Палмира е во рацете на ИДИЛ: стратешки пораз или тактички пропуст?

Палмира

Палмира

AP
Терористите во Сирија ја искористија ситуацијата околу Алепо и нанесоа удар во тилот на руските и сириските војници. ИДИЛ повторно ја окупира Палмира - град кој е дел од културното наследство на УНЕСКО. Значи ли тоа дека активностите на руските вооружени сили во регионот беа залудни?

Бунтовниците од Исламска држава (ИДИЛ) во неделата (11 декември) воспоставија контрола врз Палмира, објави гувернерот на провинцијата Хомс Талал Барази. Напредувањето на терористите започна во четвртокот на фонот на успесите во Алепо - 93% од градот веќе е под контрола на сириската влада.

Во врска со борбата на бунтовниците руските ВКС требаше итно да го пренасочат своето внимание кон Палмира.

Во ноќта на 10 наспроти 11 декември како резултат на бомбардирањето на руската јуришна и стратешка авијација (во операцијата се вклучија бомбардери Ту-22МЗ) се уништени над 300 терористи, 11 тенкови и борбени машини на пешадијата, соопшти руското Министерство за одбрана.

Воените лица појаснија дека ИДИЛ во борбите за Палмира имал над 4.000 терористи, како и реактивна артилерија, оклопна техника и автомобили, натоварени со експлозивни материјали.

Удар по престижот

Древниот град беше ослободен од ИДИЛ на 27 март 2016 година со поддршка на руските војници - оваа операција беше претставена како еден од главните резултати на сириската кампања на Русија. Во амфитеатарот изграден од Римјаните во II век од н.е., Симфонискиот оркестар на Мариински театар одржа свечен концерт под диригентската палка на Валериј Гергиев.

Повторната загуба на Палмира нанесе удар на престижот на Русија, изјави во интервју за агенцијата Интерфакс поранешниот началник на Генералштабот на руските сили генерал Јуриј Балуевски. Тоа е тактички, а не стратешки пораз, реплицира експертот од НИУ „Високата школа за економија“ Андреј Суздаљцев. Според него тоа нема да влијае на текот на граѓанската војна во целина.

„Сега противниците на Русија во странство си замислуваат дека Москва ги оставила работите да си врват сами по себе. Но и Западот нема со што да се пофали во борбите за Мосул. Прашање е како нашите и странските политичари ќе ги поделат картите“, вели Суздаљцев за „Руска реч на македонски“.

Зошто падна Палмира?

Според Јуриј Балуевски, Палмира стасала во рацете на терористите, бидејќи раководството на руските ВКС станало помалку будно - ваков потег од страна на ИДИЛ требало да биде предвиден. „Сиријците можеби ги немаат можностите со кои располагаме ние. Но, ние каде гледавме, па [терористите] да ја заземат Палмира?“, запраша генералот.

Освојувањето на Палмира од страна на ИДИЛ се должи на хуманитарната пауза, сметаат воени експерти. „Разбирам дека треба да се обезбеди безбедноста на населението, тоа да биде изведено од областите во кои се одвиваат борбените дејства. Но, додека оваа хуманитарна пауза трае со недели, терористите ги обновуваат своите сили“, истакна Балуевски.

„Постојаното примирје овозможува на терористите да ги прегрупираат силите, да ги обноват резервите, комуникациите, а потоа да стапат во офанзива“, вели воениот набљудувач на весникот Известија Дмитриј Сафонов во интервју за „Руска реч на македонски“.

При последната хуманитарна пауза Алепо го напуштија над 1.500 луѓе, потсети Сафронов и истакна дека, судејќи според сè, поголемиот дел од нив се терористи од ИДИЛ. „Тие не заминаа за Ирак или во Турција - тие останаа во Сирија“, смета експертот.

Кога ќе биде вратена Палмира?

Балуевски претпоставува дека руските и сириските воени лица ќе ја вратат контролата над градот. Според Сафонов борбите за Палмира ќе се претворат во „крвопролевање“, бидејќи руските фронтовски бомбардери нема да нанесуваат удари по станбените области во градот - само по предградијата, каде најверојатно се извлекуваат терористите од ИДИЛ.

„Борбата повторно ќе се води во рамките на границите на градот. Станбените области на Палмира се прошарани од згради со малку катови кои се густо изградени и за секој квадратен километар земја ќе треба да се плати со крв на сириските војници и на мирните жители, кои терористите ги користат како жив штит“, истакна Сафонов.

Врвот на воените дејствија ќе настапи во средината на декември и ќе трае до крајот на јануари, прогнозира за „Руска реч на македонски“ шефот на Центарот за воени прогнози и дописен член на Академијата за воени науки Анатолиј Циганок. „Потоа во средината на март во Сирија ќе започнат силни песочни бури, кои во голема мера ќе го забават текот на воените дејствија во градот и во неговите предградија“, истакна тој.

Според експертот во истиот период на 2016 година раководството на ВКС значително го намали бројот на летовите на фронтовата авијација и испратило техниката за одржување.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.