Се обединуваат ли екстремистите против РФ

AFP/East News
Лидерот на Ал Каида ги повика екстремистичките групи да ги надминат внатрешните несогласувања, да ги обединат своите сили и заедно да се спротивстават на Западот, на Русија, на Сирија и на Иран. Сепак, можноста за тоа екстремистите да успеат да заборават на противречностите што ги разединуваат и да настапат како заеднички фронт, предизвикува сомнеж.

Со повик за обединување на силите на исламистите излезе лидерот на Ал Каида Ајман Завахири. Како што соопштува новинската агенција Ројтерс, неговата изјава во неделата, на 1 ноември, беше објавена на еден од сајтовите поврзан со екстремистичката организација.

„Американците, Русите, Иранците, Алавитите и „Хезболах“  се обединуваат во војна против нас. Навистина ли не можеме да ја прекинеме војната меѓу нас и да ги насочиме заедничките сили против нив?“, изјави Завахири. Не е јасно кога е дадена оваа изјава, но споменувањето на РФ укажува на тоа дека видеообраќањето било снимено по 30 септември 2015 година, кора Русија ја започна воената операција во Сирија.

На прашањето за тоа колку се реални перспективите за обединување на екстремистите не постои директен одговор. Од една страна, последниве години во редовите на радикалите на Блискиот Исток постојат внатрешни конфликти. Од друга, Ал Каида ја менува формата на своето дејствување, зачувувајќи голем потенцијал и привлечност во очите на членовите на други екстремистички групи. Ова може да биде привлечно за сплотување под нејзино водство на други радикални исламисти.

Пусто обраќање

На обединувањето на радикалните организации на Блискиот Исток му пречи контролата на финансиските приливи, која особено се засили во последниве години поради економската криза. Исламистите имаат и многу идеолошки и религиозни разлики. Елена Супонина, специјалист-ориенталист при Рускиот институт за стратешки истражувања во интервју за „Руска реч на македонски“ го нарече повикот на лидерот на Ал Каида „пусто обраќање“.

Притоа во самиот повик за борба со САД, Русија и со останатите „неверници“ нема ништо ново. Како што забележува Сергеј Демиденко. Експерт-ориенталист при Институтот за стратешки оценки и анализа, во концепцијата на радикалните исламисти Западот и Русија се таканаречени „земји на војна“, со кои треба да се води постојан џихад. На оваа линија исламистите се придржуваат во однос на сите свои противници.

Мобилизација на Ал Каида

Сепак, постои мислење дека повикот на Завахири претставува обид на Ал Каида да „собере поени“ од екстремистите од Исламската држава, како своевидна реакција на Ал Каида на изјавата на членовите на ИДИЛ за тоа дека тие го собориле рускиот авион над Синајскиот Полуостров.

Ал Каида се обидува да се мобилизира, да излезе на преден план во борбата и да добие некакви пoени“, изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на Центарот за анализа на блискоисточните конфликти при Институтот за САД и Канада Александар Шумилин. Според него мобилизациските сили на Ал Каида имаат многу проблеми за оние сили кои се борат со исламистите во Сирија и во Ирак, а исто така и со напад на териториите на западните земји и на Русија.

Закана за Русија

Мислењето на експертите за тоа дали војниците на Ал Каида ќе ги обединат своите сили со најмоќната регионална група Исламска држава се разликуваат. Од една страна на ова му пречи непомирливоста и радикализмот на ИД, а исто така и ривалството на лидерите на екстремистичките организации, со оглед на тоа што ИДИЛ на почетокот беше огранок на Ал Каида.

Од друга страна, уште не почетокот на септември Завахири изјави дека неговата организација не ја признава ИДИЛ, но е подготвена да ги здружат силите во борба против Западот. За вакво обединување може да придонесе измената на формата на делувањето на Ал Каида. Според Владимир Сотников од Институтот за ориенталистика на РАН, во последниве години организацијата станува помалку централизирана структура, ја зголемува самостојноста на регионалните оддели. Ова на последниве им овозможува поактивно да склучуваат ситуациски алијанси, меѓу кои и со ИДИЛ, при што тие од регионална структура на Ал Каида стануваат сериозна закана за сите противници на екстремистите, меѓу кои и на Русија. Експертот претпоставува дека во РФ постојат скриени келии кои се поврзани со Ал Каида. „Преку Авганистан и Пакистан определени ресурси доаѓаат до радикалните исламисти во Русија, пред се на Северен Кавказ“, изјави Сотников. Во врска со тоа тој подвлекува дека напади можат да бидат извршени не од некакви испратени војници, а од страна на оние екстремисти што веќе се наоѓаат во РФ. Во врска со тоа експертот потсетува на двојниот терористички напад во Волгоград во 2013 година, чии извршители беа поврзани со една од ирачките терористички групи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.