку сака да ги реализира обата проекти, ќе мора да го намали бројот на воените бази на САД во другите региони на светот, и воедно ќе се обиде да постигне договор со Москва за намалување на нуклеарното оружје. Со тоа би се намалиле и трошоците за модернизација на американскиот нуклеарен потенцијал. Од друга страна, на Москва ваквото намалување сега не ѝ одговара, зашто во Русија веќе неколку години интензивно се спроведува програмата за модернизација на нуклеарното вооружување. „Јасно е дека овој договор за контрола на вооружувањето не ѝ е потребен на Русија, а ним им е потребен. Тоа значи дека тие треба нам за возврат да ни понудат многу“, уверен е експертот.

5. Антируски санкции

Но Трамп во замена за намалувањето на рускиот нуклеарен арсенал засега има понудено само ублажување на санкциите што ѝ се воведени на Москва поради украинската криза. Според руските експерти, тоа е очигледно несразмерна понуда.

Во тој контекст, како што истакнува Рогуљов, Трамп навистина покажува дека е „генерално расположен“ за подобрување на економските односи со Русија и се откажува од санкциите но не треба да се очекува дека тие набргу ќе бидат укинати. Трамп и понатаму ќе ја користи оваа тема на преговорите со Русија, обидувајќи се за возврат да добие нешто од Москва.

Постои мислење дека Вашингтон во принцип не е подготвен да ги укине санкциите. „Укинувањето на санкциите би значело дека САД го признава поразот. Тоа би изгледало како отворено американско повлекување“, вели Фененко за „Руска реч на македонски“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња