Русија и Кина против ПРО на Корејскиот полуостров

Александр Крјажев / РИА Новости
На 12 јануари Москва и Пекинг се договорија да преземат заеднички дејствија против поставувањето на системот на противракетна одбрана на САД на Корејскиот полуостров. Според експертите, овој систем за ПРО може да боде преквалификуван од одбранбен во офанзивен, а Вашингтон ги принудува Русија и Кина на соработка во противракетната сфера.

Заменк-министрите за надворешни работи на Русија и на Кина на 12 јануари се договорија да го зачуваат стратешкиот биланс на силите во Североисточна Азија и заеднички да се спротивстават на системот за противракетна одбрана на САД THAAD, кој се поставува во Јужна Кореја.

Ова го соопштува новинската агенција Интерфакс.

Како што сметаат во Министерствата за одбрана на РФ и на Кина, можноста и потенцијалот на глобалниот систем за ПРО на САД, и нејзиниот европски дел, ја надминуваат потребата од заштита.

Како што изјави првиот заменик на началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот Виктор Познихир, Северна Кореја се наоѓа на почетокот на патот на создавање балистички ракети, а Иран, против кој, според Вашингтон, е насочен европскиот елемент за ПРО на САД, не може да претставува закана по склучувањето договор за развој на нуклеарната програма на Техеран.

„Под изговор за одбрана од севернокорејска и иранска 'ракетна закана' се поставува систем кој во прв ред е насочен за борба со руските и со кинеските ракети“, вели Познихир.

Од што е составен системот за ПРО на САД на Корејскиот полуостров

„Одлуката за поставување систем за ПРО на САД беше донесена пред три години за заштита на Јужна Кореја од својот северен сосед. Станува збор за голем противракетен комплекс кој може да уништи балистички ракети на почетниот стадиум од летот“, вели за „Руска реч на македонски“ раководителот на школата за ориенталистика при научно-истражувачкиот универзитет Виша школа за економија Алексеј Маслов.

Според него, системот THAAD е проект на американската компанија Локхед Мартин и е наменета за ракети со мал дострел (до 500 километри).

„Комплексот ќе биде поставен непосредно на границата со Северна Кореја. Притоа дел од елементите ќе бидат поставени насреде Јужна Кореја. Фактички ќе бидат изградени неколку линии за одбрана“, забележува Маслов.

Како што додава тој, радиолокацискиот систем на комплексот ќе може да ја набљудува територијата на 1.000 километри во радиус и ќе опфаќа дел од териториите на Русија и на Кина.

Притоа во вооружувањето на THAAD ќе бидат поставени американски зенитни ракетни комплекси Патриот, а исто така и системот Aegis Ashore со универзални лансири МК-41 за противракетите ЅМ-3.

Како што подвлече експертот, ракетите можат да уништат сателит на околуземната орбита на Земјата.

Од што се штитат Русија и Кина

„Кина и Русија се незадоволни од тоа што Американците го поставуваат системот со досег на воената инфраструктура на нашите земји, наместо заедно да работиме на севернокорејскиот проблем“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот експерт на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Како што забележува тој лансирите МК-41 може да бидат вооружени не само со противракети од типот ЅН-3, ами и со крилати ракети од типот Томахавк со дострел од 2.500 километри. Со тоа, противракетниот комплекс од одбранбен ќе стане офанзивен.

Што ќе прават Русија и Кина

Според Сафонов и Маслов, Вашингтон ги тера Москва и Пекинг на изградба на заеднички систем за противракетна одбрана.

„Со Кинезите имавме низа преговори во врска со тоа и сега земјите работат на концепт на заеднички дејствија. Исто така се водат разговори за спроведување на билатерални вежби на стручњаците за противракетна одбрана – треба нивната работа да се доведе до ниво на автоматизам“, додава Сафонов.

Сепак, сите аналитичари не сметаат дека Русија ќе гради агресивна политика за противдејствие на системот за ПРО на САД во Јужна Кореја. А, најважно, Москва нема да поставува на Далечниот Исток дополнително вооружување, „да ги насочува“ своите ракети на елементите на THADD и на каков било начин да ги заострува односите со Сеул.

Вакво мислење за „Руска реч на македонски“ даде главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.

„Самиот систем THAAD во Јужна Кореја не е стратешки, ами оперативно-тактички. Тој не носи директна закана за Русија, а нашите ударни сили и средства се поставени на растојание кое значително ги надминува неговите можности. THAAD претставува главоболка за Кина со нејзините стратешки нуклеарни средства, кои, сепак, се многу ограничени по своето количество и по можностите“, вели експертот.

Според него, кинеското раководство, во прв ред, директно ќе се договара и ќе се пазари со САД за овој проблем. А, разработката на противракетен концепт заедно со Русија за Кина е резервна варијанта.

„Во однос на Северна Кореја, Москва ќе ги турка политичко-дипломатските, а не воените методи. Ние ќе се обидеме да ги обновиме шестстраните преговори за нуклеарната програма на Пјонгјанг со учество на водечките светски држави“, додава Мураховски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња