Социолошките служби неретко објавуваат анкети во кои во врска со исто прашање се сложуваат точно половина од граѓаните на Русија. Доколку на Гугл напишете „секој втор Русин“, тогаш може да најдете и мошне неочекувани резултати. Судејќи според колективниот портрет, херојот на социолошките анкети е мошне милитаристички расположен, но може да го исплашите со суеверија.
Социолозите дојдоа до заклучок дека дури и по 25 години Русинот не заборавил колку му било добро во земјата која повеќе не постои. Денес половина од граѓаните на Русија сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз. Притоа, враќањето во социјалистичкиот систем ги претполага сите негови атрибути – планска економија и, секако, истиот тој Сталин.
Секој втор (52%) е подготвен да ги замени пазарните односи и приватната сопственост за економија која ја планира и ја распределува државата. Речиси исто толку (54%) имаат позитивни чувства кон водачот на народите и се восхитуваат на неговата мудрост. Впрочем, притоа околу половината од Русите ги сметаат сталинските репресии за злосторство.
На ова се додава и силната армија, за која се залага добра половина од жителите на Русија. Затоа тие немаат ништо против нејзиното влијание во општеството да биде засилено. Та, непријателите не спијат: секој втор (48%) во Русија смета дека воен напад е реален. Можен е, па затоа тие се за цензура на Интернетот и сметаат дека посебно внимание треба да се обрне на странските новински сајтови – кој знае што можат таму да напишат.
Затоа кон оние што биле на власт на залезот на Советскиот Сојуз или по неговото распаѓање, секој втор нема никакви топли чувства: 47% сметаат дека првиот и единствен претседател на СССР (1990-1991) Михаил Горбачов (кој беше прогласен за таткото на гласноста и на демократските реформи) не направил ништо добро за својата држава, а првиот претседател на РФ Борис Елцин создал криза во земјата (50%).
Од друга страна, можеби тагата по советското минато е длабоко заседната во срцата на половината од Русите, но современа Русија тие ја гледаат како голема држава. Вака сметаат точно 50% од испитаниците.
Кризата што падна на нејзините кревки плеќи, секој ја има почувствувано на себе и има преминато на поевтини производи. Русите се исто така загрижени поради тоа што луѓето осиромашуваат, и дека дефолтот од 1998 година може да се повтори и во 2016 година.
Но, половината од жителите на Русија веруваат дека Владата располага со реален антикризен план, па затоа се подготвени да ги трпат санкциите – во името на надворешнополитичкиот курс кон Донбас, за кој сметаат дека е верен.
Како што се гледа, секој втор не го следи курсот на доларот, не користи смартфон, ами едноставни (и евтини) гаџети со минимален број функции. А, доколку е потребен одмор, тука е дачата. Таму го има минато својот одмор и минатата година.
А, секој втор кој оди некаде на одмор, ги „чисти“ собите откако ќе замине. Најверојатно тоа помага да се надмине кризата. Може да се земе што и да е – некој зема работи од бања, бањарки и нешто од минибарот, а особено дома се носат закачалки, батерии од далечинскиот управувач или се одвртуваат светилките од ламбите.
Но, секој втор на животот гледа позитивно. Русите се уверени дека лесно може да се најде работа доколку бидат отпуштени, а истата нема да биде полоша од претходната. Тоа не ги плаши.
Со истата леснотија тие се однесуваат кон непризнаените држави – доколку тие сакаат да бидат независни, нека бидат. Според нивното мислење, независни треба да бидат Јужна Осетија, Абхазија, Приднестровје и Нагорно Карабах. Правото на самоопределување го почитува секој втор.
Згора на тоа, доколку нешто се случило, тоа е Божја волја – во предопределениот животен пат верува секој втор. И, кога сме тука, религиозните чуда, според нив, се реално нешто, исто како што се реални вештерките. Затоа секој втор најверојатно ќе се исплаши да биде проколнат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче