Во Владивосток на 2 септември се отвора Источниот економски форум, на кој учество ќе земат рускиот претседател Владимир Путин, премиерот на Јапонија Синѕо Абе и претседателот на Јужна Кореја Пак Кин Хе. Притоа кинеската делегација е предводена од пониско поставен претставник, односно од земеник-претседателот на постојаниот комитет на Секинеското собрание на народни претставници Чен Чанжи, соопштува рускиот бизнис-весник „Комерсант“. Згора на тоа, според податоците на весникот, во работата на форумот нема да земат учество дури ни првите луѓе на провинциите Ѕилин и Хејлунцјан кои се граничат со Русија.
Според експертите, ова значи дека Русија ја диверзификува својата азиска политика и се обидува да привлече инвестиции не толку од Кина, колку од другите азиски земји. „Дискусијата за голем број договори со Кина што го видовме во последниве години не ги донесе оние позитивни резултати за кои се надеваа руските власти“, вели аналитичарот ГК TeleTrade Михаил Поддубски. Од своја страна наспроти форумот во Владивосток владата на Јапонија објави соопштение за тоа дека за неа е приоритетно да даде економска поддршка на Русија, дури и ако притоа не биде решено територијалното прашање за Курислските острови.
Во моментов Руско-јапонскиот бизнис-совет има создадено пул на руски инвестициски проекти за заедничка разработка со јапонските партнери, и денес повеќе од 200 руски компании учествуваат во оваа работа, вели за „Руска реч на македонски“ претседателот на советот Алексеј Репик. Според него „постојано внимание на развојот на b2b-соработката посветува и јапонскиот премиер Синѕо Абе“. „Постојано работи руско-јапонската бизнис-платформа каде се решаваат конкретни прашања што се појавуваат во заедничката работа на бизнисмените од двете земји“, вели тој.
Од друга страна, во работата во кинескиот правец препрека прават неколку фактори. „За Кина главен проблем е видливото забавување на извозните гранки“, вели советникот за макроекономија на генералниот директор на „Откритие Брокер“ Сергеј Хестанов. Според него, во овој контекст не е за чудење што кинеската делегација на Источниот економски форум е составена од лица од втор ред. „Кинезите како трговски партнер пред Русија се покажаа како жестоки преговарачи“, додава тој. Всушност, за спогодбата потпишана со Гаспром за испорака на гас во Кина беа потребни 9 години, пред да се потпише договор за намери.
„Кина сега се концентрира на прашањето за потпишување на договор за трговија и инвестиции со САД. Освен тоа, земјата повеќе се подготвува за самитот Г-20“, вели началникот на управата за операции на рускиот пазар на хартии од вредност при ИН „Фридом Финанс“ Георгиј Вашченко. Самитот Г-20 ќе се одржи веднаш по рускиот форум на 4 и 5 септември во кинескиот град Хангжу.
На претходниот форум во Владивосток беа потпишани 80 инвестициски договори на вкупна сума од 1.3 билиони рубли (20 милијарди американски долари), меѓу кои и за изградба на Амурската фабрика за преработка на гас со можност од 49 милијарди кубни метри гас годишно, а исто така и за двојно зголемување на гасоводот Северен тек од Русија во Западна Европа по дното на Балтичкото Море. „Главната цел на Источниот економски форум е да се поддржи интересот на странските партнери за руските проекти“, вели Сергеј Хестанов. Според финансискиот аналитичар на ГK „Финам“ Тимур Нигматулин, на форумот можат да бидат склучени рамковни договори и договори за намери. Вкупно ќе бидат претставени не помалку од 30-35 крупни проекти, додава тој.
„Форумот е важен на политички план како демонстрација на подготвеност на странските инвеститори да дојдат во Русија“, вели Георгиј Вашченко. Според него, на азиските пазари односот кон руските проекти е поблагопријатен одошто на Запад. На форумот, меѓу другото, ќе бидат демонстрирани и иновациски проекти, а на странските инвеститори ќе им бидат понудени за продажба хартии од вредност на познати компании од Кина и Јужна Кореја, додава тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче