Од што всушност умрел Ленин?

Ројтерс
Научниците изнесуваат нови верзии за вистинските причини за смртта на една од најпознатите политички фигури на XX век – „вождот на револуцијата“ Владимир Ленин. Нашата колешка разговараше со експертите за новите верзии.

Тајната за смртта на Владимир Ленин, идеологот и организаторот на револуцијата од 1917 година во Русија, основач на СССР и творец на првата во историјата социјалистичка држава, и досега не им дава мир на научниците. И до денес многу документи се скриени со шифра „тајно“.

Според официјалната верзија политичарот долго време боледувал од тешка атеросклероза на садовите на главниот мозок, што било причина да добие мозочен удар. „Исклучително чуден феномен е степенот на церебрална атеросклероза со изразена калцификација на церебралната артерија“, коментира за „Руска реч на макдонски“ Филип Маковјак, професор од Медицинскиот центар во Балтимор, Мериленд. „Особено ако се земе предвид дека Ленин не бил склон на болести на крвните садови на мозокот. Тој не бил пречувствителен, немал дијабетес и не пушел“, додава тој.

Постојан стрес и чудна смрт

Историчарите посочуваат дека сериозните проблеми со здравјето на Ленин се појавуваат кон 1921 година. Во тоа време граѓанската војна која започнува во Русија по револуцијата, веќе е завршена со победа на Црвената армија. Во земјата царува глад и беда. Вождот почнува да страда од постојана главоболка, несоница и да добива напади.

Кон 1922 година неговото здравје се влошува - почнуваат проблеми со растројство на говорот и на пишувањето, десниот дел на телото му е парализиран. Советскиот водач умира во 1924 година на 53 години. Утврдено е дека пред смртта имал неколку мозочни крварења, но причините за нив и досега не се утврдени.

Група научници во која влегуваат санктпетербургскиот историчар и новинар Лев Лурје, неврологот од Универзитетот Калифорнија Хари Винтерс и доктор Филип Маковјак, се збунети од фактот дека садовите на главниот мозок на шефот по неговата смрт практично се скаменети. Според информации на очевидци при обдукцијата при чукање со пинцета по мозочните садови се слушал ѕвон. Долго време причината за тоа не може да биде утврдена.

Парализа поради мутација

Во 2011 година, д-р Синтија Хилар во еден свој труд претпоставува дека причината за предвремена атеросклероза кај Ленин се крие во мутацијата на генот NT5E. Научниците претпоставуваат дека најверојатно во организмот на политичарот се случиле мутации и како резултат на тоа започнала парализа, а на крајот настапува и прерана смрт.

„Претпоставуваме дека Ленин страдал од ретко растројство, најверојатно наследено од татко му, кој, се чини, починал при слични околности. Можно е неговата улога на водач на светската револуција исто така да имала значење за развојот на предвремената атеросклероза на садовите на главниот мозок“, размислува Маковјак.

Историчарот Лурје не исклучува причините за смртта на Ленин да се и од друг карактер. Во книгата „22 смрти, 63 верзии“ тој разгледува уште неколку можни хипотези. Меѓу нив е труење на шефот, по наредба на Сталин. Лурје смета дека Сталин бил добар изведувач и одржувал добри односи со Ленин, додека не почнал да претендира за сопствената политичка улога.

Историчарот раскажува дека во најтешките периоди на болест Ленин се обраќал на Сталин и барал од него отров. Тој ветил дека ќе најде и дека ќе му даде цијанид. Ова е зафиксирано во многу документи. Сепак токсиколошки анализи со кои би се открил отров во организмот на Ленин не биле направени.

Според друга верзија на историчарот постои веројатност сифилис да бил причината за смртта на Ленин. Факт е дека дури и по објавувањето на официјалната причина за смртта - атеросклероза на садовите - некои лекари биле повикани повторно за да побараат друга болест. Болести кои се пренесуваат по полов пат, според мислењето на Лурје, можеле да предизвикаат мозочен удар. Само што, како што тврди Винтерс, симптомите на водачот и резултатите од аутопсијата ја демантираат оваа теорија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња